1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Партиски прегрупирања пред изборите

ДТЗ
25 март 2024

Достоинство и Демократскиот сојуз бараат нов коалициски партнер пред изборите и најавуваат соработка со ВМРО-ДПМНЕ. Како причина за менување на таборот ги наведуваат „неисполнетите ветувања“.

Собрание
Партиски прегрупирања пред изборитеФотографија: Kabinett des Präsidenten von Nord-Mazedonien

Политичките партии се прегрупираат пред изборите  - се финализираат разговорите за нови коалиции, се презентираат изборните програми и приоритети и веќе се заокружуваат и изборните листи со кои ќе се настапи на изборите коишто ќе се одржат на 8 мај. Викендов најголемите партии ги презентираа изборните програми со кои што ќе „ловат“ гласачи, а дел од помалите партии најавија предизборно прегрупирање. 

Партијата „Достоинство“ на Стојанче Ангелов најави дека излегува од коалицијата предводена од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и дека ќе ја прифати можноста да коалицира со ВМРО - ДПМНЕ.

„Поради неисполнети очекувања за надминување на горливиот проблем со кој сѐ уште се соочуваат необесштетените десетина воени инвалиди и петнаесетина семејства на загинати бранители, 'Достоинство' излегува од коалицијата предводена од СДСМ“, соопшти Ангелов на 24 март пред Споменикот на бранителите во Скопје. 

Разговори со ВМРО-ДПМНЕ за коалицирање најави и лидерот на Демократскиот сојуз, Павле ТрајановФотографија: Petr Stojanovski/DW

Неисполнети ветувања и блокирани закони

Разговори со ВМРО-ДПМНЕ за коалицирање најави и лидерот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, кој досега беше дел од владината коалиција предводена од СДСМ. Менувањето на страната во пресрет на изборите, е резултат на партискиот став дека Македонија се движи во погрешна насока. Трајанов е незадоволен што дел од нивните предлози биле блокирани во Собранието, како договорот за една изборна единица и проектот за борба против тешки облици на организиран криминал.

Партијата се противеше и со францускиот предлог, кој сметаат дека ја довел „Македонија во подредена положба со оглед на тоа дека може и натаму да има барања и уцени од Бугарија“. Трајанов признава дека и со ВМРО-ДПМНЕ имаат разлики и отворени прашања за кои допрва треба да разговараат, но нагласува дека нивните програмски определби и цели се компатилибилни со партијата на Мицкоски. 

Демократскиот сојуз како приоритети ги најави - нов Устав, коренити реформи на правосудниот систем, системски промени во борбата против криминалот, посебна програма за младите, слободна пазарна економија, бесплатно образование и слобода на медиумите. 

„Ќе се ослободиме од решенијата како што се Бадентер и балансерот, кои го блокираат демократскиот развој и јакнење на одговорноста на секој граѓанин. Во оваа насока ќе се направат и коренити промени на изборните правила, Македонија да биде една изборна единица, сѐ со цел да се обезбеди демократизација на државата и јакнење на одговорноста на носителите на јавни функции. Преку измената на Уставот и законите за политичко организирани и дејствување ќе се демократизираат партиите и другите облици на здружување на граѓаните“, рече Трајанов.

Поддршка за една изборна единица

Поддршка за идејата за една изборна единица тој најде во изборната програма на опозицијата. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски викендов презентирајќи ја изборната програма насловена „Платформа 1198“ рече дека првата клучна промена за која очекува поддршка од сите партии е парламент со 90 пратеници, наместо 120, и реформа во изборниот законик со која земјата ќе биде една изборна единица.

Мицкоски најави реорганизирање на министерства, намалување на бројот на пратеници, укинување на балансерот, распуштање на Судскиот совет и Советот на јавни обвинителиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Тој најави и реорганизирање на министерства, намалување на бројот на пратеници, укинување на балансерот, распуштање на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители и формирање на нови врз основа на вистински критериуми. 

ВМРО-ДПМНЕ неодамна ги соопшти и носителите на изборните листи - Христијан Мицкоски во Првата, Владо Мисајловски во Втората, Драган Ковачки во Третата, Александар Николоски во Четвртата, генералниот секретар Ѓоргија Сајковски во Петата и Дафина Стојановска во Шестата изборна единица. 

Пратеникот Антонијо Милошоски во гостување на ТВ Сител, најави дека коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ ќе се прошири со седум политички партии кои до вчера биле во коалиција со СДСМ. Според него, покрај Достоинство и ДС, станува збор и за Социјалдемократската унија, Обединетата партија за целосна еманципација на Ромите, Македонски концепт, Обединети за Македонија и ТМРО. 

Избор кој ќе ја одреди иднината

Но, според лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски, на изборите на 8 мај „изборот нема да биде само меѓу партии и кандидатски листи, туку ќе биде меѓу надеж и просперитетна иднина со СДСМ и безнадежност и враќање 10 чекори назад со ВМРО - ДПМНЕ“. 

На партиски конгрес деновиве тој повтори дека нема друга визија за земјата и друг пат освен европскиот.

„Јас знам дека тој пат не е лесен, особено за нас. Јас на своја кожа почувствува дека Европската Унија не секогаш беше фер кон нас. Но, дали тоа значи дека треба да се откажеме? Апсолутно не“, рече Ковачевски. 

Партијата ветува европски плати и животен стандард, достоинствен живот за пензионерите и поддршка за младите, силна домашна економија и модерна европска инфраструктура. Изборната програма опфаќа повеќе од 250 страници и во неа е предвидено завршување на преговорите со ЕУ до 2028 година.Ковачевски вети просечна плата од 1.100 евра и минимална плата од 600 евра.

Ковачевски вети просечна плата од 1.100 евра и минимална плата од 600 евраФотографија: Government of North Macedonia

Партијата ги соопшти и носителите и ко-носителите на листите за пратеници на парламентарните избори. Ковачевски е носител на листата во Првата изборна единица, а ко-носителка е Моника Зајкова од ЛДП. Во Втората изборна единица довербата на гласачите ќе се обиде да ја освои Оливер Спасовски и ко-носителот Фатмир Битиќи, во „тројката“ се Сања Лукаревска и Љупчо Николовски, во „четворката“ Венко Филипче и Јована Тренчевска, во „петката“ Јован Митрески и Бисера Костадиновска-Стојчевска, додека во Шестата изборна единица листата на СДСМ ќе ја предводи Славјанка Петровска, а зад неа е Агрон Демири.

Поддршка од НСДП и ДОМ

Поддршка за претстојните избори, Ковачевски доби од НСДП и од ДОМ. Претседателот на НСДП, Горан Мисовски, како и Соња Мираковски и Мики Милковски ќе бидат кандидати на листите на коалицијата во Третата, Четвртата и Втората изборна единица. Претседателката на ДОМ, пак, Маја Морачанин да биде кандидат за пратеник на шестата позиција на заедничката листа на коалицијата предводена од СДСМ во Првата изборна единица. 

Повисоки плати, силна економија....

Со ветувања за повисоки плати, праведен систем, силна економија, поддршка за младите, вложување во здравствениот сектор и земјоделството на изборите ќе настапи и политичкото Движење ЗНАМ на кумановскиот градоначалник и кандидат за претседател, Максим Димитриевски.

Партијата ги презентираше и носителите на изборните листи - во Изборна единица 1 - Бобан Карапејовски, Даниел Стојчевски во ИЕ2, во „тројката“ Павле Арсовски, во ИЕ4 листата ќе ја предводи Миле Цеков, Весна Бендевска е на листата во „петката“ и за носител на листата во ИЕ6 е избран Небојша Захариевски.

И Левица деновиве порача дека ги има „вистинските носители на пратеничките листи во шестте изборни единици“.

Носител во ИЕ 1 е Димитар Апасиев, во ИЕ 2 - Амар Мециновиќ, во „тројката“ е Борислав Крмов, во ИЕ 4 - Сашко Јанчев, во „петката“ носител на листата е Јована Мојсоска, додека во ИЕ 6 - Игор Димески.

Мендух Тачи од ДПА најави ќе потпише коалиција со Демократската унија за интеграции, со што партијата ќе станат дел од новоформираниот Европски фронт. 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми