1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиСоединети Американски Држави

Пентагон бара 200 милијарди за војната со Иран

АРД
20 март 2026

Пентагон од Конгресот бара 200 милијарди долари за војната со Иран, сума што Трамп ја нарече „малку пари“, додека Демократите остро реагираат.

Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет и претседателот Доналд Трамп
Пентагон официјално побара дополнителни 200 милијарди долари од Конгресот - американскиот министер за одбрана Пит Хегсет има поддршка од претседателот Доналд ТрампФотографија: Julia Demaree Nikhinson/AP Photo/picture alliance

Војната со Иран ги чини САД околу една милијарда долари дневно, а трошоците продолжуваат да растат. Поради тоа, Пентагон официјално побара дополнителни 200 милијарди долари од Конгресот – околу 173 милијарди евра – за покривање на тековните и идните воени операции. Американскиот претседател Доналд Трамп ја опиша сумата како „мала цена".

Пентагон: „Мора да се надополнат залихите на муниција“

Откако американската армија пред речиси три недели ја започна  офанзивата против Иран, во Вашингтон беше очекувано дека ќе следува барање за нови средства. Но, обемот на сумата предизвика изненадување дури и кај дел од владејачката структура.

Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет, кој воедно ја води и воената операција, не ја негираше бројката што се појави во медиумите.

„Оваа сума може да се промени. Борбата против злото чини пари. Затоа се обраќаме до Конгресот – да обезбедиме средства за она што веќе е направено и за она што можеби ќе треба да го направиме. Мора  да ги обновиме залихите на муниција –  и тоа над потребниот минимум“, изјави Хегсет.

Според американски пресметки, еден ден војна со Иран го чини Пентагон околу една милијарда долари. Во тековната фискална година, редовниот буџет на Министерството за одбрана изнесува околу 870 милијарди долари.

Барањето веќе е доставено до Белата куќа и се очекува официјално да биде поднесено во Конгресот до крајот на месецот. Трошокот мора да биде одобрен со гласање.

Трамп: „Ова се малку пари“

Претседателот  Доналд Трамп  го оправда барањето, нагласувајќи дека средствата не се поврзани исклучиво со Иран.

„Ги бараме од повеќе причини, многу пошироки од Иран. Светот е нестабилен, а  уништувачката моќ на одредени вооружени системи  е незамислива. Тоа се малку пари за да остане сè совршено“, изјави тој.

Сепак, сумата од 200 милијарди долари е на пример двојно повисока од целокупната дефинирана одбранбена потрошувачка на Германија минатата година, вклучувајќи го и нејзиниот специјален фонд за вооружување.

Демократите: „Со тие пари може да се финансира здравство за сите“

Демократските конгресмени остро реагираа на барањето од Пентагон и јавно наведоа што би можело да се финансира со истата сума: универзално здравствено осигурување, предучилишно образование во сите сојузни држави, бесплатни оброци за учениците.

„Прилично дрско е што се обраќаат до Конгресот за пари, а  не се обратија кога требаше дозвола за војната“,  изјави независниот сенатор Ангус Кинг, кој гласа со демократската група. „Има малку иронија во сето тоа.“

Републиканците поделени: од претпазливост до отворено „не“

Дел од Републиканците, меѓу кои и сенаторот Томас Ленкфорд, реагираа внимателно: „Сè ќе зависи од деталите. Конгресот никогаш не треба да ѝ дава празен чек на ниту една администрација. Ќе ги разгледаме фактите.“

Но, конгресменката Лорен Боберт најави категорично спротивставување. Таа, како дел од крилото МАГА, изјави дека е „изморена од трошење пари надвор од  САД додека дома има потреби“.

Во наредните недели, администрацијата на Трамп ќе се соочи со сериозна политичка битка. Од владата се бараат огромни средства за војна што, според анкетите, мнозинството Американци ја отфрлаат.

Автор: Карстен Кинтоп, АРД

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми