1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Патот до германско државјанство и маките со бирократијата

Бенџамин Најт
3 август 2024

Доселеници кои аплицираат за германско државјанство за ДВ велат дека се разочарани поради тортурата со бирократијата. Се очекува дури и влошување на работите поради новиот закон и зголемениот број барања за државјанство.

германски пасош
Над 200.000 луѓе од 157 различни земји добија германско државјанство во 2023 година - и бројките се зголемуваатФотографија: Winfried Rothermel/picture alliance

Марија Заднепријанец се вљубила во Германија уште од првиот ден. Русинката која развива софтвери пред десет години дошла во покраината Северна Рајна-Вестфалија на студии и била вчудовидена од слободата, јавните служби, едукативните можности. Сега, благодарение на четиригодишната борба со берлинската бирократија, се чувствува како „граѓанин од втор ред“. „Дојдов во Германија со многу наивна претстава за тоа што ќе значи да живеам овде. Мислев дека е фер земја и очекував дека државата има еднаков однос спрема луѓето, но ваквото искуство ми испрати друга порака“, посочува Заднепријанец.

Во првите години таа вложила големи напори за да се интегрира и научила германски најбрзо што може, нашла добро платена работа во модерен сектор, во кој на Германија ѝ се потребни работници и се преселила во главниот град. Во 2020 година ги поднела сите потребни документи за натурализација во населбата Панков во Берлин и потоа со месеци и години немала никаква повратна информација.

Откако нејзините мејлови биле игнорирани, таа ангажирала адвокат кој сугерирал да се тужи канцеларијата од Панков, но таа се одлучила против таков чекор и есента 2022 година почнала да испраќа факсови на секој службен број што можела да го најде „за да го ескалира случајот“, како што вели. Како одговор на тоа, од канцеларијата побарале дополнителни документи, а откако им ги пратила, повторно немало никаков одговор.

„Вака ги сфаќам работите со државјанството: јас си го правам својот дел, работам, го учам јазикот, се интегрирам, а по одреден период ќе ми биде дадено државјанство“, вели таа и додава: „Јас ги направив сите тие нешта, но другиот дел од договорот никако да се случи.“

„Германската бирократија воопшто не е германска“

Заднепријанец не е единствената со ваков проблем. На социјалните мрежи има групи во кои школувани мигранти и работници кои придонесуваат за германското општество го празнат бесот во врска со бирократијата. Некои во јуни протестираа барајќи „фер и транспарентен процес за државјанство“. Многумина сметаат дека може да им помогне само правна мерка, т.н. тужба за непостапување против властите за имиграција. Таква во Германија може да се покрене ако властите не одговориле на една апликација ни по шест месеци од денот на кој властите ги примиле сите потребни документи.

Марија Заднепријанец: Дојдов во Германија со многу наивна претстава за тоа што ќе значи да живеам овдеФотографија: Ben Knight/DW

Човек кој се одлучил на таков чекор е Пакистанецот Имран Ахмед, чиешто име е сменето од редакцијата по негово барање од страв дека неговиот случај ќе се судри со предрасуди од страна на берлинските власти за имиграција. „Веќе изгубив верба во тоа дека властите се фер и загрижен сум дека ќе бидам казнет што ја споделувам мојата приказна“, вели тој за ДВ.

Како софтверски инженер со жена и син, Ахмед има поднесено апликација пред три години - во тој момент веќе осум години престојувал во Германија и имал мастер диплома во Дармштат и работа. Немал добиено ништо повратно 18 месеци по аплицирањето, а потоа од него побарале понови копии од старите документи. „Оттогаш е 'блекаут'“, вели тој и додава: „Отсекогаш сакав да дојдам во Германија. Навиките на Германците беа нешто што ми одговараше – да доаѓаш точно навреме, нештата да ги кажуваш директно, да бидеш организиран. Но, германската бирократија воопшто не е германска. На моето работно место и насекаде сум благословен со германската точност и организација, но кога и да си имаш работа со бирократијата, имаш чувство дека е од земја од трет свет", вели Ахмед.

Фрустриран и под стрес поради долгото чекање (тој дури вели дека претрпел здравствени проблеми поради тоа), во јануари годинава Ахмед се обратил писмено до неколку членови на градското собрание на Берлин да праша како точно се процесираат апликациите.

Берлинските власти годинава процесот за натурализација го централизираа и наместо преку 12-те општински власти, сѐ се одвива преку една канцеларија за имиграција и државјанство - ЛЕА. Овој центар го заменува и порано нужниот личен разговор со онлајн „брза проверка“ за да се утврди дали апликантот ги исполнува нужните предуслови за примања, престој и јазични познавања.

Ахмед добил одговор единствено од Лаура Нојгебауер од Зелените. Нејзината партија, која е во опозиција во градското собрание, поднела официјално барање за информации, од кое произлегло дека е „речиси невозможно“ ЛЕА хронолошки да ги третира апликациите, бидејќи ги добива од општинските власти во пакети на кои не стои датумот на поднесување. „Ова беше лудило за мене“, вели Ахмед.

Маките на мигрантите со бирократијата во Германија

01:02

This browser does not support the video element.

Брдо од стари апликации

Портпарол на ЛЕА вели дека има разбирање за фрустрациите на барателите, но дека „многу клиенти не разбираат“ дека ЛЕА добила брдо од 40 илјади стари апликации по транзицијата во јануари годинава. Најстарите меѓу нив, според портпаролот, се од 2005 година. „Се разбира дека секој го гледа само своето лично време на чекање и желбата да се биде натурализиран и тоа го ставаат во преден план“, вели и додава дека веројатно ќе биде помалку ефикасно прво да се процесираат старите бидејќи многу од нив веројатно не се потполни. „Работиме низ планина документи од повеќе страни со цел да натурализираме што повеќе луѓе најбрзо што може“, потенцира портпаролот.

Адам (името е сменето од редакцијата) од Египет се сомнева дека оние кои аплицирале пред почетокот на оваа година се во полоша позиција. И тој ги пополнил сите потребни полиња – тој работи како инженер за голема германска телекомуникациска компанија и има соодветни примања, зборува добро германски, има доволно долг престој во земјата. Откако чекал повеќе од две години, државјанството го добил годинава откако тужел за непостапување.

Но, апликациите од жена му и трите деца, од кои две се родени во Германија, се заглавени некаде во ЛЕА. Тој сега и во нивно име поднел тужби што го чинело повеќе од 3 илјади евра. „Има луѓе кои аплицираа онлајн и добиваат државјанство за два до три месеца, а луѓето кои аплицирале офлајн ги игнорираат“, вели тој. 

Колку е бавна Германија?

01:32

This browser does not support the video element.

Забрзување на одлуките

Министерката за внатрешни работи на Берлин, Ирис Шпрангер, вели дека покраинските власти сакаат да го удвојат бројот на натурализации на 20 илјади годишно и дека ЛЕА е на пат таквиот таргет да го оствари веќе во тековнава година, но дека мора да ги процесира и старите 40 илјади апликации. „Тоа е огромен предизвик, особено затоа што бројот на апликации значително е зголемен по реформата на законот за државјанство“, вели портпаролот на ЛЕА за ДВ.

Заднепријанец не е импресионирана. „Тие апликации не паднале од небо“, вели таа и прашува „зошто се останати и кој е одговорен за тоа?"

Се чини дека нештата прво ќе се забават пред да се забрзаат, особено што законите беа олабавени дури во јуни годинава. Според ЛЕА, Берлин актуелно добива просечно 133 апликации дневно, односно преку 25 илјади годинава само до средината на јули. Ако продолжи таквото темпо, властите мора да сметаат на преку 48 илјади апликации во 2024 година.

И покрај ова, Вибке Грам од локалните власти за весникот „Берлинер Моргенпост“ вели дека целта за процесирање на апликации сега изнесува шест месеци.

Тоа на Заднепријанец ѝ изгледа премногу амбициозно. Таа се чуди зошто не е поголем бројот на луѓето кои ја ставаат под прашање транспарентноста и ефикасноста на системот. „Се плашам дека ќе треба да чекам уште пет години за некој да се занимава и со мојот случај“, вели таа и додава дека сега веќе размислува за правни мерки.

Овој текст првично е објавен на ДВ на англиски јазик

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми