1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Ова не се обични избори“ - главна порака на опозицијата

13 октомври 2025

Во резултатите од локалните избори, опозициските партии гледаат влог за предвремени парламентарни избори.

Изборна кампања во Северна Македонија, луѓе со развеани знамиња
Во последната седмица од кампањата пред гласањето на 19-ти октомври, локалните избори уште позасилено добиваат значење какво што немале во претходни изборни циклуси на локално нивоФотографија: Petr Stojanovski/DW

Во последната седмица од кампањата пред гласањето на 19-ти октомври, локалните избори уште позасилено добиваат значење какво што немале во  претходни изборни циклуси на локално ниво.

За опозицскиот СДСМ ова не се обични избори, туку морална и историска битка за Македонија, а за  ДУИ имаат значење на референдум – и исто така, не „обичен“, туку „историски“.

„Ова не се обични избори, ова е морална битка за Македонија“, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче  од Струмица, општина која од партијата ја сметаат за бастион на социјалдемократите.

„Ова е тест за зрелоста на нашето општество. Ова е избор помеѓу два различни света, два пата кои водат на сосема различен правец. Две различни иднини за Македонија (...) Оваа битка не е само политичка. Таа е морална и таа е историска. Ова е борба за еднаквост, за правда, за човеково достоинство. За Македонија што се обединува, не што се дели“, рече претседателот на  СДСМ.

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче  од Струмица: Ова е избор помеѓу два различни света, два пата кои водат на сосема различен правец, Две различни иднини за Македонија Фотографија: Petr Stojanovski/DW

„Оттука (Струмица - н.з.) тргнаа политичари кои ја менуваа државата“, потенцираше Филипче, по што камерите меѓу присутните го прикажаа  поранешниот претседател на СДСМ и премиер, Зоран Заев.  Случајно или не, тој не беше во првиот ред меѓу присутните, а на крајот со аплауз и крената тупаница го поздрави обраќањето на Филипче.

Историски референдум

За аналитичарите не е изненадувачки што опозицијата ги издигнува  локалните избори  на ниво на „историски“ и притиска за поголема мобилизација со цел да оствари подобри резултати од ланските, бидејќи очекуваат тие да бидат првата јавно потврдена „анкета“ за тоа чиј рејтинг расте или паѓа.

Очекувањата се кренати на максимум и кај ДУИ, партијата предводник на Националната алијанса за интеграција (НАИ).

„На референдумот оваа недела, на 19-ти октомври ќе се случи народ (...) кога нашиот народ ќе ја изрази својата волја преку еден историски референдум“, порача потпретседателот на ДУИ, Арбер Адеми.

„Гласањето оваа недела е повеќе од обичен референдум. Тоа е плебисцит, преку кој народот силно ќе го манифестира своето спротивставување на опасните политички платформи кои имаат за цел политичка асимилација на Албанците и ревизија на колективните права стекнати со многу жртвувања во изминатите децении. Нашиот народ ќе им одгвори на овие мрачни планови, покажувајќи дека нема да дозволи никој да ја избрише нашата политичка опција за еднаквост и правична застапеност“, рече Адеми.

Од ДУИ резултатите од изборните ги гледаат како влог за  предвремени парламентарни избори,  со нивни прогнози дека тие би се одржале напролет.

„Напролет мора да одиме на вонредни избори, кои ќе се одржат во духот на легитимитетот и националната гордост“, порача вчера од Гостивар, претседателот на ДУИ,  Али Ахмети.

Градење алиби

Извори од албанскиот блок сметаат дека наративите на ДУИ „за легитимитетот“, однапред вградуваат „алиби“ за изборен пораз во некои општини. Ја посочуваат изјавата на Ахмети од митингот во Боговиње, каде тој нагласил дека кандидати во Струга, Тетово и Чаир се поддржани од Мицкоски.

„Како може градоначалникот на Тетово да биде избран, ако гласовите ѝ припаѓаат на другата заедница“, прашал Ахмети.

„Забрането ли е Македонци да гласат за кандидат Албанец и обратно? Каде го пишува тоа - во Изборниот законик?“ Така ли се гради интеграција?“, коментираат нашите соговорници.

Во забелешките на Ахмети, тие препознаваат подготовка за следно ламентирање по легитимитетот - да се тврди дека опонентите не победиле со гласови на Албанците, за тоа да стане нова „причина“ за премерување на силите на централно ниво.

Ќе заборават на парламентарни избори

Претходно, очекување за предвремени парламентарни избори искажа и кандидатот на НАИ за градоначалник на Скопје, Скендер Реџепи, во интервју за РСЕ.

„Јас длабоко верувам дека после локалните избори Националната алијанса за интеграција ќе добие во сите општини и со тоа државата ќе биде принудена да оди на нови парламентарни избори. Ве уверувам дека освен градска власт ние ќе имаме и централна власт“, изјави Реџепи.

Прашан - на кои податоци го темели таквиот оптимизам – тој се повика „на реалноста“.

„Сите анкети покажуваат дека ние ќе бидиме длабоки победници во албанските општини и при таква ситуација неминовни ќе бидат нови парламентарни избори. Ден денеска во власта Албанците се претставени од едно малцинство претставници Албанци, а во иднина тоа малцинство ќе биде уште помало. Така што верувајте дека граѓанскиот притисок во државата ќе ја принуди државата да одиме на нови парламентарни избори и тогаш кохезијата меѓу локална и централна власт ќе биде многу лесно изводлива“, смета Реџепи.

Вицепремиерот и кандидат за градоначалник на Чаир, Изет Меџити: Нема потреба да правиме дополнителни трошоци за предвремени парламентарни избориФотографија: Ministerium für Umwelt und Raumplanung, Nordmazedonien

Коментирајќи претходни слични изјави, вицепремиерот и кандидат за градоначалник на Чаир, Изет Меџити, пред неколку дена ја отфрли таквата можност.

„Некој сака да лаже, да го мотивира својот електорат дека ова се локални избори и по локалните избори ќе одиме на парламентарни избори. Мислам дека кога овие луѓе од НАИ/АКИ ќе ги видат резултатите од локалните избори, ќе заборават на парламентарните избори“, изјави Меџити.

Потенцираше дека Владата има и легитимитет, но  задачи и програма  пред себе.

„Нема потреба да правиме дополнителни трошоци за  предвремени парламентарни избори“,  оцени Меџити.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми