1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Радев убедливо победи на изборите во Бугарија

АРД
20 април 2026

Парламентарни избори во Бугарија донесоа убедлива победа за блокот на Румен Радев, кој според првичните резултати освојува до 45% од гласовите и е пред можност за формирање самостојна влада.

Румен Радев
Румен Радев - убедлив триумф по години политичка нестабилностФотографија: picture alliance / NurPhoto

Поранешниот бугарски претседател  Румен Радев  е јасен победник на вонредните парламентарни избори во Бугарија, покажуваат првичните изборни резултати. Неговиот централно-левичарски политички сојуз освојува до 45 проценти од гласовите, што претставува најубедлив резултат на избори во земјата по години длабока политичка криза.

Во изминатите пет години,  Бугарија одржа дури осум парламентарни избори, без стабилна влада и јасен победник. Радев порача дека негов приоритет е токму прекинување на овој циклус на нестабилност. „Ќе направиме сè за да спречиме повторно одржување избори. Тоа значи премин од една криза во друга, а ние мора сериозно да работиме на нивно надминување“, изјави тој.

Обвинувања за наклонетост кон Русија, но формална проевропска ориентација

Радев, кој има 62 години и е поранешен командант на бугарското воздухопловство, важи за најпопуларниот политичар во земјата. Сепак, подолго време е мета на критики поради наводна блискост со Русија и претседателот  Владимир Путин.

Во минатото, Радев изразуваше резерви кон санкциите против Русија и испораката на оружје за Украина. Истовремено, неговата партија „Прогресивна Бугарија“ во изборната програма јасно се декларира за членството на земјата во  Европската Унија  и НАТО. Контроверзии предизвика и изборниот видео-материјал прикажан на финалниот митинг, во кој беа вклучени сцени од средби меѓу Радев и Путин.

Политикологот и новинар Јавор Сидеров оценува дека  Радев има популистички елементи во својата политика.  „Тој може да ја води земјата во насока слична на  Виктор Орбан  – повеќе евроскептична и вредносно конзервативна, но не толку радикална.  Радев не е Орбан и го нема неговиот инстинкт“, вели Сидеров.

Очекувања за „нормална“ и стабилна влада

Дел од граѓаните во Бугарија резултатот го доживуваат како  надеж за политичка нормализација. „Се надевам дека следната влада ќе биде постабилна, поурамнотежена, похумана и помудра. Повеќето Бугари само сакаат нормална власт“, изјави 52-годишната Гергана.

Радев вети  решителна борба против корупцијата, која со години е едно од клучните општествени прашања. Како главни носители на коруптивните структури се посочуваат конзервативната партија ГЕРБ на долгогодишниот премиер Бојко Борисов и ДПС, партијата поврзана со влијателниот олигарх Делјан Пеевски.

Пад на старите центри на моќ и можни уставни промени

ГЕРБ и ДПС на овие избори доживеаја значаен пораз и заедно, според проекциите, нема да располагаат ниту со 80 пратенички места. Тоа овозможува сите останати партии во парламентот да формираат двотретинско мнозинство.

Со такво мнозинство може да се изврши замена на Врховниот судски совет и на јавниот обвинител – институции што голем дел од јавноста ги смета за клучни столбови на корупцијата. Радев изјави дека ова е меѓу неговите главни цели и дека очекува соработка со сојузот ПП-ДБ, составен од либерално-реформски партии.

Нејасна идна коалиција, можна самостојна власт

ПП-ДБ, кои ја водеа масовната протестна мобилизација зимава и завршија на третото место, исто така се залагаат за системска борба против корупцијата. Лидерот на движењето, Асен Василев, изјави дека клучно е што граѓаните излегле да гласаат и ги „испратиле ГЕРБ и ДПС во минатото“.

Иако постои заемна програмска блискост околу реформите, односите меѓу Радев и реформските партии беа затегнати за време на кампањата. Двете страни најавија дека ќе ги чекаат конечните изборни резултати пред да одлучат за можна владина коалиција.

Прелиминарните резултати се очекуваат во текот на денешниот понеделник, а конечните во среда. Во зависност од бројот на партии што ќе влезат во парламентот, постои реална можност Радев и неговиот блок да обезбедат и самостојна влада.

Зголемена излезност, движена од младите

Масовните протести што во декември ја принудија претходната влада на оставка беа предводени главно од  генерацијата Z.  Политичките аналитичари очекуваа тоа да доведе до зголемена излезност – што и се потврди.

На зборите гласале околу 47 проценти од избирачите, што е речиси 10 процентни поени повеќе во однос на парламентарните избори во 2024 година.

Автор: Давид Фрехес, АРД

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми