Пет години од Брегзит: Незадоволство во сите табори
31 јануари 2025
Сланината за појадок се пече на скарата на сопственикот на снек бар, Дејв Брент. Тој повеќе од 15 години ги продава своите плескавици со сланина во пазаришната хала во малиот англиски град Мелтон Моубреј.
На референдумот Брент гласаше за Брегзит, како и повеќето жители на градот со 26.000 жители во близина на Нотингем. Тој би го направил тоа повторно - но се надевал на нешто повеќе. „Имиграцијата е надвор од контрола. Но, ние сега сме господари на нашите сопствени граници," вели тој.
Според најново истражување на Институтот за истражување на мислењето ЈуГов, само единаесет отсто од Британците сметаат дека Брегзит е успех. Но, истражувањето покажува и дека две третини од тогашните гласачи за Брегзит сè уште сметаат дека е правилно што земјата ја напушти ЕУ. Дури и ако многумина се надеваа на многу повеќе.
Четири проценти помал раст
До пазариштето започнува неделната аукција на овци. Благодарение на големата меѓународна побарувачка, фармерите моментално постигнуваат рекордни цени за своите овци. Повеќето земјоделци од Мелтон и околината беа и се за Брегзит. „Всушност, сè помина добро - се разбира, недостасуваат само субвенциите“, вели фармерот Кен Кичен.
Речиси сите овде велат дека тоа што тие и целата земја се во тешка ситуација не е поради Брегзит, туку поради лабуристичката влада која е на власт од летото.
Генерално, Обединетото Кралство и понатаму страда од слаб економски раст. Брегзит, кој конзервативната влада на Борис Џонсон го спроведе во 2020 година, дополнително ја погодува британската економија. Канцеларијата за буџетска одговорност (ОБР), која врши надзор и ги анализира владините финансии, очекува Брегзит да го намали растот за четири проценти на среден рок.
Откажување од трговија со ЕУ
На крајот на краиштата: Брегзит очигледно речиси и не предизвика никаква штета на исклучително важната услужна бранша, особено околу финансискиот сектор.
Работите изгледаат полоши кога станува збор за трговија. Според ОБР, долгорочно може да се очекува 15 отсто помал обем на тргување. Особено малите и средни компании се откажаа од тргувањето со ЕУ.
И Комби Крајан, кој беше коосновач на мала пиварница во Мелтон во 2018 година, исто така би сакал повторно да ги продава своите пива во Италија, Франција или Шпанија. Но, тоа е едноставно премногу комплицирано и скапо. Тој вели: „Како претприемач барам други пазари. Пред сѐ ми го крши срцето тоа што еден ден моите деца повеќе нема да можат да живеат насекаде низ Европа“.
„Нормализирање на десно-популистичките и расистички изјави"
Многу жители на Мелтон ја завршуваат вечерта во пабот. Група членови на прилично малата Либерално-демократска партија седат во пабот Краун. Еден од нив е докторот Хамиш Меколи. „Луѓето дури и не ги забележаа повеќето негативни последици од Брегзит, или мислат дека тоа е само поради пандемијата, која следеше веднаш потоа“, вели тој.
ЛибДемс е единствената партија која моментално води кампања за повторен влез во ЕУ. Лабуристичкиот премиер Кир Стармер бара зближување со ЕУ, но владата не го доведува во прашање самиот Брегзит - веројатно и поради страв од отровната дебата од порано. Меколи може дури и да го разбере тоа: „Таборот за Брегзит го толкува каков било вид на приближување кон ЕУ од Лабуристите како предавство“.
До него седи Џејн Исон. Таа исто така изгубила пријатели поради кавгите околу Брегзит, вели таа. Контактирањето со нив е бесмислено. „Никогаш не би признале дека тоа е грешка и дека паднале на лагите на некои политичари." Меколи кимнува со главата и вели:
„Дебатата за Брегзит ги помести границите на долг рок. Се нормализираа десничарско- популистичките и расистички изјави. Ова влијае на целата наша политика до ден-денес."
Десничарските популисти првпат пред Лабуристите и Конзервативците
Всушност, во анкетите на национално ниво, партијата Реформа на Обединетото Кралство на десничарскиот популист и заговорник на Брегзит, Најџел Фараж моментално е за прв пат пред социјалдемократската Лабуристичка партија и конзервативните Ториевци.
Брегзитот не успеа, никој не е поразочаран од него, радо се жали Фараж, а потоа првенствено укажува на зголемувањето на бројот на имиграцијата од земјите надвор од ЕУ по излегувањето од ЕУ - што на земјата итно и треба. На општите избори во летото, Фараж за првпат влезе во британскиот парламент, а со него и неколку други реформски пратеници.
Дури и кога партијата Реформа на Обединетото Кралство ѝ дишe на врат на владата, Лабуристите мора да продолжат да се обидуваат да балансираат: со приближување до ЕУ за поголем раст, но без целосно повторно разгорување на дебатата за Брегзит. Затоа и противниците на Брегзит во Мелтон Моубреј разбраа: тие се надвор од ЕУ и така ќе остане во догледна иднина.
Автор: Марајке Аден, АРД