Народот е вознемирен и е во жалост, парламентот го нема никаде. Вака отприлика може да се сумира одлуката на пратениците во Собранието оваа недела да го избегнуваат храмот на демократијата. А зошто? Затоа што ги „имале предвид чувствата на сите граѓани по трагедијата во Кочани“. Но, да не е тоа поради наелектризираната состојба во државата? Да не е случајно поради плачот на мајките и татковците? Или можеби поради сознанието дека во парламентот со мали исклучоци седат луѓе кои сите по малку имаат придонес во националната катастрофа што се случи во Кочани. А и тие малку што не се со извалкани раце, сега ги извалкаа согласувајќи се парламентот да го чуваат со мокри облоги за да не изгори во политичкиот пожар што ја зафати земјава.
Поразително е што во оваа одлука учествуваа водечките парламентарни групи од сите бои. Опозицијата ќе чекала следната седмица да го искористи членот 42 од новиот собраниски Деловник и да ја подбере власта за црната ноќ во Кочани. Во воведните два-три часа на следната седница. Ќе му покажеле тогаш на премиерот. А можеби ни тогаш.
Во Кочани со години оделе сите партии да држат изборни митинзи. Сите до една имале таму партиски канцеларии каде што се собирале и ја анализирале политиката на противникот. Водствата на сите партии редовно оделе таму пред секои избори и разговарале со локалните челници за состојбата во Кочани. И никој не покренал прашање за нелегалните активности во градот.
Но не е само Кочани центар на јавашлакот, криминалот и корупцијата. Така е и во Штип, и во Виница и во Делчево и во Берово, Тетово, Гостивар, Прилеп, Охрид, Битола, Кавадарци, Неготино. И во Скопје. Само што уште не им дошол редот. Системот не функционира никаде. Токму помалите места се легло на корупција од секаков вид, партиска и роднинска поврзаност, колегијалност која ги затвора очите и инспекции кои им робуваат на локалните групи наместо на законот.
Уништениот систем допрва ќе ја испишува својата мрачна историја. И одлуката на парламентот е дел од тој уништен систем.
Кој да го застапува обичниот човек
Не дека темата за трагедијата нема да биде актуелна до следните пратенички прашања на крајот на април. Но идиотски е парламентот да молчи кога државата гори. Излегува дека нема кој да го застапува обичниот човек кој е жртва на системот што го создадоа овој и сите претходни парламенти. Зарем треба да ги потсетиме пратениците чии претставници се и дека парламентот е најповиканата институција каде може да се постават прашања и да се добијат одговори и за најгорливи теми. Но излезе дека и парламентот бега од своите одговорности.
Оваа срамна одлука покажа зошто во парламентарните клупи треба да седат луѓе со беспрекорно досие а не политичари со багаж, вклучително и од опозицијата. Ставот да се молчи оваа недела е всушност страв дека сечиј кредибилитет може да биде доведен во прашање во парламентарната дискусија. И тоа е помалку или повеќе вистина бидејќи во парламентот нема невини. Дури и тие што првпат седат таму затворале очи пред корупцијата и кршењето на законот во нивната средина.
Момчето од Виница кое спасуваше присутни во дискотеката, не си даде пауза. Од болница директно се врати во училиште. Чувствува дека треба да биде присутен, да ја сподели болката и тагата од загинувањето на своите врсници. Да го почувствува духот на заедништвото во болката и тагата.
Што прават пратениците?
А што ли прават нашите народни избраници? Седат пред телевизор, гледаат во Фејсбук, или добија насоки да се растрчаат за локалните избори? Оти, кампањата за локални избори се одвива под полна пареа. Тоа е видливо секој ден со присуството на премиерот во општините. Како и секоја трагедија и оваа се користи да се каже некој убав збор за големата решителност на партијата да се справи со криминалот и корупцијата и да покаже дека е со народот. Тој народ кој е оставен на милост и немилост на чудовиштето наречено државен систем кој ги јаде животите и потенцијалите на своите граѓани.
Можеби се чека граѓаните (кога веќе парламентот не го прави тоа во нивно име) да испишат заедничко обвинение за премиерот кој не чувствува вина за трагедијата во Кочани, или за министерот за внатрешни работи кој не помислува да даде оставка иако комплетно потфрлил целиот полициски систем во источниот регион. Кривична одговорност без политичка одговорност за трагедија од толкави размери, е само уште еден доказ за трулоста на системот. Ако најголемата моќ во државата е во централната власт, зошто и најголемата одговорност не е таму. Ако претходните влади ја толерирале дискотеката на диво, сегашната влада ако работела по закон и прописи требало да ја затвори.
Кога сето тоа ќе се резимира, јасно е зошто парламентот е вишок. Во држава со кусок на демократија, „нормално“ е парламентот да остане во заветрина додека надвор беснее бура. Патот до одговорност на владата оди низ парламентот. Но ако Владата не е подготвена да ги прими ударите во парламентот за дискотеката на смртта, и следствено на тоа да ја преземе одговорноста, тогаш попусто сме граделе демократски систем.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.