1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаРоманија

Избори во Романија: Сеништето на ултрадесничарско мнозинство

Кено Верзек
30 ноември 2024

По шокот од првиот круг на претседателските избори, Романија сега е пред парламентарни избори. Многумина стравуваат од нов пробив на десничарските екстремисти. Ова, исто така, би било катастрофално сценарио за Европа.

Протест против десничарскиот екстремистички кандидат и победник во првиот круг од претседателските избори во романската престолнина Букурешт на 27 ноември 2024 година
Протест против десничарскиот екстремистички кандидат и победник во првиот круг од претседателските избори во романската престолнина Букурешт на 27 ноември 2024 годинаФотографија: Andreea Campeanu/REUTERS

Илјадници млади луѓе секоја вечер демонстрираат против екстремизмот и за Европа во големите градови. Пораки од ѕвездите на социјалните мрежи кои ги повикуваат луѓето да не дозволат нивната татковина да падне во бездна. Интелектуалци кои зборуваат за една од најголемите трагедии во поновата историја на земјата. Медиуми кои едвај известуваат за нешто друго.

Романија е наопаку по првиот круг од претседателските избори минатата недела (24.11.). Навидум од никаде, со околу 23 отсто ги освои непартискиот Калин Георгеску - екстремно десничарски обожавател на Путин, апологет на христијанскиот православен романски фашизам од меѓувоениот период, теоретичар на заговори и уптебувач на езотерични пцости.

Парламентарните избори ќе се одржат во недела (1.12.), а една недела подоцна ќе се одржи вториот круг за претседателските избори. Во Романија, многумина стравуваат дека десничарските екстремистички партии би можеле да добијат мнозинство во парламентот. А, потоа дека десничарски екстремист и обожавател на Путин ќе стане претседател.

Романскиот претседателски кандидат Калин ГеоргескуФотографија: Daniel Mihailescu/AFP/Getty Images

Ова не само што ќе ја втурне Романија во хаос, туку и ќе предизвика значителни проблеми за ЕУ и за НАТО. Романија е шестата по големина земја во ЕУ и најважниот партнер на НАТО во Југоисточна Европа. Ја има главната станица за ракетна одбрана и воздухопловна база во регионот. Значаен дел од воената помош за Украина оди преку Романија. Земјата е и сосед на Црното Море и е на патот на украинските товарни бродови за жито. Затоа, геополитичката важност на Романија е далеку поголема од онаа на државите како Унгарија и Словачка, кои со нивните владејачки националисти околу Виктор Орбан и Роберт Фицо, исто така, го напуштија консензусот на ЕУ и на НАТО.

Не е „гром од ведро небо“

Фактот дека добива масовна популарност во Романија десничарскиот екстремистички обожавател на Путин, кој се појавува со христијански месија пораки, не е несреќа од ведро небо - во поновата историја на земјата не недостасуваат трагедии и раскрсници. Профашистичкиот диктатор од меѓувоениот период, Јон Антонеску и мегаломанскиот владетел Николае Чаушеску негуваа сличен месијански култ. За време на Чаушеску, земјата ја доживеа, заедно со Албанија, најлошата диктатура во Источниот блок.

Во Романија во 1989 година се случи крвав удар, загинаа повеќе од илјада луѓе. Десет години подоцна, во 1999 година, Романија беше на работ на конфликт налик на граѓанска војна за време на бунтот на рударите. Наредната година, ултранационалистот и поранешен дворски поет на Чаушеску, Корнелиу Вадим Тудор, влезе во вториот круг на изборите за претседател. Меѓутоа, беше избран како помало зло комунистот Јон Илиеску, кој беше делумно одговорен за смртните случаи по падот на Чаушеску и кој подоцна беше основач на псевдосоцијалдемократите.

Романскиот диктатор Николае Чаушеску, фотографија од 1981 годинаФотографија: dpa/picture alliance

Нема сигурни предизборни анкети

Сега Романија повторно се соочува со одлуката дали да тргне или не по посебен пат со избирање на десничарски екстремисти. Во овие околности, немаше знаци на нормалност во последниот налет пред парламентарните избори. Едноставно затоа што ниту една анкета пред претседателските избори не го навестуваше успехот на Калин Георгеску - и затоа што сега нема сигурни и доверливи анкети за партиските избори.

Според минатонеделните прогнози, шест партии би можеле да влезат во парламентот: социјалдемократите (ПСД) и националните либерали (ПНЛ) кои претходно владееја заедно, како и неколку десничарски екстремистички партии, вклучително и Алијансата за обединување на Романците (АУР) и С.О.С. Романија, како и прогресивно-либералната партија Унијата ја спаси Романија (УСР) и партијата на унгарското малцинство УДМР.

Прввобитно, социјалдемократите добиваа околу 30 отсто во анкетите, националн-либерали околуте 15 отсто. Ова сега е целосно доведено во прашање, бидејќи кандидатите на двете партии за претседателските избори, актуелниот премиер Марсел Чиолаку (ПСД) и претседателот на Сенатот, горниот дом на парламентот, Николае Чиука (ПНЛ) претрпеа тежок пораз и поради нивните изборни дебакли секој се откажа од лидерската позиција во својата партија.

Како стојат прогресивните либерали?

Десничарските екстремистички партии АУР и СОС Романија добиваа од 25 до 28 проценти поддршка во досегашните анкети. Сепак, на претседателските избори, сите десничарски екстремистички кандидати заедно достигнаа 38 проценти од гласовите. По шокантниот изборен успех на Георгеску, некои набљудувачи сега стравуваат дека десничарските екстремисти би можеле дури да освојат и парламентарно мнозинство.

Друг изборен победник би можел да биде прогресивно-либералниот УСР, чија кандидатка Елена Ласкони како второпласирана  влегува во вториот круг од изборите за претседател на 8 декември 2024 година и има добри шанси да победи. УСР досега постигнуваше само низок двоцифрен резултат во анкетите, но сега може да има корист од дебаклот на досегашните владејачки партии. 

Либералната романска претседателска кандидатка Елена ЛаскониФотографија: Bogdan Buda/REUTERS

Омразен естаблишмент

Парламентарните избори се значително поважни отколку претседателските. Шефот на романската држава има некои важни овластувања во надворешната и во безбедносната политика. Но, тој не може да носи револуционерни извршни одлуки без парламентот и владата. Затоа десничарски, проруски теоретичар на заговор како што е Георгеску како претседател би бил несреќа за Романија, но не и најлошото сценарио. Тоа, меѓутоа, би се случило со екстремно-десничарско парламентарно мнозинство.

Во однос на содржината, она што одекнува кај многу гласачи е ветувањето на десничарските екстремистички партии дека ќе го збришат естаблишментот, кој е широко омразен во Романија. Од падот на Чаушеску, во земјата доминираат корумпирани мрежи кои се здружија во сегашната Социјалдемократска партија (ПСД), која во 1990 година имаше поинакво име. Многу Романци сметаат дека ПСД е синоним за корупција и непотизам. Но и угледот на национал-либералите, кои владеат во широка коалиција со социјалдемократите во последните три години, не е подобар. Бидејќи двете партии со децении ги блокираа фундаменталните реформи во државната администрација и судството, длабоко вкоренета омраза кон естаблишментот се прошири во големи делови од општеството.

Неизвесни времиња

Претседателот Клаус Јоханис, кој е на функцијата десет години, даде свој придонес кон тоа. Јоханис беше избран во 2014 година со ветување за радикални државни реформи и решителна борба против корупцијата, но поголемиот дел од својот мандат го помина повлечено и пасивно, иако како претседател имаше способност да влијае врз извршната власт, на пример преку уставнноправната можност да претседава со владините седници. Но, Јоханис дури и на актуелните политички случувања досега реагираше со молк.

Ситуацијата во моментов се усложнува со наредбата на Уставниот суд да се пребројат гласовите од првиот круг на претседателските избори. На одлуката и претходеа барањата на двајца поразени претседателски кандидати изборите да бидат поништени поради измама. Уставниот суд во Романија е номинално независен, но неговите членови ги назначуваат парламентот и претседателот и често се поранешни партиски политичари.

Романскиот Уставен суд е со седиште во зградата на Парламентот во Букурешт - поранешната палата на диктаторот Николае Чаушеску, втората по големина зграда во светот по ПентагонФотографија: picture alliance / Christoph Schmidt/dpa

Романската практика покажува дека Уставниот суд често се користи за политички интриги. Ова, очигледно, беше случај и на почетокот на октомври, кога кандидатка  на екстремната десница беше исклучена од парламентарните избори, веројатно за да се обезбеди изборен исход кој би бил поповолен за владејачките социјалдемократи.

Каков ефект ќе има сегашната одлука на Уставниот суд е нејасно. Генерално, пак преку парламентарните избори се отсликуваат многу тешките политички услови за Романија, бидејќи ниту една партија не се очекува сама да постигне апсолутно мнозинство. Со оглед на тоа што десничарските екстремистички партии  се многу поделени меѓу себе, веројатно би  настанал внатрешен политички хаос доколку тие освојат парламентарно мнозинство. Во случај на изборна победа на прогресивно-либералната УСР, таа би била зависна од коалициски партнери. Тоа би значело или коалицирање со партиите од сегашниот естаблишмент или пак малцинска влада. Романија плови кон многу неизвесни времиња.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми