ЕЕС: Без печати - но со отисок и фотографија преку граница
11 октомври 2025
Планирате да патувате во Европа? Тогаш треба да знаете дека од 12 октомври стапуваат на сила нови правила при влез и излез во Европската Унија, коишто ќе важат за сите државјани коишто не се членки на Унијата и патуваат за краток престој во 29 европски земји. Меѓу нив се и македонските граѓани.
Почнувајќи од недела (12.10), Европската Унија започнува со воведување на Системот за влез/излез (ЕЕС), кој целосно треба да се имплементира до април 2026 година. Без разлика дали планирате викенд во Белгија, културно патување во Австрија или летен одмор во Шпанија, ЕСС ќе ги следи вашите влезови и излези во сите тие земји.
Новите правила ќе важат и на границите и на аеродромите. Во план е ставањето печати во пасошите постепено да заминува во историјата, а ќе биде заменето од биометриски записи и отисоци од прсти, со што комплетно ќе се трансформира начинот на кој бројни патници секојдневно ги преминуваат граничните премини.
При првото патување по воведувањето на системот, македонските граѓани на граничниот премин Деве Баир кон Бугарија или на границата со Грција, ќе треба да поминат низ целосен процес на регистрација кој вклучува фотографирање, скенирање на отпечатоци од прсти и внесување на податоци од пасошот. За да се олесни процедурата ќе има пунктови за самопослужување за верификација, а можно е и претходно предрегистрирање преку мобилни апликации.
Тоа може да го успори целиот процес на почеток, но при следните патувања, контролата ќе биде побрза, бидејќи податоците веќе ќе бидат складирани во системот и ќе се врши само нивна проверка.
Што е ЕЕС?
ЕЕС е нов дигитален систем за гранична контрола што се воведува низ цела ЕУ почнувајќи од октомври 2025 година. Тој го заменува традиционалното ставање печати на пасошите преку безбеден процес што ги евидентира биометриските податоци, датумите на влез и излез, правејќи ги граничните проверки попрецизни и поефикасни за патниците.
Станува збор за автоматизиран ИТ систем дизајниран да регистрира на надворешните граници на Шенген зоната државјани кои доаѓаат од земји што не се членки на ЕУ и кои кратко ќе престојуваат на територијата на Унијата. Наместо да се потпира на рачно ставање печати на пасошите, системот електронски ги евидентира личните податоци и биометриските идентификатори, како што се фотографии од лице и отпечатоци од прсти, секој пат кога ќе влезете или излезете од Шенген зоната.
Печатите може да избледат - но не и електронските записи
Децении наназад, ставањето печат во пасошите претставува стандард за евидентирање на влез и излез, но овој метод има свои недостатоци: печатите можат да избледат, да се изгубат, па дури и да се фалсификуваат.
ЕЕС го заменува ова со електронски записи, складирајќи биометриски информации како што се фотографии од лицето и отпечатоци од прсти за точна идентификација. Оваа модернизација гарантира дека кога ќе ја преминете границата, вашата историја на патувања ќе биде дигитално евидентирана, намалувајќи ја веројатноста за грешки или проблеми во врска со вашето време поминато во Шенген зоната.
За кого важи системот?
ЕЕС се однесува на сите државјани од земји кои не се членки на Европската Унија или Шенген зоната и кои патуваат за краток престој (до 90 дена во рамки на 180 дена). Тоа ги опфаќа патниците кои се ослободени од виза за влез во ЕУ и оние кои поседуваат виза за краток престој.
Граѓаните на земјите-членки на ЕУ и на Шенген зоната не подлежат на новиот систем.
Земји каде ќе се применува ЕЕС
Системот ќе биде активен на сите надворешни гранични премини на 29 земји, меѓу кои се: Грција, Бугарија, Австрија, Германија, Франција, Италија, Шпанија, Шведска, како и Исланд, Норвешка, Швајцарија и Лихтенштајн.
Со овој систем, Европската Унија има за цел да ја зголеми безбедноста на граѓаните, преку подобро откривање на фалсификувани документи и идентитетски измами и да ја подобри борбата против криминалот, тероризмот и нелегалната миграција. Исто така треба да се олесни патувањето преку побрзи и поефикасни гранични проверки и да се обезбеди прецизна дигитална евиденција за времетраењето на престојот, со што ќе се избегнат можни недоразбирања кои порано настануваа со рачните печати.
Неколку фази
Во периодот од октомври 2025 до април 2026 системот ќе се воведува по фази. Тоа значи дека дел од патниците сè уште ќе добиваат печат во пасошите, додека постепено сите гранични премини не преминат на целосна дигитална евиденција. Од 10 април 2026 година, печатите во пасошите целосно ќе бидат заменети со електронски записи.
Па така, за време на шестмесечната транзиција, граѓаните може да се соочат со различни процедури во зависност од тоа каде ја преминуваат границата. На пример, некои аеродроми и контролни пунктови на копно можеби веќе бараат биометриски скенирања, додека други продолжуваат со рачни печати.
Од идната година Европската Унија го воведува системот ЕТИАС – Европски систем за информации и одобрение за патување (European Travel Information and Authorisation System). Тој ќе биде задолжителен за сите државјани на државите кои не се членки на Шенген зоната кои патуваат без виза во земјите членки на Шенген-зоната.
Иако со него е предвидено да се плаќа такса од седум евра, од МНР неодамна порачаа дека тој не претставува воведување на визен режим, туку пред-патничко безбедносно одобрение кое ќе биде издадено пред да се влезе во земјите членки на Шенген зоната од земјите од ЕУ за краткорочен престој до 90 дена во период од 180 дена.