Ози Озборн: Принцот на темнината е мртов
23 јули 2025
Џон Мајкл „Ози“ Озборн е роден на 3 декември 1948 година во Бирмингем, во британскиот Западен Мидлендс. Така, подоцнежниот „Кум на хеви металот“ пораснал во уникатен музички биотоп: меѓу безбројните таканаречени „Бирмингемски бендови“ имало и титани на хард рокот како што се Лед Цепелин.
Кога Озборн го напуштил училиштето на 15 години, тој започнал разни обуки кои никогаш не ги завршил. Се обидел да работи како водоводџија или изработувач на алати. Работел во кланица и во мртовечница. Во еден момент Ози - прекар кој го добил од соучениците - завршил во затвор шест недели поради кражба.
Во 1968 година, Озборн, кој станал познат како пејач во неколку локални блуз бендови, формирал група наречена Полка Талк Блуз (Polka Tulk Blues) со басистот Гизер Батлер, гитаристот Тони Ајоми и тапанарот Бил Ворд. Набргу потоа го смениле своето име во Ерт (Earth), а на крајот станале Блек Сабат (Black Sabbath).
Пробив со „Sabbath Bloody Sabbath“
Како Битлси, кои беа рано влијание врз Озборн, и членовите на бендот Блек Сабат свиреле серија тричасовни концерти во Стар-клубот во Хамбург. Притоа, тие сè повеќе го усовршувале својот нов хеви рок звук.
Откако обезбедиле договор за снимање, Блек Сабат ги претставија своите рани хеви метал-рокрифови и темни, окултни текстови, испеани од нивниот ексцентричен, долгокос фронтмен, во 1970 година на две изданија: деби албумот Блек Сабат и легендарниот албум Параноид. И двата албума се продадени во над милион примероци. Во 1973 година, со објавувањето на албумот Сабат блади Сабат, бендот стана светски познат, а особено Озборн стана суперѕвезда.
Озлогласена злоупотреба на дрога
Бендот практично бил постојано на турнеја, а Озборн западнал во зависност од дрога и алкохол. Подоцна, самиот се сеќаваше како ги завршувал своите настапи со шише жесток алкохол и апчиња за спиење. Остатокот од бендот, исто така, земал дрога, кон крајот на 1970-тите години, кога Озборн често бил премногу пијан за да вежба, а камоли да пишува нови песни, изданијата на бендот значително се намалија.
Во 1979 година, Озборн беше отпуштен од членовите на бендот Блек Сабат поради неговата прекумерна злоупотреба на дрога. Меѓутоа, за разлика од другите англиски рок легенди како Џон Бонам - тапанарот на Лед цепелин (Led Zeppelin), кој почина во 1980 година на 32-годишна возраст од злоупотреба на алкохол - Озборн бил решен да се излечи од својата зависност. „Денот кога бев исфрлен од Сабат беше најлошиот ден во мојот живот“, рече тој во едно интервју во 1980-тите години. „Но, гледајќи сега назад, тоа беше веројатно најдоброто нешто што ми се случило.“
Легендарното каснување на лилјак
Озборн навистина успеа да ја остави својата зависност од дрога зад себе. Тој се врати на нозе - и на сцената. Во неговата многу успешна соло кариера што следеше, тој продуцираше дванаесет албуми. До моментот на неговата смрт, тој продаде над 40 милиони плочи.
Првиот соло албум на Озборн, Близард оф Оз (Blizzard Of Ozz), со синглот Крејзи трејн на американскиот Топ десет во 1981 година, беше петпати награден со платински тираж.
Една година подоцна, многу тетовираниот пејач, чиј стил осцилираше помеѓу гламур и готика, стекна дополнителна слава: на турнејата во САД, тој ја откина главата на жив лилјак на сцената. Озборн тврдеше дека мислел дека е играчка. Но, колку е веродостоен некој кој наводно ги отсекол главите на два гулаба една година претходно, во присуство на ПР менаџер од ЦБС-Рекордс?
Назад во црно
Во 1997 година, Озборн повторно се приклучи на бендот на кој му го должеше својот демонски имиџ. Истата година, Блек Сабат свиреа на Ozzfest - метал фестивал кој Озборн го основаше една година претходно со својата сопруга и менаџерка Шерон. Тој остана лојален на Блек Сабат сè додека не го снимија својот последен студиски албум, 13, во 2013 година. Четири години подоцна, бендот настапи заедно за последен пат во нивниот роден град Бирмингем.
Ози Озборн стана еден вид карикатура на остарен рокер на почетокот на 2000-тите, кога се согласи да учествува во ријалити ТВ-шоу со своето семејство, кое тогаш живееше во Лос Анџелес. „Озборнови“, исто така, ги претстави Кели и Џек, две од трите деца на Озборнови. Кога Ози Озборн, на врвот на својата слава во ријалити ТВ, се појави со својата сопруга Шерон во шоуто на Џеј Лено во 2005 година, тој изјави: „Веќе не пушам, не пијам алкохол, не земам дрога. Денес сум прилично здодевен“.
„Straight to Hell“: Музички камбек во 2020 година
На почетокот на 2019 година, Озборн падна во својот дом во Лос Анџелес додека се опоравувал од тешка пневмонија. „Сега имам повеќе навртки и шрафови во мене отколку во мојот автомобил“, рече тој по операцијата на 'рбетот. Мораше да помине неколку месеци лежејќи.
Сепак, тоа не го спречи да се занимава со музика, меѓу другото и со Елтон Џон. Во јануари 2020 година, тие издадоа заеднички сингл Директно во пеколот (Straight to Hell), песна од дванаесеттиот соло албум на Озборн, прв по десет години. Се вика Обичен човек (Ordinary Man). Насловот звучи како чиста иронија, бидејќи Ози Озборн никогаш во својот живот не бил обичен човек. Озборн постојано истакнуваше дека сите тие дроги и алкохол сигурно го убиле пред неколку децении. Сега „Кумот на металот“ почина на 76-годишна возраст - само неколку недели откако, веќе сериозно болен од Паркинсонова болест, го одржа својот многу фален проштален концерт во Бирмингем.