Париз: Французите треба брзо да го напуштат Иран
8 октомври 2022
Француското Министерство за надворешни работи ги повика денеска своите државјани и оние кои имаат двојни државјанства што е можно побрзо да го напуштат Иран, наведувајќи дека се изложени на ризик од произволни апсења.
„Секој француски државјанин, вклучително и оние со двојно државјанство, е изложен на висок ризик од апсење, произволно притворање и неправедно судење“, се вели во соопштението.
Франција вчера го обвини Иран за делување во стилот на „најлоши диктаторски режими“, откако двајца Французи се појавија на видео-снимка во која признаваат дека се припадници на француските разузнувачки служби.
Наводните признанија на Французите Сесил Колер и Жак Парис, кои беа уапсени во мај, доаѓаат за време на актуелните немири во Иран, кои Техеран ги поврзува со странските непријатели.
Министерството нагласува оти „нивните наводни признанија се инсценирани на нечуен, ужасен и неприфатлив начин, спротивен на меѓународното право“.
Се нагласува оти „признанието“ коинцидира со повеќенеделните антивладини протести во Иран поради смртта на Махса Амини, Иранката со курдско потекло која почина во притвор минатиот месец.
Поради протестите во земјата, и германското Министерство за надворешни работи упати итно предупредување да не се патува во Иран. За германските граѓани постои реална опасност да бидат „произволно уапсени, испрашувани и осудени на долги затворски казни“, се вели во соопштението објавено на интернет страницата на германското МНР.