Партнерите од ВЛЕН трчаат последен круг пред обединувањето
25 март 2026
Основачко собрание во мај, потоа и Конгрес. Тоа е зацртаната траекторија по која актуелната коалиција составена од повеќе партии треба да се обедини и претопи во една партија - ВЛЕН.
Идејата за вакво обединување беше промовирана уште пред локалните избори, а оперативните активности започнаа по нивното завршување. Досега во јавноста проциркулираа неколку отворени опции околу процесот на фузија. Тој откри и одредени различни позиции на учесниците, но, секогаш во насока да се избере најдобриот модел и структура што ќе биде додадена вредност за политичката организација на Албанците.
„Едно по едно, прашањата успешено се усогласуваат“, кусо објаснува за ДВ припадник на ВЛЕН.
По последниот состанок на лидерите на коалицијата, наводно било извесно дека новата партија ќе ја водат двајца копретседатели, дека ќе има двајца потпретседатели и генерален секретар, што правично би ја одразувало претставеноста на партнерите во идното партиско раководство. Како копретседатели се спомнуваат Изет Меџити од Демократското движење и Билал Касами од Беса, за генерален секретар Беким Сали од Алтернатива, а за потпретседателските функции пратеничката Мимоза Муса од фракцијата на АА и пратеникот од Самоопределување Беким Ќоку.
Почеток на нова ера на албанска моќ
Дел од овие лица и претходно беа спомнувани но за други позиции, што укажува дека картите подолго време се мешаат, односно дека ништо не е готово додека не биде готово.
Изет Меџити е уверен дека ВЛЕН ќе биде израз на незапирливо единство.
„За првпат во плуралистичката историја на Северна Македонија, Албанци од различни политички средини, десничари и левичари, млади и искусни, се обединуваат во заеднички политички фронт, во ВЛЕН. Ова е најдобриот одговор за оние кои со години инвестирале во поделба на гласовите на Албанците. Ова е крај на политиката на поделба и почеток на нова ера на албанска моќ. Нема повеќе простор за тесни интереси, за пазарење на сметка на граѓаните или за политика што нè држи поделени. Од денес, гласот на Албанците ќе биде еден - силен, јасен и незапирлив. Затоа што кога Албанците се обединуваат, никој не може да ги запре“, порача Меџити.
Процентите или процесите?
На патот до обединувањето останува да се „испегла“ и процентуалната застапеност на партиите што ја сочинуваат сегашната коалиција, во идните партиски органи.
Таков договор сè уште нема. Имало различни размислувања или барања - од тоа секој субјект да партиципира со по 20% или по 25% во партиските тела, до тоа носечките партии да партиципираат со по 35%, а остатокот да биде распределен меѓу другите партнери.
Оние, условно речено, помали партнери, не сакаат да се заборави што значел нивниот продонес во времето кога се приклучиле на коалицијата ВЛЕН, кога секој субјект и давал специфична тежина на коалицијата, а во важен период за окончување на владеењето на ДУИ и нејзините сателити.
Од коалицијата доаѓаат и пораки дека треба да се гледа големата слика.
„Треба да се надмине прашањето за процентите. Важни се процесите, важна е целта. Ако коалицијата ВЛЕН успешно го положи тестот на изборите, сега партијата ВЛЕН треба да го положи тестот на обединувањето, на нашата зрелост, на заедничката визија, тестот на времето пред нас и предзивиците што тоа ги носи“, дипломатски одговара претставник на коалицијата.
Сепак, се согласува дека процесот на фузирање не треба да остави чувство дека некој бил оштетен или помалку претставен во идната партија.
Тешко одржлив модел
Во коалицијата учествуваат Демократско движење, Алтернатива, Беса, крило на Алијанса на Албанците, „Самоопределување“ претставена од Беким Ќоку и Движењето Арберија. Со толку субјекти, како компликуван беше оценет начинот на функционирање на коалицијата, отколку поедноставниот - кога сите би се споиле во една партија.
„Идејата е обединување, да станеме едно, што ние го нарекуваме спојување. Тоа значи откажување од индивидуалните партии. Значи да не зборуваме повеќе за Беса, за ДД, за Алтернатива, за АА, туку да зборуваме за ВЛЕН, бидејќи гледаме дека станува тешко да се одржи овој модел“, изјавуваше Беким Ќоку.
Иако и усогласувањето на ставовите околу новата партија бара и троши време, од коалицијата се уверени дека процесот успешно ќе финализира.
Спојувањето на коалицијата во една партија временски ќе коинцидира со период за кога е најавена можна реконструкција на Владата. Промените во ВЛЕН и одредени јавни несогласувања на нејзини претставници во изминатиот период, се очекува да имаат влијание и при рекомпонирањето на владиниот состав.