1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаТурција

Пет причини зошто на Западот му е потребна Турција

Бурак Унверен
31 октомври 2022

Европа дебатира за својата зависност од земји со различни геостратешки ориентации, како Русија и Кина. Но, колку Западот е зависен од Турција?

Турција симбол
Колку Западот е зависен од Турција?Фотографија: Reuters/A. Konstantinidis

Од руската инвазија на Украина, Европејците почнаа да дискутираат за својата зависност од земјите, кои не мора да ги споделуваат нивните вредности. 

Па каде се вклопува Турција? 

Аспирациите на Анкара за поголема улога на глобалната сцена се придружени со нивната сè поагресивна и националистичка реторика кон нејзините западни партнери. Денес, Турција, кандидат за пристапување во Европската Унија, не е она што Западот точно сака да биде, но сепак е важен играч во глобалната политика. Еве неколку причини зошто  западните престолнини се зависни од Анкара. 

Посредник за Москва и Киев  

Руската војна во Украина значеше многу работи за меѓународната заедница, но за Турција обезбеди дипломатска шанса. Веќе во првите денови од инвазијата, Турција се појави како незаменлив посредник меѓу Русија и Украина бидејќи западните земји не беа ентузијасти за да разговараат со Русија. Анкара има добри односи и со Москва и со Киев - што е редок пример во денешно време. 

Турција почна да служи како канал за решавање на големите проблеми, како што е извозот на украинско жито од украинските пристаништа. Пред војната, Украина беше еден од најголемите светски извозници на пченица, пченка, јачмен и сончогледово масло. Договорот за извоз меѓу Русија и Украина беше потпишан со посредство на Турција и ОН во јули во Истанбул. 

Обединетите нации и Турција посредуваа во договорот за жито што овозможи извоз на украинско житоФотографија: OZAN KOSE/AFP

Дополнително, Турција до ден-денес останува како најверодостојната опција на маса во однос на локацијата на можните идни мировни преговори меѓу двете страни.  

НАТО сојузник чие зелено светло е апсолутно неопходно  

Турција е членка на НАТО од 1952 година. Фактот што ја поседува втората по големина армија на алијансата по САД, и што се наоѓа на југоисточното крило, ја прави Турција главен обезбедувач на безбедноста на трансатлантскиот сојуз.

Во моментов, Шведска и Финска се обидуваат да ја убедат Турција да го одобри нивното членство во НАТО

На средината од октомври новиот шведски премиер, Улф Кристерсон, му напиша писмо на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во кое побара средба за ова прашање. Сега двете страни треба да се сретнат во Турција. Анкара ги обвинува Шведска и Финска дека се безбедно засолниште за членовите на ПКК, Работничката партија на Курдистан, вооружен ентитет кој е наведен како терористичка организација и од Турција, како и од ЕУ и САД. 

Производител на воена опрема 

Зголемената важност на турската одбранбена индустрија ја направи важен играч кој директно влијае на западните интереси. Вооружените беспилотни летала Бајрактар TB-2 од турско производство се покажаа многу ефикасни во повеќе конфликти во изминатите години. Според извештајот на БАКС од 2021 година, тинк-тенк на германските вооружени сили, турските беспилотни летала одиграле одлучувачка улога во конфликтот во Нагорно-Карабах. 

Беспилотните летала Бајрактар од турско производство одиграа важна улога за украинската армија во одбраната на нивната територијаФотографија: Mykola Lararenko/AA/picture alliance

Тие, исто така, имаат влијание во војната во Украина и, наводно, и помагаат на украинската армија да ја одбрани својата територија од руските сили. Минатиот месец, украинскиот претседател Володимир Зеленски го одликуваше Халук Бајрактар, извршниот директор на Бајкар, производител на беспилотни летала Бајрактар, со Орден за заслуги од прв ред, во знак на благодарност за неговата поддршка.

Кога украинскиот народ собра средства за да купи нови беспилотни летала за нивните вооружени сили, Бајкар одговори со донирање на овие беспилотни летала на „патриотскиот украински народ за да се постигне целта што ја поставиле“. 

Ниската цена на Бајрактарите ја прави Турција единствен партнер за земјите кои не можат да си дозволат скапа воена опрема или истражување, но бараат алтернатива. Според неодамнешниот извештај на Германскиот институт за меѓународни и безбедносни прашања (SWP), „продажбата на оружје во Африка вртоглаво расте и ја направи Турција растечки снабдувач на оружје на континентот“. 

Клучен актер во миграциската ранливост на Европа 

Фактот што Турција граничи со многу земји на југ и на исток не ја обезбедува земјата само со капацитети во однос на нејзината одбранбена политика, туку и во однос на ранливоста на Европската Унија, од аспект на нејзината миграциска политика. Ердоган не се двоумеше да им се закани на Брисел, Берлин и другите европски престолнини повеќепати во минатото со „отворање на вратите“, што технички би значело дека бегалците би имале отворен пристап до Европа. 

Заканите на Анкара објективно беа успешни и се исплатија во форма на договорот за бегалците меѓу ЕУ и Турција од 2016 година, кој предвидуваше исплата на 6 милијарди евра на Турција. За возврат Турција би ги сместила бегалците на своја територија. 

Турската дијаспора во Германија 

„Повеќе од 60 отсто од Турците во Германија гласаа за Ердоган“, беше насловот во многу германски весници во 2018 година, по изборите во Турција. Навистина, извонреден процент од турската заедница во Германија се идентификува или сочувствува со турската држава.

Друга компонента на ова прашање е домашната безбедност: Според Сојузната канцеларија за заштита на Уставот, постојат повеќе радикални идеологии кои го загрозуваат германскиот устав. Покрај исламистичките групи, под државна опсервација се и ултранационалистичките Сиви волци, курдските симпатизери на ПКК, како и левичарските екстремистички групи.

Случувањата во Турција се рефлектираат и врз овие групи, а во некои случаи турската држава врши директно влијание врз  групите, како што се Сивите волци. 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми