1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Какво греење е најдобро?

Геро Ројтер
11 февруари 2023

Греењето на гас или нафта е штетно за климата, а и скапо. Но, прашање е колку се и топлинските пумпи, дрвата или соларните панели добри за климата и паричникот? Проверуваме пет можни опции.

Парно греење во Германија
Парно греење во ГерманијаФотографија: MiS/imago images

1. Топлинските пумпи го освојуваат светот

Во иднина топлинските пумпи би можеле да покријат повеќе од половина од глобалните потреби за топлина, се наведува во еден извештај на Меѓународната агенција за енергија, МАЕ. Моментално на таков начин се греат десет проценти од зградите во светот. Истовремено, со природен гас се греат 38 проценти, а на нафта отпаѓаат 13 проценти.

Продажбата на топлински пумпи е во постојан пораст. „Технологијата се докажа во најладните климатски зони“, вели директорот на МАЕ Фатих Бирол. Во 2021. година во светот се инсталирани 15 проценти повеќе топлински пумпи отколку во претходната година, а во Германија, Финска и Полска растот лани изнесувал меѓу 50 и 120 проценти.

Топлинските пумпи ја користат топлината на воздухот, тлото или вода и функционираат во сите видови згради. За работа на пумпата е потребна електрична енергија, ако таа доаѓа од обновливи извори, топлинските пумпи се изразито еколошки прифатливи. Со еден киловат час електрична енергија во просек се произведуваат меѓу 3 до 5 киловат часа топлина. 

Овие пумпи не само што се добри за климата, тие најчесто се покажуваат и како најевтина варијанта. Со оглед на тоа што се поефикасни, а кога ќе се земе предвид целиот работен век на постројката, греењето со топлински пумпи често чини помалку од греењето на нафта или гас. „Домаќинствата кои преминуваат на топлински пумпи можат годишно да заштедат од 280 евра во САД па до 840 евра во Европа“, тврди Бирол.

Топлинските пумпи се сѐ побарани и во ГерманијаФотографија: Gero Rueter/DW

2. Топлани корисни за градови

Земјите од северна Европа како Норвешка, Данска, Шведска и Финска се лидери во поглед на локални топлотни мрежи кои се базираат на користење енергија прифатлива за климата.

Зависно од локацијата, топлината за мрежите доаѓа од различни извори и се произведува таму каде е посебно евтина: големи топлински пумпи користат топлина од езера и отпадни води или вишок на топлина од индустриски погони и компјутерски центри. Геотермалните системи извлекуваат топлина од длабочина и до 5.000 метри, големи соларни системи користат сончева енергија, а термоелектрани користат дрво и отпад како гориво.

Стручњаци и комунални претпријатија гледаат голем потенцијал во комбинирање на различни извори на енергија и на тој начин прошируваат многу градски мрежи. Минхен е пионер во Германија. До 2035. година снабдувањето со топлина во градската мрежа би требало да биде климатски неутрално.

Градот користи мешавина од длабока геотермална енергија која произведува топлина за помалку од три центи за киловат час, соларна топлотна енергија со производни трошоци исто така од три центи по киловат час и големи топлински пумпи кои за извор користат подземни води.

Соларни панели во ХоландијаФотографија: Ashley Cooper/Global/picture alliance

3. Топло туширање со помош на соларна енергија

Во многу земји речиси воопшто не постои потреба од греење на простории, таму главно се загрева вода, на пример за туширање. Во тие случаи, според МАЕ, најдобро решение е соларна енергија.

Соларни панели има поставено веќе на многу покриви ширум светот. Во поладните земји таа технологија е достапна и во комбинација со греење на гас, нафта или дрва или со топлински пумпи. Според сценариото на МАЕ, уделот на соларна топлотна енергија во глобалното снабдување со топлина би требало да се зголеми за пет пати во однос на денес.

Греењето на дрва не е многу препорачливоФотографија: Monique Wüstenhagen/dpa/picture alliance

4. Греење на дрва: не е климатски неутрално и е скапо

Иако многумина мислат така, греењето на дрва или пелети всушност не е климатски неутрално. Освен тоа, така се ослободува штетна ситна прашина, нагласуваат од германското Министерство за животна средина.

Многу голем проблем е ограничената количина на дрва во светот. Новозасадените шуми се важно складиште за јаглерод и помагаат во успорување на глобалното затоплување, а прашумите веќе не би требало да се уништуваат за да се заштити климата.

Дрвото е ограничена суровинаи важно складиште за јаглерод, затоа треба да се користи умерено и тоа пред сѐ за долготрајни производи. Би требало да се воздржуваме одкористење на дрвото за снабдување со топлина, како заради заштита на здравјето, така и заради заштита на климата“, советува германската Сојузна агенција за животна средина. Цените на пелети во последните месеци многу пораснаа, посебно во Европа каде и потрошувачката е најголема во светот.

5. Водород: важен за енергетската пресвртница

Од вода, со електролиза, за која се користи зелена енергија, може да се издвојува водород, кој пак со помош на согорувач или горивна келија се користи за производство на ЦО2 неутрална топлина. 

Низ Германија возат првите водородни возови во светот

01:54

This browser does not support the video element.

Проблем засега е големата загуба при претворање на електрична енергија во водород и водородот во топлина: во тој процес се губат околу 50 проценти од потрошената енергија. Еден киловат час електрична енергија произведува само половина киловат час топлотна енергија.

Само за споредба – топлинските пумпи се околу седум пати поефикасни, па затоа според експертите, системите на греење на водород се ирелевантни за греење на поединечни згради.

Но, водородот во иднина ќе станува сѐ поважен во сигурноста на снабдување со електрична и топлотна енергија. Тој ќе биде посебно потребен во периоди кога има малку ветар или сонце за производство на енергија. Според студија на берлинскиот тинк-тенк „Агора“, позначително користење на водород во иднина ќе биде поважно и за снабдување со струја и топлинска енергија во Германија.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми