Отсуството на поголеми чекори за елиминирање на корупцијата и измените на Кривичниот законик ја намалија оценката за Северна Македонија.
Реклама
„Циклични хибриди“ - во оваа група е сместена Северна Македонија во најновиот извештај на Фридом Хаус „Нации во транзит 2024". Според оценката, таа е меѓу земјите во кои редовните промени во владејачката елита предизвикуваат недостиг на значајни структурни промени и каде ривалските партии, во кои доминираат личностите или личните определби на нивните лидери, постојано ги политизираат и заробуваат слабите институции. Она што ја отсликува оваа категорија е „комбинацијата на политички плурализам и површни институционални промени“.
„Во Северна Македонија, надежите што се зголемија во 2017 година по соборувањето на антидемократскиот премиер Никола Груевски допрва треба да се остварат“, се вели во извештајот.
„Ниту Груевски, ниту неговите најблиски соработници не беа изведени пред лицето на правдата за нивните злоупотреби на функцијата пред 2017 година. Уште полошо, со контроверзните измени на Кривичниот законик во 2023 година се намалија казните за таквите злоупотреби предизвикувајќи да бидат отфрлени знаменити случаи, додека јавноста веќе се оптоваруваше од фатални корупциски скандали во здравствениот сектор“, се вели во Извештајот.
Никола Груевски: како реформаторот стана бегалец
Од надежен реформатор, преку корумпиран автократ до бегалец од правдата. Поминаа 20 години од стапнувањето на политичката сцена до бегството во Унгарија. Политичката кариера на Никола Груевски низ фотографии.
Фотографија: Getty Images/AFP/D. Dilkoff
Референдумска битка
Кариерата на Груевски во политиката започна во првата влада на ВМРО-ДПМНЕ, предводена од Љубчо Георгиевски, во 1998. како министер за трговија, а продолжи како министер за финансии. Но искачувањето до врвот на македонската политика, Груевски го започна во 2004., по неуспешниот референдум против територијалната поделба, откако претходно успешно го одбрани партискиот престол во хотелот Панорама.
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/S. Ilic
Преродбата во 100 чекори
На парламентарните избори во 2006 ВМРО-ДПМНЕ предводена од Груевски извојува убедлива победа. Младиот технократ ветуваше економска преродба на земјата и брзо членство во ЕУ и НАТО. Граѓаните му ја дадоа довербата на гласањето на 5 јули, но ретко кој очекуваше дека Груевски неограничено ќе владее и во следните 10 години.
Фотографија: AP
Поддршка од Западот
Младиот премиер во првите години уживаше голема поддршка од меѓународната заедница и особено од сестринските партии во Европа. Веќе во октомври 2006. беше пречекан во Берлин од канцеларката Ангела Меркел со воени почести. Западните политичари во него гледаа надеж за земјата и за регионот и пресврт од дотогашната националистичка политика.
Фотографија: AP
На крилата на поразот од Букурешт
Преродбата на Груевски продолжи на изборите во 2008 година кои ги доби со огромно мнозинство благодарение пред сѐ на националистичката кампања која во прв план го имаше фијаското на Самитот на НАТО во Букурешт и паролата „името не го даваме“. Оттогаш започна и непреченото владеење на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ.
Фотографија: AP
Скопје 2014
На крилата на големата изборна победа, Груевски го стави во погон проектот „Скопје 2014“. Целта беше да „се зајакне“ идентитетот на народот и да му се покаже на светот дека Македонците не се дрво без корен. Исходот: потрошени речиси 600 милиони евра народни пари на споменици и неокласични објекти кои завршуваа во џебовите на фирми блиски до ВМРО-ДПМНЕ.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Партнерот во сенка
На претседателските избори во 2009 година победата на Ѓорге Иванов ја заокружи комплетната контрола на власта на ВМРО-ДПМНЕ. Иванов ќе биде реизбран во 2014 година и до денес ќе остане верен следбеник на својот политички ментор- Груевски. На поддршката ќе возвраќа повеќепати, прво со општата аболиција во 2016 година, а потоа и со одбивањето да му го даде мандатот на Заев во 2017.
Кога во февруари 2015. Заев започна да ги објавува прислушуваните материјали, Груевски беше на зенитот на својата моќ - неприкосновен во партијата и државата. Серијата протести таа година го потресоа, но не го загрозија посериозно. Дури откако се вмеша и меѓународната заедница, а Иванов мораше да интервенира со аболиција, граѓаните масовно почнаа да излегуваат на улиците во Шарената револуција.
Фотографија: DW/K. Ozimec
Новата ера (не) започна
Тешкиот пораз на ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори во 2017, значеше и крај за Груевски на чело на партијата. Новата ера која ја најавуваше, не се случи. Она што од денешен аспект е интересно, е средбата со Орбан во септември 2017 во Охрид, на која наводно и паднала понудата за азил од страна на унгарскиот премиер. По неколку месеци на чело на партијата Груевски беше заменет од Христијан Мицкоски.
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski
Лице од потерница
Откако пресудата за двегодишната затворска казна во случајот „Тенк“ на СЈО стана правосилна, се очекуваше Груевски да се јави на издржување на казната. Но, тој се јави на Фејсбук од Будимпешта од каде порача дека „ќе остане верен на каузата на Македонија“. МВР, веројатно задоцнето, одлучи да трага по експремиерот со потерница.
Фотографија: Innenministerium der Republik Mazedonien
Наследството на Груевски
Дали Никола Груевски ќе биде испорачан назад во Македонија каде се соочува со уште четири судски процеси, во моментов може само да се шпекулира. Зад себе остава долго досие на злоупотреби и криминал, и држава која во последните години од неговото владеење се најде во изолација и беше предмет на жестоки критики и потсмев во демократскиот свет.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
10 фотографии1 | 10
Во него се нотира и дека имало поларизирачка парламентарна дебата за уставните амандмани кои се услов за интеграцискиот пат на земјата во ЕУ.
Чекор напред, два назад
Ова објаснува зошто во Извештајот на Фридом хаус“ од 2024 година оценката за Северна Македонија бележи опаѓање - од ланската 3.86 на 3.79.
Од оценуваните седум категории нема промени во оценката за пет - национално демократско владеење, изборен процес, граѓанско општество, независни медиуми и локално демократско владеење, а падот се нотира во две категории - судска рамка и независност, и корупција.
Земјите се оценуваат со оценка од 1 (авторитарен режим) до 7 (консолидирана демократија).
За потсетување, Северна Македонија во Извештајот од 2023 година доби оценка 3.86 за демократски прогрес, и тогаш бележеше напредок во споредба со 2022 година, кога таа оценка била 3.82. Последната оценка за РСМ сега е пониска од онаа што ја имала во 2022 година.
„За разлика од Украина или Молдавија, Северна Македонија не презеде големи чекори за елиминирање на корумпираните мрежи“, се вели во Извештајот, со потсетување дека моќта продолжила да осцилира меѓу коалициите на исти групи партии, како што тоа го правело со децении.
Во него се нотира и дека националистичката партија на Груевски ја опструирала работата на парламентот додека била опозиција и се фаворизирала да победи на претседателските и парламентарните избори во 2024 година.
Реклама
Назадувања и во регионот
Назадувањето е видливо и во регионот, каде пад на оценката бележат четири земји од Западен Балкан. Оценката за Црна Гора паднала од 3.79 на 3.75, за Босна и Херцеговина од 3.21 на 3.18, а најголем пад бележи Србија - од 3.79 на 3.61. Од земјите во регионот непроменета останала оценката во однос на претходната година за Хрватска, Косово и Албанија.
Според извештајот на Фридом хаус“ 11 земји се во кaтегоријата хибридни режими, но и тие не се униформни, бидејќи ги карактеризираат разлики.
Северна Македонија е во групата циклични хибриди заедно со БиХ, Црна Гора, Албанија и Ерменија, за разлика од Косово, Украина и Молдавија кои се во групата демократизирачки хибриди. Србија, Унгарија и Грузија се во групата автократизирачки хибриди.
Во Извештајот, кој ги разгледува настаните од 2023 година, авторите посочуваат дека демократското владеење генерално е во опаѓање веќе 20-та година по ред, при што падот во автократии и хибридни режими е поинтензивн од подобрувањата во европските демократии (од 29 земји во 10 има опаѓање).
„Геополитчко престројување се случува во регионот на ‘Земји во транзит' при што земјите се усогласуваат во два блока: трансатлантски - продемократски блок, и блок на автократиите кои ја отфрлаат либералната демократија“, заклучуваат авторите.