1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КатастрофиПакистан

Пакистан: Смртоносен пожар во Карачи

СН/дв | агенции
19 јануари 2026

Пожар во трговски центар во Карачи, Пакистан, беснееше повеќе од 24 часа. Најмалку 11 лица загинаа, додека 60 и натаму се водат како исчезнати.

Пожарникари гасат голем пожар во трговски центар во Пакистан. Пред опожарената зграда се собрани десетици луѓе.
Противпожарните служби соопштија дека недостатокот на вентилација во зградата предизвикал густ чад во трговскиот центар, што ги попречувало спасувачките напори.Фотографија: Rizwan Tabassum/AFP/Getty Images

Во текот на викендот, голем пожар уништи трговски центар во најголемиот град во Пакистан, Карачи, при што загинаа најмалку 11 лица.

Денеска започна потрагата по повеќе од 60 исчезнати лица, додека спасувачите извлекоа уште тела од зградата во текот на ноќта.

Што се знае за пожарот во трговскиот центар во Карачи?

Пожарот во повеќекатниот комплекс Гул Плаза избувна доцна во саботата и гореше повеќе од 24 часа пред пожарникарите да можат да го изгаснат.

Спасувачките служби соопштија дека првиот повик оти приземјето на трговскиот центар гори го добиле во 22:38 часот по локално време (18:38 часот по средноевропско време) во саботата.

Пожарот во трговскиот центар Гул Плаза беснееше повеќе од 24 часаФотографија: Ahmad Kamal/Xinhua News Agency/picture alliance

Кога пожарникарите пристигнале, пожарот веќе се проширил на горните катови.

Трговскиот центар има речиси 1.200 продавници. Според д-р Абид Џалал Шеик, раководител на службата за спасување во градот, пожарот многу брзо се проширил на продавниците каде што се чувале козметика, облека и пластични производи.

Противпожарните служби изјавија дека недостатокот на вентилација во зградата создал густ облак од чад во трговскиот центар, што им го отежнал пристапот на луѓето кои биле заробени.

Доцна во неделата, се урнаа големи делови од зградата, а спасувачите предупредија дека преостанатата конструкција може дополнително да се сруши. Причината за пожарот сѐ уште не е позната, а полицијата започна истрага.

Трговците ги обвинуваат властите за задоцнетата реакција

Локалните медиуми пренесоа изјави од сопственици на продавници и жители кои тврдат дека доцната реакција и недостатокот на вода и опрема го отежнале гаснењето на пожарот. 

Огорчените трговци за локалните медиуми изјавија дека пожарот уништил децении од нивната работа. 

Дел од зградата на трговскиот центар се урна како последица на пожаротФотографија: Stringer/REUTERS

Карачи веќе доживеа неколку смртоносни пожари, кои се припишуваат на лошите безбедносни прописи и нелегалната градба.

Во ноември 2023 година, десет лица загинаа во пожар во трговски центар во градот.

Најмалку 260 лица загинаа во пожар во фабрика за облека во Карачи во 2012 година.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми