1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На што се должи падот на високото образование?

ДТЗ
16 август 2022

Мешањето на политиката и политичарите во стратешкото (не)планирање на развојот на високото образование е исто еден од пресудните фактори за поразителните резултати на образованието, вели професорот по социологија

Универзитет Студенти
Македонските универзитети повторно ги нема во првите 1.000 најдобри на Шангајската листаФотографија: Getty Images

Македонските универзитети повторно ги нема во првите 1.000 најдобри на Шангајската листа. Во последните три години и Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) забележа пад од 47  места во однос на минатата година, според листата на Центарот за рангирање на светски универзитети. Ваквите поразителни резултати се сплет на повеќе околности, но главно забелешките се однесуваат на тоа дека во изминатите 30 години, државата и Министерството за образование не направиле доволно за подобрување на квалитетот, опременоста, компетитивноста на универзитетите, положбата, условите и стандардот на студентите, за финансирање на научната работа, ниту пак се води грижа за талентирани ученици и студенти.

„Кога системот ви е зарѓан, тогаш резултатот што го испорачува е со фелер и тоа прогресира секоја година. Ние не стагнираме, ние постојано паѓаме!“, вели професорот по социологија и комуникации, Петар Атанасов за ДВ. 

На што се должи падот на високото образование?

Професорот Атанасов, кој е поранешен заменик -министер за образование, вели дека тоа се должи на многу вкрстени социо-политички фактори. 

„Прво, тоа е хаосот и инерцијата по кои се движи високото образование веќе 2-3 децении. Никој нема контрола врз никого. Се уште важат некакви подзаконски акти од бившата држава, исти стереотипни програми и немотивирачки студиуми без допирна точка со реалноста!“, укажува нашиот соговорник. 

Како втор значаен фактор, Атанасов го издвојува сеопштиот пад на квалитетот на човечкиот потенцијал на универзитетот. На универзитетот работат исти или слични кадри какви што постојат во општеството.  Ако е така, вели тој, тогаш падот на квалитетот на човечките ресурси се одразува и во овој сегмент. „Треба да е обратно, образованието треба да влијае врз квалитетот на општеството, ама кај нас не е така. Ужасно е спуштено нивото на квалитет во структурите на државата. Потребен е нов систем, да се почне од почеток“, укажува професорот на Институтот за социолошки и политичко - правни истражувања при УКИМ. 

Тој смета дека УКИМ, на пример, со еден добар тим за 3-4 години може да стане одличен универзитет. Тој би бил пример по кој би се преструктуирале и другите јавни универзитети.  

УКИМ со еден добар тим за 3-4 години може да стане одличен универзитет. Тој би бил пример по кој би се преструктуирале и другите јавни универзитети. Фотографија: DW/P. Stojanovski

Политичкото влијание 

Мешањето на политиката и политичарите во стратешкото (не)планирање на развојот на високото образование е исто еден од пресудните фактори. „Свеста дека секој може се, особено поддршката за ‘нашите’ во високото образование не доведе до многу ниски гранки. Докажавме дека нема систем кој не може да го руинираме. Политичарите никогаш не се откажале од влијанието врз високото образование. Не само кадровски и финансиски. Тоа влијание е суптилно и постојано. Владата одлучува како ќе се трошат парите. Пари има, ама се трошат на погрешен начин“, укажува Атанасов. 

Според него, клучна е изгубената доверба во општеството за универзитетските професори и нивната улога во државата. „Академијата и интелектуалците веќе неколку децении им служат на партиските и идеолошките врхушки. Во име на националната кауза! Професорите во голем дел се ставаат во служба на национализмот. Така се распадна бившата држава. Кај нас, нашите професори најчесто или молчат или поддржуваат партиски идеологии. Не е лесно да се биде професор и интелектуалец на Балканот! Најмалку што може е да се искаже личниот став јавно“, смета професорот.  

Петар АтанасовФотографија: Privat

Рангирање

На најновото академско рангирање највисоко котираат универзитетите „Харвард“, „Стенфорд“, Институтот за технологија во Масачусетс, „Кембриџ“ и „Беркли“.  По нив следат „Принстон“, Оксфорд“, универзитетот „Колумбија“, Институтот за технологија во Калифорнија и универзитетот „Чикаго“. На престижната листа на најдобри високообразовни институции се наоѓаат универзитети од вкупно 44 земји од светот. 

Од регионот, на позициите меѓу 400 до 500 место е рангиран Универзитетот во Белград, кој се наоѓа и на прво место на национално ниво во Србија, во истиот ранг се Љубљана, Загреб и Атина. Универзитет. Универзитетот во Нови Сад се наоѓа на позиција меѓу 900 и 1.000. место на Шангајската листа. Грција има четири високобразовни институции на листата. Од нив предничи Универзитет во Атина, кој е најдобро рангиран универзитет во овој дел од Европа. Тој е квалификуван во групата установи од 300 до 400 место.

На последното рангирање на Центарот за рангирање на светски универзитети (CWUR), објавено на 25 април, единствениот македонски универзитет кој го има на листата, „Св. Кирил и Методиј“, падна зa 20 места и сега се наоѓа на 1.964 место од 2.000 универзитети.

Поединечните успеси на шестмина професори кои секоја година се наоѓаат на листата на топ 2% научници во светот, покажуваат дека сепак има надеж и за македонското образование. Вреднуван е не само нивниот професионален труд и достигнување, туку и импактот на нивната работа и трудовите коишто ги имаат објавено. 

 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми