1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пендаровски: Мора да останеме на патот кон ЕУ

ДТЗ
19 декември 2023

Претседателот Стево Пендаровски во новогодишното обраќање повика на консензус меѓу партиите за клучни прашања, на прочистување од корумпирани политичари и судии, и се осврна на проблемот со демографијата.

Стево Пендаровски
Претседателот во новогодишното обраќање повика на прочистување од корумпираните политичари и судииФотографија: Petr Stojanovski/DW

Државата мора да остане на патот на европските интеграции без оглед на тоа која извршна власт ќе раководи по изборите во мај 2024 година и какви ќе бидат раздвижувањата по изборите за Европскиот Парламент и претседателските избори во САД. Евентуалното забавување или запирање на европските интеграции нема да се одрази добро врз ниту една сфера од општественото живеење, почнувајќи од економијата, па, сѐ до меѓуетничките односи. Ова е пораката која што ја испрати претседателот Стево Пендаровски кој по петти пат имаше новогодишно обраќање во законодавниот дом, за последен пат во овој мандат како претседател.

Во пресрет на изборите на пролет, кога ќе треба да соопшти својата одлука дали ќе се кандидира за втор мандат, Пендаровски рече дека изминативе години бил и поддржуван и критикуван за одредени одлуки коишто ги носел, но дека секогаш бил на страна на маргинализираните, оштетените од неправдите или невидливите и од тој аспект неговата совест е мирна.  

Во своето обраќање тој укажа на безбедносните ризици коишто му се закануваат на светот и на земјата, во контект на војната во Украина и случувањата меѓу Хамас и Израел, се осврна на драматичното опаѓање на ентузијазмот меѓу граѓаните во однос на членството во ЕУ, како и на предизвикот од носењето на уставните измени во земјата, коишто ќе мора да продолжат без оглед на тој кој ќе биде на власт. Иселувањето и корупцијата и во оваа новогодишно обраќање до граѓаните ги посочи како едни од најголемите проблеми со кои се соочува државата. Повика на прочистување и кај судиите и кај обвинителите, но, прво кај политичарите. И за секој, за кого нема логично образложение како со државна плата станал милионер, побара веднаш да следи не само оставка, туку и кривична постапка.

Нема откажување од европските интеграции

Последните одлуки на Европскиот совет, според претседателот, за жал, го потврдија песимистичкото сценарио за Западен Балкан, кое некои дипломатски кругови го најавуваа од почетокот на војната во Украина. „Неспорно е дека ние не ја завршивме нашата домашна задача во однос на преземените обврски, но, тешко е да се пронајде логика и во последните одлуки на Брисел со кој практично беше целосно заобиколен регионот, што сигурно дополнително ќе придонесе за опаѓање на атрактивноста на проектот наречен „Обединета Европа“, вели Пендаровски. 

Ентузијазмот меѓу граѓаните за членство во Унијата драматично опаѓа, но според него, се наоѓаме на критична точка и ова е последната шанса да ја сочуваме мнозинската поддршка за преговорите кои секогаш имаат неутрализирачки ефект наспроти структурите кои сакаат да ја поткопаат демократијата.     

Во однос на уставните промени, идниот собраниски состав ќе мора да ја продолжи дебатата врз реални основи и со далеку почесен однос кон македонската јавност. „Кристално јасно е дека Европската рамка не може да се промени на подобро, ниту билатералниот договор со Бугарија, независно кој е на власт во Брисел или во Софија“, вели претседателот. 

Поради стравовите на македонскиот народ кој е секојдневно бомбардиран со политичка пропаганда, Пендаровски повторно порача дека ниту еден од денешната генерација политичари никогаш нема да преговара за идентитетските прашања. Тој е дециден дека на земјата не и е во интерес да прави непријател од Бугарија, затоа што,„наш интерес е да имаме стабилно опкружување и продуктивна соработка со сите соседи, наместо бесполезно да ја трошиме енергијата со нив, расправајќи се за историја“.  

Поделбите во македонското национално ткиво за ова прашање се контрапродуктивни за виталноста намакедонската кауза. Во таа смисла, додава тој, обновените странски пропаганди „одлично“ си ја вршат својата работа, практично без прекин, повеќе од еден век, така шт о нема потреба ние дополнително да копаме за да го продлабочиме јазот меѓу нас.  

Проветрување на корумпираните

Претседателот повторно предложи веднаш по изборите да се спроведе прочистување и кај судиите и кај обвинителите, но и кај политичарите.

„Со години се соочуваме со отпори од повеќе страни при секој обид за суштински реформи во делот на правосудниот систем. Причина за тоа е спрегата помеѓу делови од политичката и бизнис заедница со дел од судиите и обвинителите која во изминатите децении создаде атмосфера во која развивме ендемска корупција која ја загрозува виталноста на државата“, вели тој. 

Ниту еден закон, според него, не може да ја промени стварноста ако единствен критериум при изборот е негативната селекција базирана на партискиот клиентелизам и врски со олигархијата. Тој побара законите да важат за сите, а пресуди да бидат изрекувани и за висока корупција , а не само за „џепчии“. 

Пендаровски рече дека изминативе години бил и поддржуван и критикуван за одредени одлуки коишто ги носел, но дека секогаш бил на страна на маргинализираните, оштетените од неправдите или невидливите и од тој аспект неговата совест е мирна.  Фотографија: Petr Stojanovski/DW

„За жал, се стекнува впечаток дека САД и Европската Унија се поревносни борци против корупцијата кај нас од нашите институции. Меѓутоа, странските санкции не се доволни, не само затоа што не се проследени со домашни санкции. Имено, ние се соочуваме со многу подлабок проблем, бидејќи корупцијата, во меѓувреме, стана начин на живот за многумина или како што неодамна ја опиша еден странски амбасадор, станува збор за менталитет на луѓето кој мора да се менува“, вели пендаровски.

Демографијата како закана 

Пендаровски вели дека најголемата закана за национална безбедност и, воопшто, за иднината на Северна Македонија е демографијата. Реалноста е дека сите етнички заедници се помалку во апсолутни бројки и дека ниту една етничка заедница не „загрозува“ друга, туку дека сите сме загрозени.

„Затоа ни е итно потребна демографска стратегија, но, поддржана и од власта и од опозицијата, која ќе се базира врз податоците од овој попис, но и врз проекциите за демографскиот развој до 2070-та, кои пред некој ден ги објави Државниот завод за статистика. Таа стратегија, начелно, треба да се состои од два елемента. Првиот елемент го сочинуваат активните демографски политики кои ќе го стимулираат наталитетот. А, вториот е соочување со реалната состојба“, вели претседателот.

Безбедносни закани

Пендаровски смета дека членството во НАТО не е гаранција дека повеќе нема да се соочуваме со безбедносни закани и предизвици, бидејќи со нив се соочува секоја држава во светот. Меѓутоа, членството е гаранција дека на предизвиците повеќе не им гледаме самите во очи, со нас се 30  држави, 30 демократии, 30 моќни армии, 30 наши пријатели, и во добри и во лоши времиња.  

Тој се осврна на бруталната руска инвазија врз Украина, но и на најактуелниот светски конфликт во моментов, меѓу Израел и Хамас. „Нашиот политички став е јасен и тоа го демонстрираме во сите гласања досега во Обединетите нации. Првиот елемент на таа позиција е дека Хамас е терористичка организација и верувам дека е дојдено време, ние тоа како држава да го потврдиме и со формална одлука. Второ, Израел, според сите меѓународни акти има право на самоодбрана, трето, според истите тие меѓународни документи, мора да води сметка не за терористите на Хамас, туку, за човековите права на Палестинците. Во таа смисла, израелската армија мора да употребува пропорционална употреба на смртоносна сила, и без остаток да ги штити животите на цивилите, жените и децата“, рече Пендаровски. 

Тој укажува дека е потребно внимателно и одговорно постапување на сите политички субјекти за тој судир да не ги продлабочи поделбите во нашето мултиетничко, но, и мултирелигиозно општество.

Пендаровски побара законите да важат за сите, а пресуди да бидат изрекувани и за висока корупција , а не само за „џепчии“. Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Превенција

Крајот на 2023 година ја донесе и најголемата тага во државата - случајот со убиството на 14 годишната Вања Ѓорчевска. Пендаровски зборувајќи за пропустите кои довеле до оваа трагедија, рече дека механизмите на правната држава едноставно мораат на време да ги санкционираат сите оние кои користат говор на омраза кон политичките противници, кои навредуваат или се закануваат на луѓе од друга вера или нација.

„Мора да бидат забранети политички партии и невладини организации кои работат спротивно од декларираното во основачките документи и, во суштина, ја злоупотребуваат демократијата како неспорна вредност на модерниот свет. Државата мора системски и навреме да ги маргинализира оние кои пропагираат антицивилизациски вредности за да превенираме некои идни убијци кои освен наши граѓани, деца, возрасни или старци, можат повторно да ја убијат и нашата колективна совест“, дециден е претседателот. 

По нашите избори следната година, без оглед како ќе одлучат македонските граѓани, според Пендаровски, две работи се клучни за државата: одржување на стабилни меѓуетнички односи и западната ориентација во надворешната политика, односно продолжување на европската интеграција.  

„Наш приоритет треба да биде преку константен политички дијалог меѓу власта и опозицијата да го зголемиме внатрешниот потенцијал за постигнување консензус по битните национални прашања“, рече Пендаровски во својот говор, кој го следеа пратениците, дипломатскиот кор, како и поранешните претседатели Бранко Црвенковски и Ѓорге Иванов.  

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми