1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Патриоти од сите земји, ајде на инаугурација!

18 јануари 2025

Друштвото во кое ќе се најде Мицкоски (а и Гаши и Таравари) на свеченоста пред Конгресот е составено главно од крајни десничари и патриотски популисти. Македонската влада фрла огромни надежи во администрацијата на Трамп.

Кој сѐ ќе биде во Вашингтон на инаугурацијата и на другите пропратни настани? (архивска фотографија)Фотографија: Patrick Semansky/dpa/picture alliance

Политиката, особено македонската, знае многу често да биде гротескна. Случаи имате колку што сакате. Еве го последниов – инаугурацијата на новиот американски претседател Доналд Трамп на 20 јануари. Поканата да се биде таму стана работа на најголем можен престиж. Ако си таму, тоа значи дека никој како тебе не ги достигнал тие врвови.

Уште пред Нова година се знаеше дека премиерот Христијан Мицкоски ќе оди во Вашингтон. Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, беше испратен во тајна мисија (која беше обелоденета по враќањето) да ги договара можните средби со луѓето од новата администрација (со некои премиерот добро се знае), за да може да се направи впечаток кој со ништо не може да се избрише.

Од Владата пред некој ден за Дојче веле изјавија дека „ова е прва ваква можност во историјата на самостојна Македонија, премиерот на Владата на вака високо ниво во американската политика да оствари контакти значајни за државата“.

Таа глорификација е фалична по две основи. Во списите во Стејт департментот што се чуваат од 1874 година досега никогаш странски државници не присуствувале на ниту една инаугурација на американски претседател. Значи досега никој од странство не бил поканет на која била инаугурација.

Втората фалична глорификација не само што е погруба, туку и многу полоша. Двајца македонски политичари беа во Овалната соба во Белата куќа. Едниот беше претседател, другиот премиер. Претседателот Борис Трајковски беше примен од американскиот претседател Џорџ Буш помладиот во 2001. Тие двајцата беа блиски пријатели. Не само што разговараа, туку Буш и Трајковски и заедно се молеле во некое катче во Белата куќа.

Вториот беше поранешниот премиер Владо Бучковски, кој беше во Овалната соба во октомври 2005, исто примен од Џорџ Буш, кој една година претходно ја призна Македонија со тогашното уставно име. Таков успех ниту пред него ниту после него не достигна ниту еден македонски премиер. Додуша, уште двајца беа во Белата куќа, но кај потпретседателите на Америка. Прво Бранко Црвенковски во летото 1998 беше примен од потпретседателот Ал Гор, а Никола Груевски беше викнат во Вашингтон во февруари 2011 на разговор со тогашниот потпретседател, а сега претседател, Џо Бајден. Тоа беше една од најкастрофалните посети што во својот мандат ги имаше Груевски. На неа требаше да се реши прашањето на името.

Политички стипл-чез

Гротескноста на македонската политика е што владините партнери ги прегнаа коњите да учествуваат во овој стипл-чез. Пред три дена претседателот на Собранието, Африм Гаши, објави дека бил поканет да учествува на инаугурацијата и дека без колебање ја прифатил поканата. Но не бил само тој, туку и претседателот на Алтернатива, Зеќирија Ибраими, добил покана од Вашингтон. За да не останат покуси и од Алијансата за Албанците (владејачкото крило) објавија дека и министерот за здравство Арбен Таравари добил покана да оди во Вашингтон и, се разбира, тој ќе оди на инаугурацијата.

Ќе видиме најпосле кој сѐ ќе биде во Вашингтон на инаугурацијата и на другите пропратни настани (не знаеме за баловите), но многу поважно е друштвото во кое ќе бидат македонските политичари. И основното прашање е дали тие идеолошки се идентификуваат со другите гости, или поважно е да добијат пристап до луѓето на Трамп.

Не е тајна дека Доналд Трамп сака популистички лидери – честопати ги фали за кршење на нормите и излегување надвор од законите за да се завршат работите.

Во какво друштво ќе се најде Христијан Мицкоски (а и Гаши и Таравари) на свеченоста пред зградата на Конгресот? Од прес-службата на тимот за транзиција и до денес не им даваат детали на американските медиуми кој бил поканет за инаугурацијата. Па ни името на Мицкоски не е споменато. Но за некои веќе се знае.

Поканет е поранешниот претседател на Бразил, десничарскиот популист Жаир Болсонаро. Тој самиот ја објави на Икс таа вест, велејќи дека се надева дека ќе отиде во Вашингтон на заклетвата. Болсонаро рече дека неговиот адвокат „веќе испратил барање… да ми се врати пасошот за да можам да присуствувам на овој почесен и важен историски настан“.

Поранешниот лидер, наречен „Трамп од тропските краишта“, е обвинет за заговор за државен удар во 2022 година за да остане на функцијата по неговиот пораз на гласањето за реизбор. Неговиот пасош беше одземен во февруари 2024 година, откако бразилските власти го обвинија него и десетици други како дел од наводниот заговор за „насилно разбивање на уставната држава“. Во четвртокот судот го одби барањето на Болсонаро да му биде вратен пасошот, па тој ќе остане во Бразил. Оваа недела Болсонаро изјави за „Њујорк тајмс“ дека бил толку возбуден поради можноста да го види Трамп во живо што „не земам веќе ни вијагра“.

Потоа, тука е претседателот на Аргентина, Хавиер Милеи. Тој беше еден од првите странски лидери што се сретна лично со Трамп по неговата победа во 2024 година и најави дека планира да присуствува. Трамп еднаш го нарече екстремно десничарскиот либертаријански политичар и поранешен телевизиски коментатор, избран во ноември 2023 година, како негов „омилен претседател“. Како и Трамп, тој ужива да ги напаѓа своите политички ривали со зборови како „паразити“ и „политичари крадци“, а аргентинскиот Конгрес го нарече „гнездо на стаорци“.

Не е тајна дека Доналд Трамп сака популистички лидериФотографија: Annabelle Gordon/IMAGO

Орбан имал други обврски

Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, еден од најдолгите и најсилните странски сојузници на Трамп, нема да биде на инаугурацијата. Трамп го пречека Орбан во Мар-а-Лаго по неговата изборна победа. Прес-секретарот на премиерот, Берталан Хаваши, на прашање на унгарскиот медиум „Телекс“ одговори дека Виктор Орбан на 20 јануари ќе биде во Будимпешта, каде ќе одржи презентација на конференција на која ќе се оценуваат резултатите од унгарското претседателство со ЕУ. Од неговиот одговор не се знае дали Орбан воопшто бил поканет.

Трамп ја покани италијанската премиерка Џорџа Мелони на неговата инаугурација, а исто така ја пречека и во Мар-а-Лаго на изненадувачка вечера и филм пред два викенда, пофалувајќи ја како „фантастична жена". На знамето на нејзината партија се наоѓа тробојниот пламен популаризиран од диктаторот Бенито Мусолини и таа сè уште користи слоган што го фаворизираа фашистите – „Бог, татковина и семејство“. Таа уште не прецизира дали ќе оди во Вашингтон.

Во Вашингтон би требало да биде и претседателот на Салвадор, Најиб Букеле. Букеле, екстремно десничарски популистички лидер со врски со таборот на Трамп, е обвинет за масовно кршење на човековите права, вклучително и илјадници произволни притворања. Тој го презеде вториот мандат во јуни и покрај уставната забрана во Салвадор за последователен реизбор и го реформираше изборниот систем за да ја консолидира својата моќ. Букеле допрва треба да објави дали ќе присуствува, а Доналд Трамп Јуниор беше почесен гостин на инаугурацијата на Букеле минатата година.

Не е познато дали Трамп лично го поканил францускиот претседател Емануел Макрон да присуствува на инаугурацијата, иако двајцата уживаа во пријателска средба на големото повторно отворање на катедралата Нотр Дам во декември 2024 година.

Сепак, лидерот на десничарската француска политичка партија Reconquête, Ерик Земур, е поканет и ќе присуствува на настанот. Лидерката на најголемата француска десничарска партија, Национален собир, Марин Ле Пен, наводно била оттурната настрана од тимот на Трамп. Земур е уште подесно од крајната десничарка Ле Пен.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека сака да присуствува на инаугурацијата на Трамп, но сè уште не добил покана. За време на прес-конференцијата на 16 декември, Трамп рече дека не го поканил Зеленски, но дека „ако сака да дојде, би сакал да дојде".

Од рускиот претседател Владимир Путин, не беше побарано да присуствува на церемонијата на полагање заклетва на Трамп. Трамп го покани кинескиот лидер Ши Џинпинг да присуствува на инаугурацијата. Но тој нема да дојде. Место него се очекуваат или потпретседателот Хан Женг, задолжен за церемонијални должности, или врвниот дипломат Ванг Ји.

Навидум пријателските односи меѓу Трамп и британскиот премиер Кир Стармер можеби неодамна добија ладен пресврт, а тој сè уште не е поканет на инаугурацијата. Пред изборите, Стармер и Трамп се сретнаа на двочасовна вечера и си разменија комплементи меѓу себе. Додека Стармер можеби ќе отсуствува, Најџел Фараж, кој ја предводи британската десничарска партија Реформа на ОК, треба да патува на инаугурацијата, и покрај тоа што има јавна расправија со Илон Маск. 

Сојузниците на Трамп ѝ испратија покана на кандидатката за канцелар, Алис Вајдел, од екстремно десничарската Алтернатива за Германија. Таа нема да дојде, но ќе ја замени копретседавачот Тино Хрупала. Поканет е и претседателот на ултранационалистичката шпанска партија Вокс, Сантијаго Абаскал. Покана има и лидерот на крајната десница во Португалија, Андре Вентура.

Во Вашингтон ќе одат контроверзниот лидер на крајната десница во Холандија, Герт Вилдерс, и првиот човек на фламанските националисти од Белгија, Том ван Грикен. Тој е претседател на екстремно десничарската партија Вламс беланг.

Тој можеби најдобро го опиша учеството на оваа инаугурација-конференција во посебно соопштение. „Чест е да се учествува на настан кој уште еднаш ја става пораката ‘нашиот народ на прво место’ на мапата, заедно со светските лидери кои ги споделуваат нашите вредности“, рече Ван Грикен. „Следниот понеделник е повеќе од церемонија“, продолжува Ван Грикен. „Тоа е сигнал дека патриотите ширум светот мора да работат заедно за да ги бранат нашите заеднички вредности: слободата, суверенитетот и интересите на нашиот народ. Инаугурацијата на Доналд Трамп нѐ потсетува дека политичката храброст се исплатува“.

Има многу непоканети, како претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Некои можеби добиле покани, но не сакаат да кажат. Како, на пример, албанскиот премиер, Еди Рама. Тој во четвртокот направи многу поголема работа отколку да учествува на инаугурацијата. Албанската влада одлучи да ѝ додели статус на стратешки инвеститор на компанија поврзана со зетот на Доналд Трамп, Џаред Кушнер, за да изгради луксузно одморалиште на ненаселениот остров Сазан, кој некогаш беше воен пункт. За проектот е планирана инвестиција од 1,4 милијарди евра. Зетот на Трамп таму планира да изгради комплекс на луксузни вили.

Албанија и Србија му нудат на зетот на Доналд Трамп, Џаред Кушнер можности за градежни проектиФотографија: Chris Kleponis/abaca/picture alliance

Помош од Вашингтон

Христијан Мицкоски планира да ги продлабочи врските со оние што веќе добро ги познава, номинираниот министер за трговија, Хаурад Лутник, кој беше копретседавач на тимот за транзиција. Како и Девин Нунес, кој треба да биде претседавач со Консултативниот совет за разузнавање на Трамп. И преку нив тој, а и Македонија, да добијат пристап до Трамп, а ако не - до идниот државен секретар Марко Рубио.

Не е никаква тајна дека преку Вашингтон македонската влада сака да се обиде да го смени условот за продолжување на преговорите со ЕУ – промена на уставот. Или да добие некое прифатливо решение кое ќе може да се продаде на македонската јавност, а да не ѝ наштети на партијата и на владата. Настрана можностите за инвестиции. Србија го нуди разурнатиот генералштаб во центарот на Белград (од бомбите на НАТО), на човекот кој не може да биде поблизок до Трамп – неговиот зет Џаред Кушнер, за да гради таму луксузен хотел. Што би понудила Македонија засега не е јасно. Инвестициите во енергетиката можеби се интересни, но не се спектакуларни и рокот на нивна изграба е прилично долг.

Се разбира дека тоа е добар обид на Мицкоски да ја извлече Македонија од европскиот ќорсокак со американска помош. Но дали можеш да се обложиш каква ќе биде поддршката на администрацијата на Трамп? Да не заборавиме, Преспанскиот договор беше склучен токму за време на неговиот прв мандат. А Трамп имаше многу добри односи со Алексис Ципрас. Не треба да се заборави дека Трамп има многу добри лични односи со Бојко Борисов. Кога тој беше премиер одеше во Белата куќа. Бугарија треба да купува авиони „Ф-16". Бугарија има долг брег на сега критичното Црно Море и стана клучна енергетска крстосница за гасот што доаѓа од Турција или од новиот центар за течен гас во Александополис во Грција. Тој проект беше направен за време на првиот мандат на Трамп.

Човек вреди да се обиде, но кога е во прашање Доналд Трамп никогаш не знаеш како ќе заврши тоа. Се сеќаваме на она понизно ученичко седење на Александар Вучиќ на мало столче пред Трамп пред крајот на неговиот прв мандат, кога се согласи без поговор за економско нормализирање со Косово.

Последниот пример е уште поинтригантен.

Долгочекуваното примирје меѓу Израел и Хамас дојде делумно и поради вклучувањето на луѓето на Трамп во преговорите, иако сѐ уште не се официјални лица. Трамп го испрати својот иден пратеник на Блискиот Исток, инвеститорот Стив Виткоф (самиот Евреин), да се приклучи на преговорите во Доха минатата недела. Виткоф потоа отиде на средба со Бенјамин Нетанјаху и толку силно го притиснал да направи компромис што израелскиот премиер морал да се согласи на договорот за да се ослободат заложниците. Двајца високи арапски дипломати изјавија за „Тајмс оф Израел“ во вторникот дека пратеникот на Трамп успеал да изврши поголем притисок врз Нетанјаху на една средба отколку што тоа го направи администрацијата на Бајден цела година.

Нетанјаху не е поканет на инаугурацијата на Трамп, но тој добро знае каков може да биде гневот на човекот кој, сепак, е негов силен политички сојузник. Иако Бајден ниту еден ден не престана да го снабдува со американско оружје да ја бомбардира Газа и да да војува против Хезболах во Либан. Трамп сака да се претстави како миротворец и Нетанјаху ризикува да загуби многу повеќе отколку поддршката за владата од екстремно десничарските партии.

Ваквите примери треба да бидат поука. Кој би можел да знае кого Трамп би го седнал на ученичкото столче за да се најде договор за излез од кризата меѓу Македонија и Бугарија: Христијан Мицкоски или Росен Жељазков? Коцкањето би била многу ризична работа.

А на крајот, пак Европската унија ќе треба да одлучи дали воопшто ќе разговара за продолжување на преговорите со Македонија ако ги нема уставните измени. А оваа година треба да почнат преговори по кластери со Украина и Молдавија, Албанија да отвори неколку нови поглавја и Црна Гора да затвори неколку. Собирот на патриотите од целиот свет во Вашингтон на 20 јануари нема многу да помогне во ова заостанување на Македонија.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми