1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ФудбалБразил

Пеле– замина легендата на фудбалот

Сара Вирц
30 декември 2022

За многумина Пеле беше најдобар фудбалер на сите времиња, почина во својата 82. година. Едсон Арантес до Насименто во текот на активната кариера стана светска фудбалска легенда.

Фудбалската легенда Пеле
Фудбалската легенда на Бразил, ПелеФотографија: Martin Hoffmann/IMAGO

„Ти беше гениј кој го маѓепса светот. Магионичар со топка на ногата. Вистинска легенда.“ Ова се зборовите со кои Пеле се прости со писмо од Марадона, откако Аргентинецот почина во ноември 2020 година. Слични проштални зборови за Пеле, својот некогашен пријател и ривал, веројатно би избрал и Марадона.

Тие двајцата со својот стил на игра оставија длабок печат во фудбалскиот свет. Аргентинецот Марадона како градител на игра. Бразилецот Пеле како напаѓач. Двајцата оставија длабока трага во светот на фудбалот во 20. век. Во своите татковни беа народни херои, ги одушевуваа фудбалските навивачи ширум светот со својата техника, своите голови.

Пеле, кој беше 20 години постар од Марадона, беше првата фудбалска суперѕвезда. Бразилецот уште беше единствениот фудбалер кој три пати освојуваше титула на светски првак. Не само што беше избран за најдобар фудбалер во светот- Пеле беше прогласен и за спортист на 20. век.

„Пеле е бесмртен, Едсон не се плаши од стареење, не се плаши од умирање“, рече Пеле во едно интервју. Притоа добро ја знаеше разликата меѓу фудбалска икона која се вика Пеле и човекот со име Едсон Арантес до Насименто.

Тоа име го добил на 23 октомври 1940. година во чест на американскиот пронаоѓач Томас Едисон. Нејасно е како го добил прекарот. Најчеста верзија која можеше да се чуе е приказната дека како момче го обожувал голманот на екипа во која играл неговиот татко. Голманот се викал Биле. Малиот Едсон наводно рекол дека и тој сака да биде како „Пиле“. И така веројатно со време го добил прекарот Пеле, поради кој на почетокот дури и се лутел.

Пеле во фудбалскиот клуб Сантос, 1977 годинаФотографија: IMAGO

Меѓународен пробив

И не помина многу време пред најпрво Бразил, а потоа и остатокот од светот, да го забележи талентираното момче. Со само 15 години Пеле во 1956 година потпиша договор со ФЦ Сантос, а во средбата во која дебитираше во првата лига го постигна и својот прв гол. Следел повик за играње во репрезентацијата на Бразил. Со само 16 години и 257 дена дебитираше за селекцијата во мечот против Аргентина (1:2).

Единствениот гол за Бразил го постигна – погодувате – токму тој.

Пеле беше член на бразилската екипа која една година подоцна отпатува на Светското првенство во Шведска, но на почетокот на турнирот седеше само на резервната клупа. А кога конечно заигра, само 171 сантиметар високиот Пеле во четири настапи шест пати ја затресе противничката мрежа и така даде значаен придонес за освојување на светската титула, прва титула за Бразил, земја чии жители буквално лудуваат по фудбалот. Посебно во финалето против домаќинот, Пеле со своите акробации ја одушеви публиката – тоа беше негов меѓународен пробив.

Во својата татковина Пеле веќе тогаш го обожуваа како веројатно никој друг. Бразилската влада го прогласи за „национална светост“. И му забрани на клубот да му дозволи заминување во странство. Тогаш имаше само 20 години. На патувањата низ други земји младиот Пеле беше приман како да е претседател на држава.

На Светското првенство во Чиле во 1962 година следеше голем удар. Бразил додуша ја одбрани титулата светски првак, но Пеле речиси и не заигра. Се повреди уште во првата фаза на натпреварите. Четири години подоцна во Англија, бранителот на титулата изненадувачки испадна веќе во групната фаза. Но затоа Пеле во 1970 година во Мексико го доведе својот тим на самиот врв – а тој беше мозокот на екипата.

Пеле на СП во Мексико 1970 година, Бразил стана светски фудбалски првакФотографија: AP

Една година подоцна Пеле настапи 92. пат, тоа беше и последен настап за Бразил. Пред 180.000 гледачи се прости од репрезентцијата на стадионот Маракана. Во дресот на Бразил постигна вкупно 77 голови. На многумина им се чинеше дека прерано се простува од националниот тим – Пеле тогаш имаше само 30 години.

Зошто се повлече?

За причината за повлекување од репрезентацијата се шпекулира до денес – дали бил во прашање жесток судир со тогашниот претседател на Бразилскиот фудбалски сојуз, Жоао Авеланж? Пеле подоцна рече дека во прашање била политика: тој, како што изјави, не сакал да ја поддржи тогашната воена диктатура. Дали навистина бил противник на диктатурата? Или негувал прилично добри контакти со тогашните министри? Тоа е уште една загатка од биографијата на Пеле.

Пеле продолжи да игра во бразилската лига. Колку натпревари навистина одиграл и колку голови постигнал за Сантос, тоа денес никој не може да реконструира со сигурност. Официјалните податоци зборуваат за 1.088 голови и 1.114 настапи. Како негов илјадити гол во статистиката е впишан погодокот кој од белата точка го постигна на средбата против Васко де Гама. Цел Бразил го прослави тој ден (19.11.1969), наводно ѕвонеле и црковните ѕвона. Но, подоцна истражувањата покажаа дека неговиот гол тогаш веројатно бил негов 1.002. погодок.

Пеле и Франц Бекенбауер во ФК Космос во ЊујоркФотографија: Colorsport/IMAGO

Финансиски проблеми

Фудбалската кариера ја заврши во 1974 година, но како што се покажа, не дефинитивно. Имено, само една година подоцна, изненадувачки потпиша договор со Космос од Њујорк, каде настапуваше во тогаш слабо познатата Северноамериканска фудбалска лига. Причина? Еден пријател на Пеле го проневерил целиот имот на Пеле. И тој во три години во САД заработи 4,5 милиони долари – тоа беше рекорден договор во тогашниот фудбал.

„Пеле е најдобар играч на сите времиња. Тој доминираше со фудбалот повеќе од 20 години. Сите други играчи како Марадона, Кројф или Платини доаѓаат по него. Нема никој кој може да се спопреди со Пеле", изјави подоцна неговиот тогашен клупски другар од Космос, Германецот Франц Бекенбауер. Во 1977 година Пеле конечно се прости од фудбалките терени.

Прв министер со темна боја на кожата

Уште во текот на годините поминати во Њујорк, Пеле постави темели на успешен деловен човек. Воспостави важни контакти, основаше фирма за спортски маркетинг. Пеле, кого го биеше глас на скромен и религиозен човек, купи и една радиостаница (Радио клуб де Сантос) и една фирма за филмска продукција. Флертуваше со преземање некои политички функции, а еднаш дури и најави дека ќе формира левоориентирана партија.

Неговата политичка кариера се конкретизираше дури во 1984 година – кога стана првиот министер со темна боја на кожата. Пеле беше именуван на должноста вонреден министер задолжен за спорт. Се обиде да ја искорени корупцијата во бразилскиот фудбал, но многу поуспешен беше во промовирањето масовен спорт, односно детски и младински спортски проекти. По четири години се повлече од политиката.

Се женеше два пати, има седум деца. Извршуваше должност на спортски амбасадор на својата земја во ОН и УНИЦЕФ. „Секое дете во светот во фудбалот сака да биде како Пеле, затоа имам одговорност да им покажам како се станува добар фудбалер, но и како се станува добар човек“, изјави во една прилика.

Здравствени проблеми

Во своите доцни годиниПеле имаше многу здравствени проблеми. По операција на колкот (2012) дојде до компликации. Отстранет му е камен во бубрегот, аво 2021 година и тумор на дебелото црево. Пеле речиси воопшто веќе не се појавуваше во јавност. „Помислете само, тој отсекогаш беше крал и импресивна личност, а сега веќе не може ни да оди нормално.“ Тоа на јавноста во февруари 2020 ѝ го откри неговиот син Едсон. „И затоа се повлече, се срамеше.“ Освен тоа, откри и дека неговиот татко страда од депресија, што Пеле непосредно потоа решително го демантираше.

„Еден ден, се надевам, заедно ќе играме фудбал на небото“, порача Пеле преку Твитер на денот кога почина Марадона. И сега тие двајцата, велемајстори на дриблингот, заедно играат во некои сосема други сфери. А всушност тоа отсекогаш и беше така.

 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми