Перфидна расистичка индоктринација
2 април 2009
Со години „Родољубива германска младина“, или кратко ХДЈ, спроведуваше особено перфидна стратегија. Во нивните т.н. кампови за рекреација во слободното време децата и младите беа милитаристички насочувани и воспитувани во духот на национал-социјалистичката идеологија. Една од овие млади луѓе била и сега 18-годишната Улрике. Преку нејзините родители, во тоа време убедени нео-нацисти, таа дошла во контакт со ХДЈ:
„Се стануваше релативно рано и потоа се одржуваше утрински збор со звукот на трубите, а потоа се заминуваше на различни полигони каде што се организираа игри во кои вежбавме напади едни врз други“, вели Улрике.
Кампови во кои децата се воспитуваа во стилот на „Хитлеровата младина“ имаше многу, како во источна Долна Саксонија така и во другите делови на Германија. Сценариото секогаш беше исто, објаснува Сабине С. која ја напушти ХДЈ.
„Тие беа воспитувани во национален дух и индоктринирани со национал-социјалистичките погледи на светот и милитаристички воспитувани. Мораше да се научи како да се маршира и така натаму. Се спроведуваа и тестови на кои мораше да се покаже знаење за она што го учевме. Стануваше збор за биографиите на нацистичките великани, започнувајќи од Адолф Хитлер или пак Рудолф Хес. Мораше да се знаат и историските текови, што се случило за време на Третиот рајх и Втората светска војна. Кој ја започнал војната? Се разбира не Германците и.т.н.“
Децата и малолетниците - главна цел на ХДЈ
Се смета дека ширум Германија има околу 400 припадници на ХДЈ, но преку големиот број разновидни активности полето на влијание на оваа организација е далеку поголемо, вели Герхард Бикер од Советот за превенција на покраината Долна Саксонија:
„Активностите на ХДЈ во многу места се насочени кон малолетниците, кон децата на возраст од 8 до 14 години. Тоа значи тие наоѓаат неизградени личности кои се разбира многу полекомислено од возрасните личности го прифаќаат она што мора да се нарече идеологија која го повредува човековото достоинство. Тоа е една од најголемите опасности“, вели Бикер.
Првиот чекор кон забрана на ХДЈ го презеде Сојузното министерство за внатрешни работи со рацијата на почетокот на октомври, ширум земјата. Сега, по забраната, познавачите на сцената предупредуваат од можни излезни стратегии на десните екстремисти. Еден од овие познавачи на сцената е Рејнард Кох, раководител на реномираната организација „Работно место против десниот екстремизам и насилство во Брауншвајг.“
„Мораме да бидеме претпазливи за тоа дека се‘ повеќе политички школувани кадри на екстремната десница ќе се обидуваат да се вклучат во цивилното општество, во здруженијата и организациите, кои се занимаваат со младите луѓе“, вели Кох.