1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Инфлацијата во септември се спушти на 6,6%

ДТЗ
9 октомври 2023

Според Државниот завод за статистика инфлацијата во септември се намали на 6,6 проценти, споредено со 8,3 проценти во август. Но, трошоците за живот и понатаму го празнат истенчениот семеен буџет на граѓаните.

паричник
Падот на инфлацијата не се чувствува на испразнетиот паричник - трошоците за живот само растатФотографија: K. Schmitt/Fotostand/imago images

Инфлацијата во септември се спушти на 6,6 проценти, но трошоците за живот и понатаму го празнат истенчениот семеен буџет на граѓаните. Иако нивото на инфлација во септември 2023 продолжи да се намалува во однос на август кога беше 8,3 проценти, сепак трошоците на живот во однос на септември минатата година бележат зголемување од 6,6 отсто, а цените на мало од 4,7 отсто. 

Во септември најмногу поскапеле јајцата, сирењето, месото, шеќерот, чоколадите, кафето, рибата и морските плодови, а скокнале и цените кај рестораните, кафулињата, поскапеле игрите, моторните возила, накитот и часовниците. 

„Пораст на индексите на трошоците на животот во септември 2023 година, во споредба со претходниот месец, е забележан кај жестоките пијалаци за 2,3 отсто, јајцата за 2,0 отсто, виното за 1,9 отсто, сирењето и урдата за 1,2 отсто, месото, шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи за 1 отсто, кафето, чајот, какаото за 0,9 отсто , рибата и морските плодови за 0,7 отсто, лебот и житата за 0,6 отсто, прехранбените производи неспоменати на друго место за 0,5 отсто“, информираше Државниот завод за статистика. 

Владата донесе листа на производи со „гарантирана цена“, за кои тврди дека нема да поскапуваат, но и листа на производи за кои цените рипнаа преку ноќ, поради зголемувањето на ДДВ од 5 на 10 проценти. Ваквата одлука ја бранеа со образложението дека станува збор за производи коишто се штетни за здравјето на граѓаните и не се неопходни за секојдневна употреба. Сега се најавува и нов пакет на антикризни мерки. 

Во септември најмногу поскапеле јајцата, сирењето, месото, шеќерот, чоколадите, кафето, рибата и морските плодови...Фотографија: Fabian Sommer/dpa/picture alliance

Нов пакет мерки 

„Владините мерки за справување со инфлацијата досега се проценуваат на над 700 милиони евра, а наскоро ќе биде објавен и нов пакет на антикризни мерки за поддршка на ранливите категории граѓани и фирми. Нашата заложба е целосно надминување на глобалните инфлаторни предизвици и донесување на инфлацијата на историските ниски нивоа од околу 2 проценти“, вели министерот за финансии, Фатмир Бесими во објава на „Фејсбук“. 

Според податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС), трошоците на живот во септември 2023 година, во споредба со претходниот месец, се намалиле за 0,1 отсто, а цените на мало за 1 отсто. Намалување на индексите на трошоците на живот во септември 2023 година, во споредба со претходниот месец, е забележано кај свежото и разладеното овошје за 2,7 отсто, маслото и маснотиите за 1,7  отсто, свежиот и разладениот зеленчук, освен компирите и другите коренести плодови за 1,3 отсто и млекото за 0,4 отсто“.

Намалена инфлација кај храната 

Министерот за економија, Крешник Бектеши е уверен дека во континуитет, секој месец, ќе има намалување на инфлацијата, посебно во делот на храната. И покрај предвиденото зголемување на ДДВ-то тој е убеден дека „нема шанси да порасне инфлацијата во делот на храната“.

„Ниту еден од производите со „гарантирана цена“ нема да има ДДВ поголем од пет отсто', изјави Бектеши по конференцијата  „Македонска економија-довербата расте“.  Според него, цената на овие основни прехранбени производи може да биде само дополнително намалена, но никако и зголемена. 

Според него, има простор за дополнително намалување на цената на основните прехранбени производи до крајот на ноември и декември.  

Премиерот Димитар Ковачевски вели дека Северна Македонија има најголема листа на производи, вкупно 1.600, со повластена стапка од пет отсто. Тоа се сите основни производи што се користат во најголеми количини и во најголем број од граѓаните. Според него, производите кои се сметаат за луксузни и оние што не се сметаат за основни во најголем дел од домаќинствата, а дел од нив и не се толку здрави, како чипсот, се исто така со повластена стапка од 10 отсто. 

Целта што ја постави Владата за пет отсто инфлација до крајот на годината, според него, е остварлива. Потренцираше дека инфлацијата и трошоците за живот имаат надолен тренд. 

„Ние сме држава со најниска стапка на ДДВ во регионот. Во Грција е 21 процент, во Србија и Албанија 20 отсто, во Хрватска 25 проценти, а Северна Македонија има основна стапка на ДДВ од 18 отсто“, вели премиерот.  

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми