1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Парализираната влада ја загрозува економијата во Германија

Дирк Кауфман
9 ноември 2024

По распадот на владејачката коалиција и излезот на ФДП од владата, прашање е што треба сега да се смени за Германија да се врати на вистинскиот економски курс?

„Семафор - коалицијата“ е историја
Владината „семафор - коалиција“ е историја, што значи тоа за економијата во Германија?Фотографија: Klaus-Dieter Esser/agrarmotive/picture alliance

„Имаме проблем“, призна минатата недела ко-претседателот на СПД, Ларс Клингбајл на јавниот сервис АРД во врска со економската криза. Нешто почнува да им бега од рацете на многу фирми, па затоа сега нешто мора да се преземе. Документот кој тогаш го претстави министерот за финансии Кристијан Линднер (ФДП), за СПД делумно не беше ништо повеќе од „неолиберална идеологија“.

Во меѓувреме - од средата вечерта (6 ноември 2024 година) - „ „семафор - коалицијата“ е историја, канцеларот Олаф Шолц побара од германскиот претседател да го разреши министерот за финансии Линднер, а другите министри на ФДП последователно поднесоа оставки од кабинетот.

Меѓу другото, Линднер сакаше да спроведе регулаторен мораториум и намалување на даноците. Исто така и ​​укинување на солидарниот придонес за сите и одложување на климатските цели за 2050 година. Пред сѐ: да не се суспендира „должничката кочница" и лидерот на ФДП одби нови долгови. Тој имаше намера и да го распушти климатскиот фонд. Сите овие се проекти кои другите членови на коалицијата, СПД и Зелените не сакаа да ги поддржат.

Роберт Хабек, Олаф Шолц и Кристијан Линднер - на почеток „семафор - коалицијата“ функционирашеФотографија: Mike Schmidt/IMAGO

Новоименуваниот ко-лидер на Зелените, Феликс Банашак, ги коментираше предлозите на Линднер за АРД на следниов начин: „Целиот овој документ зрачи со духот: навистина не сакам повеќе“.

„Да се премине од зборови на дела“

Во меѓувреме, многу претставници на бизнисот се загрижени. На пример, добавувачот  на автомобили  „Бош“ мора да ја приспособи својата перспектива за 2024 година и не исклучува понатамошни кратења на работни места покрај веќе намалените 7.000.

Во весникот „Тагешпигел“ минатиот четврток, извршниот директор на „Бош“, Штефан Хартунг ја повика сојузната влада да стави крај на коалициониот спор и брзо да ја поддржи индустријата: „Сега мора да преминеме од зборови на акција и да иницираме конкретни мерки пред сојузните избори за подобрување на економијата и зајакнување и на краток и на долг рок“.

Фондацијата на семејни претпријатија остро го критикува „економскиот самит“ на владејачката коалиција во Германија. „Најголем ризик за Германија е владата која не е во состојба да реагира“, изјави во средата шефот на фондацијата Рајнер Кирхдорфер за весникот „Аугсбургер алгемајне. „Разговорите не помагаат, со оглед на влошената економска состојба, итно ни требаат политички одлуки“.

Тешки денови за германската индустријаФотографија: ZDF

Економистот Хенинг Фепел, генерален директор на Центарот за европска политика (ЦЕП), за ДВ вели дека „семафор – коалицијата"  „не успеала структурно да ја врати германската економија  на вистинскиот пат на раст“. Таа делуваше колебливо и обесхрабрено: „На крајот сите три партии се вратија на партиските политички позиции“.

Исклучително лош тајминг

Во САД, Доналд Трамп го освои својот втор мандат на претседателските избори. Со него доаѓаат предизвици во безбедносната политика, трговската и климатската политика, како и во поддршката на Украина во одбраната од руската агресорска војна.

Во контекст на глобалната политичка криза, Роберт Хабек (Зелените) предупреди: „Ова е најлошото време за неуспех на владата. Денес, кога Германија треба да покаже единство и способност да дејствува во Европа“.

Новинската агенција Ројтерс го цитира главниот економист на ИНГ Карстен Брзески, кој исто така е многу  критичен за актуелната ситуација.  Германија е помалку подготвена отколку кога Трамп победи на своите први избори во 2016 година: „По четири години стагнација и структурни слабости, Германија не само што е 'болниот човек’ на Европа“, туку е и поранлива од пред осум години."

Брзиот лек не е секогаш корисен

Некои набљудувачи веруваат дека  Германија е економски итен пациент.  Но, каква улога игра политиката во ова и дали глобалната економска ситуација не е многу повлијателна? Општата ситуација е иста за сите земји, вели Хенинг Фепел. Но, дури и покрај ова, „економскиот раст во Германија е понизок отколку во споредливите земји многу години. Ова сугерира дека не е одговорна слабата глобална економија, туку специфичните структурни причини.  Задача на владата  би била да ги идентификува овие причини и да ги реши“.

Не „расфрлајте милијарди“

Фепел за ДВ вели дека во моментов има четири најитни задачи: „Прво, стабилизирање на енергетската транзиција - таа е централна за комбинацијата на заштита на климата и конкурентност“. Второ, намалување на бирократијата – тоа е брзо, ефикасно олеснување кое ништо не кошта. Трето, имплементација на дигитализацијата - што значително ја зголемува продуктивноста и четврто, даночни олеснувања за инвестиции."

Економистот Хенинг Фепел инсистира на имплементација на дигитализацијата Фотографија: Tim Flavor

Мартин Горниг, директор за истражување на индустриската политика во Германскиот институт за економски истражувања во Берлин, исто така повикува на „системски промени“. И тоа не на национално ниво, туку во континентален контекст. Во интервју за ДВ минатата недела, тој истакна: „Германија е најголемата индустриска нација во Европа и нејзините корени се во Европа“. Затоа, може да постои само една - „европска индустриска политика“.

На прашањето какви итни мерки треба да преземе владата, тој изјави дека треба да се избегнува прекумерен акционизам и дека не треба да се „фрлаат милијарди за инвестирање во било што“. На крајот на краиштата, сè уште има време: „Сè уште не сме пред провалија“. Она што сега е потребно е „мирна политика, каде фирмите и потрошувачите ќе имаат чувство дека знаат што ги чека утре“.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми