1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пендаровски: Предлогот на Бугарија е скандалозен

ДТЗ
6 април 2023

Такви барања не упатуваат ниту окупаторите, оцени претседателот Пендаровски, кој смета дека и дебатата околу хрватскиот модел и концептот за мнозинства и малцинства е депласирана работа и не треба да се губи време за тоа

Стево Пендаровски
Такви барања не упатуваат ниту окупаторите, оцени претседателот, по барањето на Софија да учествува во уставните измениФотографија: President of North Macedonia

Барањето на Софија да биде вклучена во процесот на уставни измени во Северна Македонија е скандалозно, оцени денеска претседателот Стево Пендаровски. Одговорајќи на новинарски прашања во Скопје, тој рече дека такви барања не упатуваат ниту окупаторите кон земјите, териториите, државите кои ги окупираат.

„Во 21 век е апсолутно непримерно да барате да се мешате во внатрешна политика и во внатрешните политичките и уставно-правни процеси на која било држава. Во таа мисла мислам дека нашиот одговор, преку МНР, вчера беше на место“, вели Пендаровски. 

Реакцијата на претседателот следи откако шефот на бугарската дипломатија Николај Милков, од Брисел порача дека Бугарија сака да учествува во процесот на уставните измени кој што во наредните месеци ќе се одвива во Северна Македонија. Од македонското МНР му порачаа дека процесот на уставни измени е суверено право на граѓаните на Северна Македонија, и дека нема можност Бугарија да се вклучи во тој процес.  

„Се очекува Собранието да ја донесе таквата одлука, суверено и согласно долгорочните интереси на граѓаните на Северна Македонија, претставени во парламентот и во тој контекст, не постои можност ниту политичка волја за вклучување на граѓани и институции од странство, вклучително од Република Бугарија“, беше истакнато во реакција на Министерството за надворешни работи во Скопје. 

Депласирана дебата 

Во однос на условувањето на опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека ќе учествува во процесот на уставни измени доколку се прифати хрватскиот модел, Пендаровски вели дека дебатата за концептот околу мнозинства и малцинства во Северна Македонија е надмината и завршена со Рамковниот договор во 2001 година.

„И во поранешна Југославија никогаш не сме употребувале термин национални малцинства, туку имаше народи и народности. Зошто? За да не навредиме никого кој живее тука, а е како бројка помал од мнозинскиот народ. Мислам дека тоа е депласирана дебата и не треба да губиме време за тоа“, вели претседателот.

Тој потврди дека до нив пристигнало барањето од Министерството за правда да делегираат свој експерт кој ќе учествува во работната група за изготвување на амандмани за уставните измени. Најави дека деновиве ќе испратат и формален одговор, со кој професорот од Правниот факултет, Александар Спасов, кој е правен советник на претседателот, ќе биде ќе предложен за член во експертска работна група за уставните измени.

Во однос на барањето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски да се одржи лидерска средба за уставните измени, Пендаровски вели дека во принцип лидерските средби се организираат ако има согласност од сите страни. „Во моментов за хрватскиот предлог нема согласност и од другите“, вели Пендаровски. Идејата за лидерска средба во средата (5.04) ја отфрли и премиерот Димитар Ковачевски. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми