Папата Лав XIV: Не се плашам од администрацијата на Трамп
13 април 2026
Папата Лав Четиринаесетти, по големата критика од Доналд Трамп, јасно стави до знаење дека нема да дозволи да биде заплашен од американскиот претседател.
На почетокот од своето досега најдолго патување во странство низ четири африкански држави, првиот папа од Соединетите Американски Држави изјави: „Не се плашам од администрацијата на Трамп.“
Претходно, американскиот претседател го обвини Лав Четиринаесетти дека води „ужасна“ надворешна политика. Очигледно папата со своите постојани апели за крај на актуелните војни го навлече гневот на Белата куќа.
На летот од Рим кон Алжир, првата станица од неговото патување во Африка, поглаварот на Римокатоличката црква рече: „Она што го кажувам не е во никој случај напад кон кого било. Ги повикувам сите луѓе да градат мостови за мир и помирување и да бараат начини да се избегне војна.“
Лав Четиринаесетти зборуваше за време на прошетка низ авионот, кога обично се разменуваат само неколку љубезни зборови со новинарите што патуваат со него.
Папата: „Блажени се миротворците“
Изјавите на папата се исто толку необични колку и јавната критика од американски претседател – особено затоа што Трамп и други членови на американската влада често се повикуваат на христијанската вера. Без директно да се осврне на тоа или да спомене имиња, Лав рече: „Не верувам дека пораката на Евангелието е наменета да се злоупотребува на начин како што тоа го прават некои луѓе.“ На друго место додаде: „Пораката на Евангелието е многу јасна: ‘Блажени се миротворците.’“
Американскиот претседател, непосредно пред поаѓањето на папата за Африка, го обвини дека води „ужасна“ надворешна политика. На платформата Трут Соушл, Трамп напиша дека Лав Четиринаесетти дошол на функцијата само затоа што некои се надевале дека папа од САД ќе може подобро да се справува со него. „Ако јас не бев во Белата куќа, Лав немаше да биде во Ватикан.“ Тој рече дека не сака папа кој смета дека е во ред Иран да има нуклеарно оружје или кој го смета употребувањето на американската војска против Венецуела за ужасно. Лав, според него, требало подобро да користи „здрав разум“.
Сè уште нема термин за патување во татковината – САД
Папата за време на изминатиот викенд повторно побара крај на актуелните војни – не само во Украина или на Блискиот Исток, туку и на други места. Тој упати директен апел до владите: „Запрете! Време е за мир!“
Односите помеѓу поглаварот на 1,4 милијарди католици ширум светот и американскиот претседател веќе подолго време се сметаат за затегнати. Веднаш по неговиот избор во мај минатата година, Лав Четиринаесетти беше опишан како „анти-Трамп“. Оттогаш често се шпекулира за патување на првиот американски папа во својата татковина и во Вашингтон. Термин сè уште нема. Ватикан досега само појасни дека таква посета нема да се случи оваа година.