1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ова не е сообраќаен хаос, ова е анархија

Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Ерол Ризаов
6 декември 2022

Блокадите на сообраќајниците се претворија во терор со тешки социјални, економски,и многу други последици кои го надминуваат правото на протест. Надлежните институции треба да го ослободат Скопје. Пишува Ерол Ризаов

Сообраќајниот хаос во македонскиот главен град продолжи и на почетокот на неделаваФотографија: Petr Stojanovski/DW

Илјадниците граѓани заглавени со денови во јавниот сообраќај во главниот град  повеќе не ги интересира кој е виновен за ограничување на нивното слободно движење. Тие бараат заштита од државата на основното човеково право. Блокадите на сообраќајниците се претворија во терор со тешки социјални, економски, безбедносни, здравствени и многу други последици кои го надминуваат правото на протест. Ова веќе не е сообраќаен хаос, туку анархија.

Надлежните институции на системот се должни во најкраток рок да ги преземат сите законски мерки и да го ослободат Скопје и неговите жители од обрачот на самоволие и окупација на главните сообраќајници. Надлежни инститиуции се владата, општинските раководства, обвинителствата, судовите и сообраќајната полиција. Велам анархија затоа што блокадите на човековите права станаа правило за посегнување по деградација на државата. За најобична  судска постапка за неплатени побарувања, наместо судот, правдата ја земаат во свои раце разни здруженија и личности кои делат своја правда јавно поддржани од политички партии и центри на моќ кои со злоупотреба на правото на протест тероризираат илјадници граѓани нанесувајќи огромни штети и општо незадоволство што веројатно е и крајната цел на вистинските организатори и потикнувачи на хаосот кои редовно се иницирани и осмислени  во партиските штабови. 

Повеќе од авторот:Мацедонише цуштенде, Хер Штаjнмајер

Блокиран системот на владеење на правото

Повеќедневната блокада на сообраќајниците во Скопје е последица на повеќе години блокираниот систем на владеење на правото. Ако е блокирано работењето на највисокиот закондавен дом, ако е блокиран уставниот суд поради блокираното Собрание да не може да функционира од партиската опструкција на избор на уставни судии, ако се блокираат стотици закони и одлуки кои директно наштетуваат на интересите на граѓаните и на државата почнувајќи од социјална помош до остварување на стратегиските државни интереси и меѓудржавни договори, ако се блокира работата на училиштата со закани од бомби, ако се блокираат патишта во целата земја поради толкување на правдата по урнекот на Дивиот запад, ако се преговара со часови со таквите самоповикани делители на правдата да се дозволи движење на странски државници како што беше случај со претседателот на Германија, тогаш тоа веќе станува анархичен систем каде сѐ е дозволено надвор од законот со лажно претставување дека се работи за демократско право да се запре крвотокот на државата.

Ерол Ризаов, автор на колумнатаФотографија: privat

Замислете, ако на истиот начин со блокади почнат да бараат решенија компании, било приватни било државни кои имаат со години ненаплатени побарувања. На пример да излезе механизацијата на градежните компании и да ги блокира општините должници. Тоа би значело блокада на целата држава оти прашање е дали воопшто постои општина со уредно подмирени долгови.

Повеќе од авторот:Паразити, крлежи и други гадинки

Ако бидат блокирани, односно исклучени од напојување на електрична енергија сите институции и фирми кои не ги плаќаат своите сметки со месеци ќе завладее целосен застој во сите сфери на животот. Се разбира, тоа најмалку значи дека оштетените компании треба да ги опростат своите побарувања и самите поради тоа да се најдат во тешка ситуација, па и тие да западнат во долгувања, или банкротства, туку напротив тоа значи дека правната држава е таа која мора да го обезбеди функционирањето на поредокот.

Граѓаните очекуваат интервенција на владата

Случајот со јавниот превоз во Скопје е директна последица на нефикасноста на правниот поредок и на партиско политичките замешателства кои, во крајна линија, имаат за цел да предизвикаат граѓанско незадоволство. За жал, успеваат во тоа само поради погрешното толкување на демократијата која повеќе се подразбира како анархија отколку како владеење на правото.

Кај нас штом се спомне владеење на правото тоа се поврзува само со организираниот криминал и високата корупција. Другите илјадници предмети кои со децении стојат нершени во судските депоа кои силно ги нарушуват правата на граѓаните, на приватните компании и на државата е дефектот во темелот на еден систем врз кој не може да се изгради демократско општество со јасни права и обврски. 

Повеќе од авторот: Разговори од црната кутија

Сообраќајниот хаос во Скопје и штетите кои се направени досега и големото незадоволство на граѓаните ги надмина рамките на меѓусебните обвинувања на релација, градско собрание, градоначалник, јавното сообраќајно препријатие, здржението на приватните превозници и  политички партии. Тоа е еден ист круг на припадност на една политичка партија, ВМРО- ДПМНЕ.

Во тој маѓепсен круг е налудничаво да се очекува некакво решение. Граѓаните очекуваат повисоките државни инстанци, кои во вакви ситуации на нефункционалност на општините ги имаат сите механизми и законски надлежности да ги преземат работите во свои раце и да го ослободат градот. Во спротивно натамошните блокади на градскиот сообраќаен крвоток кои веќе не можат да се игнорираат, или да се подведат во демократски права на протести, кои ги нарушуваат правата на огромно мнозинство ќе паднат на товар на владата и на институциите на системот.

Скопјани и не само тие, сите кои со часови револтирани чекаат во колоните возила, или се малтретираат во време на пандемија и грип во турканиците на градските автобуси тоа го очекуваат од владата. Попуштањето само со исполнување на барањата на тие што го направија овој хаос би била најпогрешната одлука ако не уследи судска брза и праведна разврска. Решителната интервенција на владата за воспоставување на редовниот сообраќај е тоа што го очекуваат граѓаните. На потег се владата и институциите на ситемот да изнајдат брзо и праведно решение. 

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми