1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бугарија: Ќе падне ли мониторингот за ОМО Илинден?

3 октомври 2025

Во декември годинава, за првпат по 19 години, може да се одреди датум за затворање на мониторингот за случаите „ОМО-Илинден против Бугарија“, најави бугарскиот министер за правосудство.

Парламентарно собрание на Советот на Европа во Стразбур
Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) одлучи да го затвори постмониторинг-дијалогот со Бугарија и да ги следи случувањата во земјата во рамките на своите периодични прегледиФотографија: Jean-Francois Badias/AP/dpa/picture alliance

Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) на пленарната седница во Стразбур на први октомври, по 26 години одлучи да го затвори постмониторинг-дијалогот со Бугарија и да ги следи случувањата во земјата во рамките на своите периодични прегледи.

Лидерот на ГЕРБ и поранешен премиер, Бојко Борисов, заслугите за таа одлука, исто како и за вклучувањето во Шенген и во Еврозоната - ги припиша на владејачкото мнозинство во земјата.

„ПССЕ години го укина механизмот за мониторирање на Бугарија. Две години се правеа секакви проверки, а вчера сите во Европа, со исклучок на Северна Македонија, гласаа за укинување на механизмот“, изјави лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов.

Триумфализмот на Софија не може да се смета за безусловен. Во соопштението објавено на веб-страницата на ПССЕ, се изразува загриженост за состојбата на ромското население во Бугарија и се повикува на континуирани напори за негово вклучување, како и за извршувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), по одбивањата за регистрација на здруженија на лица кои искажуваат македонска етничка самосвест.

„ПССЕ ги повика властите да ‘продолжат да соработуваат со Комитетот на министри на Советот на Европа со цел да се постигне опиплив напредок во извршувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права', особено во однос на случаите што се однесуваат на реформата на судството, присилните иселувања и уривањето на куќите на Ромите и одбивањата за регистрација на здруженија на лица кои ја искажуваат Македонската етничка самосвест“, се вели во соопштението на ПССЕ.

Лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, заслугите за одлуката на ПССЕ, како и за вклучувањето во Шенген и во Еврозоната, ги припиша на владејачкото мнозинство во БугаријаФотографија: Nadezhda Peeva/BGNES

Во декември - и за ОМО Илинден

Сепак, бугарскиот министер за правосудство, Георги Георгиев, за време на вчерашната седницата на Народното собрание, најавил поинаков можен исход.

„Во декември оваа година, за првпат по 19 години, може да се одреди датум за затворање на мониторингот за групата случаи ‘ОМО Илинден против Бугарија' од страна на Комитетот на министри на Советот на Европа“, ја пренесе БТА изјавата на министерот Георгиев.

БТА наведува дека во средината на септември, министерот за правда лично учествувал на седница на Комитетот на министри, на која се дискутирало за постигнатиот напредок на  Бугарија и за групата случаи „ОМО-Илинден против Бугарија“.

„Во усвоената резолуција се вели дека се признава суштествениот напредок постигнат во спроведувањето на оваа група случаи, и се смета дека не се потребни дополнителни одделни дејствија во однос на општите мерки според одлуките на ЕСЧП“, наведува БТА.

Усвоената резолуција се темели на извештајот на Дебора Бергамини (Италија, EPP/CD) и Ив Крухтен (Луксембург, SOC).

Министерот за правда на Бугарија, Георги Георгиев (во средина, со очила), изјави дека „во декември оваа година, за првпат по 19 години, може да се одреди датум за затворање на мониторингот за групата случаи ‘ОМО Илинден против Бугарија' од страна на Комитетот на министри на Советот на Европа“Фотографија: BGNES

Право на здружување, не и на признавање

Од март до септември годинава, бугарското Министерство за правосудство подготвило и објавило упатства регистрација на здруженија, како и за обука на над 150 судии и службеници за регистрација.

„Случаите се однесуваат само на заштитата на правото на здружување, а не и на признавањето на македонското малцинство во Бугарија, како што искривено се разскажува случајот од политичари од Република Северна Македонија", го пренесува БТА објаснувањето на министерот.

За паѓање на мониторингот врз Бугарија поддршка дале 44 од 45 држави-членки. Против гласале тројца пратеници од Македонија, а единствена „воздржана“ била актуелната пратеничка на ПП-ДБ и поранешна бугарска министерка за правосудство, Надежда Јорданова.

„Мотивите на политичарите од РСМ се јасни. Не се јасни мотивите на бившата правосудна министерка Надежда Јорданова, која не го поддржа паѓањето на мониторигот врз државата и е единствената што гласаше ‘воздржано'", изјавил Георгиев, со оценка дека нејзиното поведение е необјасниво.

Мотивите на Јорданова, според нејзините искажувања, се поврзани со продлабочување на проблемите со владеењето на правото во Бугарија.

За паѓање на мониторингот врз Бугарија поддршка дале 44 од 45 држави-членки (фото: зградата на Советот на Европа во Стразбур)Фотографија: Dwi Anoraganingrum/Panama Pictures/picture alliance

Зошто заврши мониторингот?

ПССЕ во соопштението го поздравува фактот што Бугарија ја надминала политичката криза и нестабилност - илустрирана со седум последователни предвремени парламентарни избори одржани помеѓу 2021 и 2024 година - и формирањето коалициска влада во јануари 2025 година. Се поздравува реформата на Законот за кривична постапка и уставните измени што ги ограничуваат овластувањата на Обвинителството, мерките преземени за борба против корупцијата на високо ниво и усвојувањето на Законот за борба против корупцијата, усвојувањето на Законот за заштита на дојавувачите и измените на Законот за јавни набавки со цел обезбедување поголема транспарентност. Исто така, се наведува дека Бугарија „значително ја подобрила својата рамка во однос на слободата на изразување“ и презела голем број мерки за борба против говорот на омраза и насилството врз жените.

„Од соопштението на Советот на Европа станува јасно дека укинувањето на мониторингот врз Бугарија било мотивирано од работи што всушност не се случиле“, пишува порталот „Медиапул.бг.“, потсетувајќи дека судската реформа била поништена.

„Уставниот суд ги поништи сите значајни промени во Обвинителството, а пратениците сè уште не можат да го изберат новиот состав на Антикорупциската комисија. Собранието сè уште не презело никакви мерки за заштита на новинарите, вклучително и закон против SLAPP – делата. Постојат многу сериозни аргументи дека привремениот главен обвинител Борислав Сарафов е незаконски, нема контрола врз прислушувањето, судиите масовно бегаат од тешки случаи или без основа ги држат луѓето во притвор. Административните органи на судството служат трет мандат без да бидат избрани за втор“, се дел од наводите на порталот за „напредокот“ на Бугарија. 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми