Среде локални- партиски математики и за парламентарни избори
22 октомври 2025
Среде локални избори, партиите од власта и од опозицијата ги започнаа партиските математики и за парламентарни избори. По првиот круг на локалните избори на 19 октомври, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ анализираат колку пратеници би добиле ако утре се одржат парламентарни избори во Македонија.
ВМРО-ДПМНЕ типува на над 60 пратеници
Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ типуваат дека со 550 советници и со над 300.000 гласови се апсолутен победник на локалните избори. Кога утре би имало парламентарни избори, ВМРО-ДПМНЕ смета дека по Донтовиот модел, со овие гласови ќе има над 60 пратеници, додека пак СДСМ во некои изборни единици би била трета партија.
На овие избори, од ВМРО-ДПМНЕ наведуваат дека освоиле 12.000 гласа повеќе од 2021 година, додека СДСМ „потонале“ со минус 111.000 гласа. „Ова е пораз кој најдобро ја отсликува недовербата на граѓаните во нивните промашени политики, неспособно владеење и неквалитетни кадри“, велат од партијата.
Поинаква математика: СДСМ - 21, ВМРО-ДПМНЕ- 52
Од опозицискиот СДСМ, пак, излегоа со поинаква математика. Според добиените гласови на локалните избори, доколку сега се одржат парламентарни избори, сметаат дека партијата би освоила најмалку 21 пратеник, а ВМРО-ДПМНЕ би паднала на 52 пратеници.
„ВМРО-ДПМНЕ не може да го скрие падот, а бројките се јасни и немилосрдни кон нив“, велат од СДСМ.
Според нив, очајните обиди за манипулација се резултат на шокот кој го доживеаја и падот од преку 140.000 гласа кој е јасен сигнал дека нивните лаги и погрешни политики се прочитани.
СДСМ порача дека ја продолжува битката за уште 17 општини и ги повика граѓаните масовно да излезат на гласање во вториот круг.