1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Партиите си ја префрлаат вината за катастрофалните пожари

ДТЗ
31 јули 2024

СДСМ ја лоцира вината во бавната реакција и бара смена на Панче Тошковски од Управувачкиот комитет за системот за управување со кризи

пожари
Mожеа ли да се спречат катастрофалните последици од пожарите?Фотографија: Darko Duridanski/AFP/Getty Images

Додека состојбата со пожарите низ Северна Македонија е алармантна и загрижувачка, партиите се препукуваат кој е виновен за ваквата состојба. Според опозициската СДСМ, лошата координација со воздухопловите и нивното доцнење со часови се посочува како најслаба алка во делот на справувањето со пожарите изминатите денови. Според партијата, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, покажал неспособност да ја координира активноста на Управувачкиот комитет за системот за управување со кризи и се бара негово разрешување. Но, премиерот Христијан Мицкоски вели дека наследил катастрофална состојба, односно од ниту еден хеликоптер за гаснење на пожарите, без човечки ресурси веднаш направиле три оперативни воздухоплови и три оперативни хеликоптери кои интервенирале во гаснење на пожарите.

Кој потфрли во справувањето со огнената стихија?

Проценките се дека досега се изгорени над 130 километри квадратни, активни се уште многу пожари и зафатена е огромна површина од над 20.000 хектари.

„Владата на Мицкоски и институциите под нејзина надлежност потфрлаат во справувањето со огнената стихија. Граѓаните од терен посочуваат дека пожарникарите навреме делуваат и силно се борат со огнот, но во исто време забележуваат на бавна реакција на воздухопловите и доцнење со часови“, вели портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.

Според неа, го нема ниту најавеното засилено присуство на полицијата на теренот како дел од превентивните мерки.

„Повеќе од 10 дена гори пожарот во Македонски Брод, селата Тажево и Брезница се под закана. Информациите од терен потврдуваат дека пожарникари има постојано, но нема соодветна воздушна поддршка. Постојат индиции дека дел од пожарите можеби се и подметнати. Но, досега нема никакви информации од МВР. Зошто никој не е приведен? Зошто ниту еден случај не е расчистен? Тошковски покажа неспособност да ја координира активноста на Управувачкиот комитет за системот за управување со кризи. Бараме итно Мицкоски да го смени Тошковски и да се назначи нов одговорен за координација на системот за управување со кризи“, вели Кузеска. 

Таа го повика премиерот Христијан Мицкоски да преземе нешто, да се појави на терен, да ја подобри координацијата на воздухопловите и ефикасноста на институциите, со цел побрзо да реагираат.

Недостигот на пожарникари, опрема и хеликоптери за гаснење на пожарите е стара болка во Северна Македонија.Фотографија: Petr Stojanovski

Преземање на одговорноста

На оваа прозивка реагираше министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, кој преку социјалните мрежи порача дека министерството ќе преземе жестоки мерки кон секое лице за кое ќе биде утврдено дека намерно подметнало пожар. „Во овие тешки моменти кога се соочуваме со катастрофални пожари, уште еднаш апелирам до сите граѓани да постапуваат совесно и одговорно, да избегнуваат активности кои можат да предизвикаат пожари и да пријавуваат сомнителни активности“, вели министерот.

Премиерот Христијан Мицкоски, при посетата на Кавадарци, одговарајќи на новинарски прашања околу одговорноста, рече  дека наследил катастрофална состојба, односно од ниту еден хеликоптер за гаснење на пожарите, без човечки ресурси веднаш направиле три оперативни воздухоплови и три оперативни хеликоптери кои интервенирале во гаснење на пожарите.

Мицкоски вели дека Владата прогласила кризна состојба, и веднаш го активирала европскиот механизам за помош при кризни состојбиФотографија: Petr Stojanovski/DW

„Практично, благодарение на единиците на локалната самоуправа, на општините, и нешто малку луѓе кои што во тој момент беа спремни, почна борбата со огнената стихија. Полека, еден по еден, хеликоптерите се вратија и беа ставени во употреба. Технички, беше интервенирано на воздухопловите. Истите стана оперативни, трите. Луѓето кои што ги управуваат, кои што беа во пензија, ги вративме со договор на дело, да може да ги управуваат, бидејќи немавме кој да ги управува. И во еден момент, од ништо, имавме три оперативни воздухоплови и три оперативни хеликоптери. И стотици пожарникари, припадници на Министерството за внатрешни работи, одбрани граѓани, доброволци, при што ја користам оваа прилика да им се заблагодарам за пожртвуваноста која што ја прават“, додаде тој.

Премиерот Мицкоски нагласи дека Владата прогласила кризна состојба, и веднаш го активирала европскиот механизам за помош при кризни состојби. Тој изрази загриженост од информациите кои ги добива од МВР дека причина за ваквата состојба се невнимателност, но и намера истите тие да предизвикаат.

„Но, она што ме загрижува, се индициите кои што ги добивам, како информација од МВР, дека постои основано сомневање. дека причина за овие пожари во голема мера е невнимателност, а во голема мера и намера да истите тие се предизвикаат. Ние кај се бориме. Повторно го активиравме европскиот механизам за барање поддршка во ваква кризна состојба“, рече Мицкоски, најавувајќи дека пристигнува помош од Чешка, Унгарија, Србија, Словенија и Германија.

Детектирани слабости

Недостигот на пожарникари, опрема и хеликоптери за гаснење на пожарите е стара болка во Северна Македонија. Укажувањата и пред почетокот на летото беа дека и овој пат земјата недоволно подготвена ќе ги пречека опасностите коишто ги носи топлото време. Истражувањето на Центарот за граѓански комуникаци минатата година ги лоцираше сите слабости на противпожарниот систем. 

Во него беше скицирано дека недостигаат 340 пожарникари, а возилата што ги возат се просечно стари по 27 години. За последните три години, противпожарниот возен парк се „подмладил“ само за една година.  Истражување на Центарот за граѓански комуникации од 2020 година, покажа дека тогаш во земјава имало 241 возило, просечно старо 28 години. 

Најстари возила, со просечна старост од 35 до 39 години имаат четири противпожарни единици. Неславното прво место го зазема новоформираната противпожарна единица во Старо Нагоричане која има две возила, просечно стари 39 години.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми