1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаГлобално

Спор околу курсот на САД: Папата Лав и претседателот Трамп

25 декември 2025

Папата Лав XIV упати остра критика кон Доналд Трамп и политиките за миграција. Како првиот американски папа го редефинира односот меѓу Ватикан и САД.

Ватикан 2025 | Папата Лав XIV доби безбол дрес на генерална аудиенција
Американец на чело на Црквата: Откако ја презеде функцијата, папата Лав XIV, според црковното броење 267-ми папа, доби бројни безбол дресови и безбол палки како подароциФотографија: Vatican Media/CPP/ZUMA/IMAGO

Кон средината на месецов Папата Лав Четиринаесетти (70) остро го критикуваше американскиот претседател Доналд Трамп (79), без да го спомене по име, или по функција. „Изјавите за Европа, меѓу кои и во неодамнешните интервјуа, според мене се обид да се уништи она што го сметам за многу важен сојуз денес и во иднина“, рече папата. Сите разбраа на кого мислеше тој.

Американски папа и американски претседател во невообичаена политичко-верска конфронтација

Констелацијата е уникатна. Од 8 мај 2025 година за првпат еден Американец ја предводи Римокатоличката црква. Со тоа Доналд Трамп, чиј втор мандат како претседател на САД започна на 20 јануари 2025 година, се соочува со друг Американец како верски поглавар и шеф на државата на Ватикан.

САД имаат околу 340 милиони жители, а католици има околу 1,4 милијарди ширум светот. На претседателските избори во САД во 2024 година, само 55 проценти од американските католици гласаа за Трамп.

Папата Лав XIV во ложата на базиликата „Свети Петар“ по неговиот избор на 8 мај 2025 годинаФотографија: Maria Grazia Picciarella/SOPA Images/ZUMA/picture alliance

Експерти долго време ја исклучуваа можноста дека, со оглед на глобалната моќ на САД, американски свештеник би можел да напредува до врвот на католичката црква. Од друга страна, по смртта на папата Франциско на 21 април 2025 година и во текот на неделите без папа, кружеа гласини дека богати, реакционерни американски католици нуделе огромни донации за Ватикан кој постојано е во тесно, само доколку следниот папа биде Американец.

Трамп за изборот на папата Лав: „Каква радост!“

Веројатно помалку го имале на ум надбискупот Роберт Превост, кој е роден во Чикаго, но со години живеел и работел во Перу. На социјалната мрежа Truth Social, Трамп брзо по изборот на Превост се огласи со коментарот: „Каква радост и каква голема чест за нашата земја“. Трамп додаде дека со нетрпение очекува да се сретне со папата Лав XIV.

14 ноември 2025 година: Во неколку наврати, полициските сили – како овде во Чикаго, родниот град на Папата Лео – употребија насилство против протестите против депортацијата, вклучително и против христијанското свештенствоФотографија: Jim Vondruska/REUTERS

Но, до таква средба сѐ уште не дојде. Трамп, кој порано бил дел од Презвитеријанската црква, сега се поима себеси како христијанин кој не е врзан за конкретна црква.

Католичките бискупи во САД остро ги осудија имиграциските политики на администрацијата на Трамп

Од есента 2025 година, Лав во повеќе наврати и прилично јасно го критикува односот на САД спрема мигрантите. Некои американски бискупи му се придружија порано, други подоцна со оглед на снимките на кои маскирани лица влечат луѓе од автомобили или од болнички ходници.

Сепак, никој не сметаше дека Конференцијата на католички бискупи на САД, која брои околу 270 бискупи и помошни бискупи, толку ќе им се спротивствави на имиграциските политики на Трамп како што се случи на средината од ноември годинава, кога беше изречена речиси едногласна и силна осуда. Бискупите ја критикуваа „климата на страв“ и „оцрнување на имигрантите“. Тие ја нагласија обврската да го кренат гласот „во одбрана на човечкото достоинство дадено од Бога“.

Невообичаена беше и формата на критиката, имено како „специјално соопштение“. За првпат по дванаесет години, бискупи зазедоа толку конкретен став за актуелно политичко прашање. Невообичаен беше и степенот до кој конференцијата го третираше прашањето и преку кампања на социјалните медиуми, во која многу бискупи лично зазедоа многу критички став.

Конзервативни бискупи во САД

Не беше очекувано такво ниво на експлицитност, бидејќи американските бискупи се во просек поконзервативни од нивните европски колеги. Тие често заземаа дијаметрално спротивен став од папата Франциско (2013-2025).

Политички, многумина покажуваат афинитети за републиканскиот табор, но не и по прашањето на доселувањето. „Бискупите тоа јасно го искажаа“, вели за ДВ теологот од Ајхштет, Бенјамин Далке. „Без оглед на тоа на кој црковно-политички правец му припаѓаат самите бискупи, консензусот од левиот до десниот спектар беше јасен“, додава тој. На бискупите им е „совршено јасно“ дека постапувањето на владата против мигрантите е делумно спротивно на законот. Теологот Далке, кој бил и визитинг професор во САД, таму спроведувал истражување за книга.

Миграцијата е главното прашање по кое црковните критики на сметка на Трамп се најдецидни. Пред гласањето на конференцијата на бискупи, имаше јасни сигнали дека папата притиска за заземање соодветен став. Полибералните бискупи во неделите што претходеа на Конференцијата беа повикани на посета кај папата. Амбасадорот на папата во Вашингтон, францускиот надбискуп Кристоф Пјер (79), е кардинал. Толку висока функција е ретка за нунциј во католичката црква, а секако не му штети на неговиот авторитет таму.

Кој го избира името на папата и зошто?

01:21

This browser does not support the video element.

Сепак, прашањето за миграцијата не мора нужно да укажува на подготвеност за конфликт по други прашања. „Папата Лав почна во септември почна поотворено да зборува за темата миграција“, посочува теологот Масимо Фаџоли за ДВ. За разлика од својот претходник, Лав е резервиран во однос на состојбата на демократијата во САД и другите региони. „Но, ќе дојде момент кога ќе мора да го адресира и ова прашање“, смета Фаџоли.

Италијанско-американскиот теолог со години предавал на американски универзитет. Летоска тој со своето семејство се преселил во Ирска и сега предава на колеџот Тринити во Даблин. Според проценките на теологот, одамна има „МАГА католици“, односно поддржувачи на агендата на Трамп „Направете ја Америка повторно голема“ кои имаат критички став спрема папата Лав. Но, тоа не е ништо во споредба со големите МАГА критики спрема папата Франциско.

„Добри вибрации“ меѓу папата и Американците

Според Фаџоли и натаму има „многу позитивни вибрации меѓу овој папа и сите Американци“, што според него ќе трае сè додека Лав не каже нешто што политички прави повеќе поделби од досега кажаното.

По голем број прашања, разликите меѓу католицизмот на МАГА и на Ватикан се огромни, вели тој. Фаџоли посочува на потпретседателот Џ.Д. Венс, кој е католик. „Венс секогаш постапува стратешки и ни малку наивно“, вели тој.

19 мај 2025 година: Потпретседателот на САД, Венс (втор од лево) и министерот за надворешни работи Рубио (лево) со папата Лав Четиринаесетти во Ватикан неколку дена по изборот на папаФотографија: Vatican Media/ABACAPRESS.COM/picture alliance

Досега очигледно избирал да не го критикува папата Лав отворено. Заедно со американскиот државен секретар Марко Рубио, кој исто така е католик, потпретседателот со амбиции да го наследи претседателот, веќе беше и во посета на папата.

Дали неупатените го преценуваат јазот меѓу претседателот и папата? Бенјамин Далке споменува „латентен антагонизам“ во врска со прашањето за миграцијата, но од друга страна и „латентно поклопување“, бидејќи двајцата за важноста на семејството и во врска со родовите прашања „одат во иста насока“.

Папата и претседателот со заеднички мајчин јазик

Фактот дека двајцата се Американци е „врска што не смее да се потцени“, нагласува Далке. Со свој сонародник човек може да комуницира на поинаков начин, отколку со луѓе од други земји - папата и претседателот имаат ист мајчин јазик.

Дали Трамп и Лав XIV ќе се сретнат во 2026 година? На неговиот повратен лет од Бејрут до Рим на почетокот на декември, папата навести дека планира да отпатува во Африка, за, меѓу другото, да го посети и Алжир. Тој ја спомена и Латинска Америка како дестинација, и експлицитно Аргентина и Уругвај. САД не беа споменати.

Што се однесува до Трамп, се чини дека за 2026 година е потврдено барем едно патување во Европа, имено германскиот канцелар Фридрих Мерц посочи дека американскиот претседател во новата година планира да го посети домот на своите предци во Калштат. Од таму Рим и не е толку далеку.

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми