1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пендаровски повикува на државен консензус за во ЕУ

ДТЗ
14 октомври 2022

Европските интеграции не можат да бидат цел и приоритет на само една политичка гарнитура, потребен е државен консензус за ова важно прашање, порачува државниот врв, кој бара поддршка од опозицијата.

Северна Македонија ЕУ
Европските интеграции не можат да бидат цел и приоритет на само една политичка гарнитураФотографија: picture-alliance/dpa/I. Bänsch

Европските интеграции не можат да бидат цел и приоритет на само една политичка гарнитура, потребен е државен консензус за ова важно прашање. Ова е пораката на државниот врв по последниот извештај на Европската Комисија за напредокот на Северна Македонија. Напредокот и забелешките нотирани во извештајот сѐ уште се анализираат, но премиерот Димитар Ковачевски вели дека е време ракавите да се засукаат, а институциите во делот на борбата и справувањето со криминалот и корупцијата со забрзано темпо да ги спроведат обврските нотирани од извештајот. Продолжувањето на преговорите со ЕУ се гледа како можност за намалување на евроскептицизмот во земјата и во регионот.

Државен консензус

„За продолжување на преговорите ќе биде неопходен државен консензус за уставните измени и во тој потфат треба да влеземе плански и без брзање. Овој процес, според Пендаровски, треба да се одвива онолку време колку што ќе биде потребно за да не отвораме нови рани во ткивото на македонската нација“, порача денеска шефот на државата, Стево Пендаровски на конференцијата „На европскиот пат: Нови реформи, нови можности!”, во организација на Секретаријатот за европски прашања.

Претседателот вели дека придонес треба да дадат сите - европските интеграции не можат да бидат цел и приоритет на само една политичка гарнитура. „Тоа е национален проект што сите релевантни политички партии го поддржуваат од почетокот на македонската независност до денешен ден“, вели Пендаровски. Тој упати апел до сите политички чинители, како од власта, така и од опозицијата, конструктивно да се вклучат во процесот и да придонесат за негово непречено одвивање.

„Ова е сериозен процес кој не трпи импровизации. Секој наш чекор, освен Брисел, ќе го следи и најдобриот судија – македонската јавност. Секоја злоупотреба на овој процес за теснопартиски или лични интереси ќе значи губење на скапоцено време, кое го немаме, но, што е уште поважно, ќе значи дополнително губење на и така ниската доверба на граѓаните во државните институции. А, држава во која граѓаните немаат доверба сигурно не е држава во која тие ќе сакаат да живеат“,  порача тој. 

Најновиот извештај на Европската комисија за напредокот на државата доаѓа во време на растечки евроскептицизам меѓу македонските граѓани поради забавените евроинтеграции. Затоа, државниот врв смета дека според Пендаровски, граѓаните треба да ја чувствуваат Унијата не како далечно, безлично бирократско тело, туку, како нивен сојузник во напорите за подобар живот, тука, во Северна Македонија. „Во преговорите ќе ни стане јасно дека интеграциите не се само добрососедските односи, туку станува збор за еден колосален потфат за трансформација на државата и општеството што ќе бара трпение од сите нас, но и откажувања во многу области од нашето живеење особено на оние кои се денес привилегирани по разни основи. Крајната цел е изградба на функционална правна држава со ефикасен судски систем“, нагласи Пендаровски. Тој е дециден дека преговорите за членство ќе траат со години и ќе се бара напуштање на старите навики и испорачување на резултати.

Да се засукаат ракавите

Димитар Ковачевски повика на обединување во Собранието за иднината на државатаФотографија: Government of North Macedonia

Премиерот Димитар Ковачевски оценува дека извештајот на Европската комисија е јасна верификација дека земјата е на добар пат и уште појасна насока каде треба да чекори. „Има многу работи коишто треба да ги поправиме. Не е доволно само да се направи закон, да се изгласа закон, туку тој закон треба да се спроведе. Затоа ги повикувам сите институции, особено институциите коишто се во делот на владеењето на правото, што се во делот на борбата и справувањето со криминалот и корупцијата да ги засукаат ракавите и со забрзано темпо да работат на спроведување на се она што е нотирано во Извештајот“, вели Ковачевски. 

И тој повика на обединување во Собранието „заради иднината на државата“. „Затоа што од нас што сме во пратеничките клупи, што сме во канцелариите во Владата, зависи колку брзо ќе се спроведат  реформите“, истакна Ковачевски.
Премиерот изрази уверување дека до 2030 година земјата може да стане членка на ЕУ, бидејќи досега 45 проценти од европското законодавство е усогласено со македонското. 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми