Панчевски со кривична пријава за Советот на јавни обвинители
18 февруари 2026
Поранешниот судија Владимир Панчевски фрли сомнеж врз вчерашната одлука на Советот на јавните обвинители, со која ова тело даде позитивно мислење за четири пријавени кандидати за избор на нов државен јавен обвинител, но не и за Панчевски.
Советот оценил дека тој не го исполнува посебниот услов за континуиран стаж од 10 години како јавен обвинител или како судија.
Откако поради тие причини е одбиена неговата кандидатура за државен јавен обвинител, Панчевски објави документ кој покажува дека го задоволувал условот што се бара од него.
„Основниот кривичен суд Скопје потврдува дека лицето Владимир Панчевски бил во редовен работен однос на неопределено време во овој суд, на работно место - Судија од 08.02.2008 година до 28.07.2020 година и има вкупен непрекинат судиски стаж во овој суд од 12 години, 5 месеци и 20 дена. Во текот на судискиот стаж лицето Владимир Панчевски како судија постапувал во Одделението за организиран криминал и корупција, Одделот за претходна постапка и Одделот за прекршоци, а истиот беше и Претседател на Основниот Кривичен суд Скопје“, се наведува во потврдата потпишна од судски администратор на скопскиот Основен кривичен суд.
Кривична пријава
Панчевски потоа соопшти и дека поднесува кривична пријава против Башким Бесими, претседател на Советот на јавни обвинители и против сите други 9 членови на Советот за Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 ст.1 вв со чл. 22 од Кривичниот законик.
„Оваа кривична пријава е одраз на трулиот судско - обвинителски систем и предизвик Јавното обвинителство и МВР да отворат постапка по допрен глас и да расчистат со контаминираните кадри кои незаконски одлучуваат потешко повредувајки ги правата на граѓаните, носат селективна правда и го рушат угледот на судскиот систем. Ги повикувам Владата и органите на прогонот да се охрабрат и веднаш да постапат по оваа пријава за директна злоупотреба од страна на пријавените“, напиша Панчевски.
Во објавата ја посочува заменик претседателката на Советот, Маријана Илиеска, која според Панчевски, истакнала дека неговиот стаж не може да се смета за непрекинат стаж од областа на кривичното право. Но, и поради тоа што како сопруга на лице осудено за организиран криминал со пресуда на Панчевски, била должна да се изземе при гласањето како блиско лице под сомнеж за пристрасност и судир на интереси.
Широк филтер
Вчера членовите на Советот на јавните обвинители дадоа позитивно мислење за обвинителките Анита Тополова-Исајловска, Ленче Ристоска и Лидија Раичевиќ, и за судијата Ненад Савески. Оваа листа ќе биде испратена во Владата, која треба да утврди конечен предлог кој ќе го испрати до Собранието.
Советот на јавни обвинители, кој треба да биде филтер за номинирање на најдобриот кандидат за функцијата државен јавен обвинител, со даденото позитивно мислење за четири кандидати, таа задача и ја префрли на Владата. Сепак, претседателот на Советот, Башким Бесими, во ваквиот чин не гледа широко оставен простор, во кој политиката ќе го прави крајниот избор, наместо струката. Позитивното мислење за четирите кандидати, според него, се должи на тоа што сите биле успешни во работата и не можеле да издвојат некого.
„Не можевме да ги делиме, затоа што сите се по 20, 30 или 15 години обвинители (...) секој ден одат по судови, секој ден работат, предмети и затоа дадовме позитивно мислење“, изјави тој.
Извори од струката не сакаат јавно да го коментираат широкиот филтер на Советот и образложението за тоа. Но, посочуваат дека позитивно мислење за само еден кандидат, по автоматизам не значи дека другите не се квалитетни.
„Пример за тоа, е што еден од сега актуелните кандидати, Раичевиќ, не го помина филтерот во постапката во 2023 година, кога само Љупчо Коцевски доби ‘зелено светло’ од Советот. Тоа не значеше дека била неквалитетна кандидатката што тогаш отпадна. Еве, вчера доби позитивно мислење“, потсетуваат соговорниците.
Како што е познато, во декември 2023 година кога кандидати за нов државен јавен обвинител беа Љупчо Коцевски, Лидија Раичевиќ и Фатиме Фетаи, единствен што доби позитивно мислење од советот беше Коцевски. Раичевиќ не го помина филтерот, а за Фетаи не се расправаше поради нецелосно доставена документација.
Ја префрлија работата на друг
Додека во струката едни се воздржуваат од јавни коментари, адвокатот Војо Димоски јавно оцени дека немањето став на Советот сега е издигнато на ниво на уметност.
„Ако некому не му е јасно каков е штофот од кој се направени мнозинството правосудни функционери нека го погледне Советот на јавни обвинители. Тие праксата на немање став за работите денеска (17.2.2026 - н.з.) ја издигнаа на ниво на уметност. По нивната проценка четворица кандидати имаат ист капацитет, исти досега покажани резултати и исто знаење за функцијата Државен обвинител. Тоа се коси со теоријата на веројатност и со здравиот разум, ама од друга страна е сосема очекувано како избор на луѓе кои и самите се резултат на негативна селекција (...) Сега останува Владата да направи чисто политички избор помеѓу кандидатите кои Советот неправедно ги изедначи. Просто кажано: за една работа земаат плата во Советот и кога ќе дојде време да ја сработаат ја префрлаат на друг“, напиша Димоски.
А интервју?
Дел од членовите на Советот вчера истакнаа дека додадена вредност на процедурата за позитивно или негативно мислење за кандидатите, дава новиот предлог-закон за јавно обвинителство (со биографија на кандидатите, нивна програма, јавна расправа итн). Но, бидејќи тој сè уште е во фаза на предлог, Советот се води од сегашното законско решение.
Според нашите соговорници, тоа не може да биде оправдување за широкиот филтер. Посочуваат дека членот 18 став 4 од Деловникот на Советот на јавните обвинители, предвидува дека „пред да почне постапката за давање на мислење, Советот може да ги повика пријавените кандидати и да обави интервју со нив“.
Таа можност не беше искористена.