1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Песна на Евровизија: повеќе политика од музика

Силке Вунш
7 мај 2024

Среде две војни, во Малме ќе се одржи финалето на овогодинешниот Евросонг. Организаторите постојано повторуваат дека има простор само за музика, а не за политика, но реалноста ги демантира. И така со децении.

Малме
Безбедносните мерки во Малме покажуваат дека и овогодинешниот избор за песна на Евровизија не е без влијание на политикатаФотографија: Johan Nilsson/TT NYHETSBYRÅN/picture alliance

Дали натпреварот за Песна на Евровизија (ЕСЦ) или Евросонг е политички или не? Оваа дискусија го следи најголемиот европски музички настан, иако во статутот на Европската радиодифузна унија (ЕРУ) стои дека ЕСС е целосно аполитичен и дека политичките слогани се забранети. 

Но, има се повеќе песни со политички став против војната или кршењето на човековите права , како и песни кои се занимаваат со феминизмот и борбата за различности. Но, организаторите повторуваат дека ова е музички настан на кој не треба да има политика.

Израел во центарот на вниманието 

Оваа година веќе мириса на политика. Израел е цел на критики за жестоката воена одмазда по терористичките напади на исламистичкиот Хамас.

Израел учествува на ЕСС повеќе од половина век, а одвреме-навреме на овие настапи се рефлектираше конфликтната состојба на Блискиот Исток. На пример, во 1973 година, израелската претставничка настапи под посебни безбедносни мерки, бидејќи само неколку месеци претходно, палестински терористи убија израелски спортисти во Олимпиското село во Минхен.

Пејачката наводно носела и панцир, а публиката морала да седи за време на нејзиниот настап.

Посебни мерки се подготвуваат и за овогодинешниот настап на Еден Голан. Неколку земји членки на Европската радиодифузна унија побараа оваа израелска претставничка воопшто да не настапува поради војната во Појасот Газа. 

Претставничката на Израел Еден ГоланФотографија: Oleg Krasavin/Wikipedia

Малку фалеше за Голан навистина да биде исклучена. Додуша, не поради самата војна, туку затоа што насловот на песната „Октомвриски дожд“, според организаторите, премногу потсетувал на масакрот на Хамас во октомври минатата година Текстот е променет, Голан може да настапи. но протестите не стивнуваат. 

ЕРУ рече дека „ги препознава силните чувства и мислења“ предизвикани од овогодинешниот Евросонг во врска со „ужасната војна на Блискиот Исток“. Тие додадоа дека нивната одлука е Голан да настапи со цел „да ја споделат универзалната порака за единство преку јазикот на музиката“. 

Никогаш не беше без политика 

Првиот натпревар за песна на Евровизија се одржа во Лугано, Швајцарија, во 1956 година. Создаден е како придонес кон разбирањето на луѓето - таму настапуваа уметници од земји кои до пред само единаесет години војуваа едни против други.

Германија беше меѓу седумте учесници. До 1968 година се приклучија седумнаесет земји, но тогаш се појавија првите политички тонови - шпанскиот кандидат сакаше да пее на каталонски. Ова не му се допадна на режимот на диктаторот Франко, бидејќи каталонскиот се сметаше за јазик на слободата и бунтот. На крајот, на натпреварот беше испратен претставник кој испеа песна во мешавина на шпански и англиски јазик наречена „La la la“. 

Поделбата на Кипар (1974) доведе до тоа Грците да го бојкотираат Евросонг следната година, а Турците една година подоцна. Преносот на натпреварот во Турција дури беше прекинат за време на настапот на Грција, а наместо тоа беше емитувана турска националистичка песна.

Кога во Париз во 1978 година беше јасно дека ќе победи израелскиот претставник Изхар Коен, израелскиот сосед Јордан го прекина преносот и објави дека победиле Белгијците.

Во екот на Студената војна, младата германска пејачка Никол настапи со бела гитара и испрати порака за мир, со што победи во 1982 година. 

Германската претставничка Никол победи во 1982 година со песната „Малку мир“ Фотографија: Martin Athenstädt/picture alliance/dpa

Веќе подолго време се поставува прашањето дали Евросонг може да биде политички ако политичката порака се оценува како добредојдена и позитивна? 

Политика во голем стил 

Исклучувањето на Грузија во 2009 година покажа дека Изборот за песна на Евровизија не е имун на политички и воени влијанија. Причината беше антируската игра на зборови во насловот на песната „We Don't Wann Put In“.

Белорусија беше исфрлена во 2021 година бидејќи бендот кој требаше да настапи, во песните ги критикувал протестите против диктаторот Александар Лукашенко претходната година.

А, од 2022 година ја нема Русија поради агресијата врз Украина. Одеднаш, веќе не беше важно кој изведувач ќе настапи со која песна или што мисли тој уметник за војната.

Националните жирија често не криеја дека од политички и идеолошки причини некому му даваат повеќе или помалку поени, односно не гласаат (само) за квалитетот на песната и изведбата.

Во 2016 година, Русија ја критикуваше украинската песна „1944“ во која Џамала пееше за прогонството на кримските Татари за време на режимот на Сталин. Европската радиодифузна унија, од друга страна, толкуваше дека пораката на песната не може да се сфати како политичка, бидејќи Џамала пее за една семејна трагедија.

Таа победи на тој натпревар, само две години откако Русите го анектираа Крим. 

Украинката Џамала, победник во 2016 година во СтокхолмФотографија: Britta Pedersen/dpa-POOL/picture alliance

Казна за палестинското знаме 

Секогаш одново се појавуваат пароли и транспаренти, како во публиката, така и на сцената. Во Тел Авив во 2019 година, исландскиот бенд Хатари го покажа палестинското знаме на камерата за време на доделувањето на поените, па исландскиот јавен сервис мораше да плати казна.

Некои веќе беа изнервирани од настапот на Мадона таа вечер - едната од нејзините танчери носеше палестинско, а другата израелско знаме.

Сега шведскиот Малме се подготвува за жешка завршница на овогодинешниот избор за песна на Евровизија. Надзорните камери се поставени насекаде, безбедноста е зголемена. Големото финале ќе се одржи во сабота (11 мај), а за тој ден се најавени два големи протестни собири против Израел.

Шведската полиција се плаши од насилство. Таа им забрани на израелските навивачи да шетаат низ градот со национални симболи, а израелската делегација треба да го напушта хотелот само за проби и настапи.  

Дали Израел треба да учествува на Евровизија 2024?

00:55

This browser does not support the video element.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми