1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Партиите се растрчаа, почна и втората кампања

18 април 2024

Митинзи од Охрид до Гевгелија, средби со граѓани и „конститутивна седница на победничкото собрание“ се дел од активностите во првиот ден од кампањата за парламентарните избори.

Изборни плакати во Скопје
Изборни плакати во Скопје Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Кампањата за парламентарните избори на 8-ми мај официјално почна денеска (18.04) и ќе трае до 6-ти мај. Таа неколку дена ќе се совпадне со кампањата за избор на претседател, која завршува на 22-ри април. Партиските карвани од денеска ги засилуваат и активностите и реториката.

Во предвечерјето на почетокот на кампањата за парламентарните избори, гостин на Коалицијата „Вреди“ беше претседателот на Собранието на Косово, Глаук Коњуфца. Коњуфца во приружба на Таравари, Касами, Гаши, Меџити и Ќоку се прошета низ Старата скопска чаршија сѐ до споменикот на Скендербег, каде се фотографираше со голем број млади.

Тој не беше единствениот гостин во Скопје од страна на косовските власти. Форумот на жени на коалицијата Вреди организираше регионална конференција на тема „Жените во одлучувањето, како квалитет на демократијата“, на која учествувала и косовската министерка за правда, Албулена Хаџиу, која е претседавач со Форумот на жени на Движењето Самоопределување.

Сите лидери на партиите што учествуваат во коалицијата „Вреди“ на нивните профили на Фејсбук објавија фотографии и видеа од посетата.

„Денеска заедно со моите партнери од 'Вреди' се сретнавме на кафе и прошетавме во скопската чаршија со претседателот на Собранието на Косово, г. Глаук Коњуфца. Ми беше драго што Глаук нѐ посети и го направи овој ден повреден!“, напиша Арбен Таравари.

„Чест и задоволство е што претседателот на Собранието на Косово, верно ја пренесува визијата на Самоопределување дека Албанците, каде и да се, живеат со кренати глави, достоинствено и гордо“, оцени Касами.

Тој го опиша Коњуфца како пример за политичар чие политичко дејствување се гради според волјата и потребите на неговиот народ, а не според волјата на олигарсите и противниците на албанскиот народ.

Во дел од јавните критики искажани во медиумите на абански јазик се потенцира дека треба се прави разлика дали во изборите во Северна Македонија се меша Самоопределување или косовските власти, со оглед дека Коњуфца бил дојден во Скопје со службено возило што го плаќаат даночните обврзници во Косово, односно се користат јавни средства за политички активности во странство.

Ваквите ставови се проследени со коментари и прашања - со чии службени возила во РСМ биле развозувани новинари од Косово и Албанија, за интервјуа и емисии со цел промовирање на ставовите на ДУИ.

Победничко собрание

И додека стартот на кампањата за парламентарните избори ја зголемува жестината на критиките, некои веќе калкулираат со извесен исход од двојните избори. Од Европскиот фронт, предводен од ДУИ, почетокот на кампањата однапред ќе биде одбележан со „победа“, барем според соопштението што стигна оттаму. Во него се највува дека денеска (18.4.) во 11 часот „Европскиот фронт ќе оддржи конститутивна седница на победничкото собрание од парламентарните избори на 8-ми мај 2024, како и инагурација на победникот на претседателските избори, Бујар Османи, од страна на новоизбраното собрание“.

Во соопштенијата на ДУИ редовно се пласира убеденост во изборна победа на европскиот фронт на двојните избори, а во едно од последните соопштенија на ДУИ тој фронт се посочува и „како единствена изборна коалиција која го продолжува патот за брзо членство во Европската Унија и за блиска соработка меѓу земјите од Западен Балкан“.

Седиштето на ДУИ во Мала РечицаФотографија: DW/S. Toevski

Нема откажување од иднината

Другиот европски фронт, предводен од СДСМ, ја почнува парламентарната кампања со настан „Нема откажување од иднината“, кој ќе се одржи во Музејот на современа уметност во Скопје, а нивниот европски караван потоа ќе продолжи во Демир Капија (18 часот) и на централен митинг во Гевгелија (19.30 часот).

„На овие избори одлучуваме за европска иднина на татковината“, велат од СДСМ.

„СДСМ и Коалицијата за европска иднина има конкретен план, волја и знаење, за исполнување на стратешката цел - членство на ЕУ. Членство во ЕУ не заради остварување на европски сон, туку заради европски животен стандард, поголеми плати, пензии, подобро здравство, образование, правда. Само со членство во ЕУ се можни суштински и темелни промени во македонското општество. Затоа не смееме да се откажеме. Патот до ЕУ е тежок, но тој е вистинскиот. Нема откажување од иднината!“, порачуваат социјалдемократите.

Патот до ЕУ е тежок, но тој е вистинскиот, велат од СДСМ (фоото: македонско знаме пред Европскиот парламент во Брисел)Фотографија: DW/M. Maksimovic

Последна шанса за спас

Првиот ден од кампањата за парламентарните избори, ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Твоја Македонија“ традиционално ја започува во Охрид (20 часот).

„Овие избори се последна шанса за спас “, се наведува во партиското соопштение.

Оттаму за апатијата, парализираните институции и разочарноста кај граѓаните прстот го вперија во СДСМ:

„Корупцијата е распространета во секоја пора на општеството. Лотариска среќа е ако може некој да извади пасош и лични документи, пациентите не се сигурни каква терапија добиваат, се заработува бескрупулозно на грбот на најранливите, непотизам насекаде, правда никаде, не само младите, туку и сѐ повозрасни размислуваат да ја напуштат земјата не гледајќи веќе ниту систем, ниту ред (...) За 7 години, колку што се на власт СДС и ДУИ, ја презадолжија државата, го урнисаа системот и криминалот го направија столб на своето функционирање. Ова не е Македонија што народот ја сака и ја заслужува“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Овие избори се последна шанса за спас, се наведува во соопштение на ВМРО-ДПМНЕФотографија: DW/Petr Stojanovski

Не 61, туку 48 или уште помалку

Зијадин Села од Алијанса за Албанците вчера порача дека европскиот фронт е создаден за ги спречи порочните умови на вистинските противници на Фронтот, а тоа се ВМРО-ДПМНЕ и Левица. Тој посочи дека европскиот фронт им вели „не“ на оние, кои сакаат да го отстранат бадинтеровиот механизам, и додаде дека се подготвени да разговараат за него, но за да го унапредат, а не за да го вратат назад. Според него, ВМРО-ДПМНЕ нема да добие 61, туку 50, 48, или уште помалку пратеници.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми