Судир: Петре Шилегов пред исклучување од СДСМ
17 март 2026
Судирот меѓу раководството на СДСМ и поранешниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов, ескалираше и резултираше со иницирање постапка за негово исклучување од партијата. Одлуката на Извршниот одбор доаѓа по серијата јавни критики што Шилегов ги упати кон актуелното раководство и најавите за внатрепартиски промени.
Раководството на СДСМ со едногласна одлука за постапката
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска на прес-конференција изјави дека одлуката на Извршниот одбор да се иницира исклучување на Шилегов била донесена со целосен консензус.
„Нема да дозволам луѓе да ја делат СДСМ понатаму“, порача Филипче од партиското седиште.
Тој нагласи дека по направените проверки и прибавени информации, раководството заклучило дека станува збор за процес кој, според нив, претставува „одработување за ВМРО-ДПМНЕ“ и обид за внатрешна поделба на партијата.
Филипче додаде: „Никој не гласаше против. Јас нема да дозволам луѓе да го делат СДСМ понатаму затоа што имаме работа со криминална и корумпирана власт, која ништо не може да направи за да го спречи падот на анкетите. Ваков пад на ВМРО-ДПМНЕ досега немало, а ние имаме раст. Единствено што може да прават е да ја делат партијата однатре и така да нè ситнат. Ние тоа нема да го дозволиме“.
На новинарско прашање, Филипче додаде дека самиот Шилегов во 2025 година изјавил оти не работел за СДСМ на изборите, додавајќи: „Има и други такви луѓе што не работеле за СДСМ на изборите во 2025 година“.
Одлуката на СДСМ доаѓа по гостувањето на Шилегов во емисијата „Тема на денот“ на ТВ Сител, каде што тој изјави дека СДСМ кадровски се испразнил и најави дека поголема група социјалдемократи наскоро ќе побараат оставка од актуелното раководство. Од партијата возвратија дека „најавената платформа на Шилегов има цел да го ослабне СДСМ“ и дека владејачката партија „паднала толку ниско што единствената опција ѝ е да предизвика раздор во редовите на опозицијата“.
Шилегов негира дека одработува за ВМРО-ДПМНЕ
Поранешниот градоначалник на Скопје во понеделникот (16.03) не ја коментираше одлуката, поради почит кон денот кога се одбележа годишината од трагедијата во Кочани.
Во интервју за ТВ Сител, тој ги отфрли обвинувањата дека работи за владејачката партија, истакнувајќи: „Не може да се случи да работам за ВМРО-ДПМНЕ. Ако нешто правам, тоа ќе биде за СДСМ“.
Шилегов нагласи дека процесот за промени во партијата е активен и дека многу членови не се согласуваат со начинот на кој актуелното раководство го води СДСМ.
„Ќе се обидеме да дојдеме до здрава политичка логика и да ги замолиме луѓето што ја раководат партијата да не го прават тоа повеќе. Да дојдат други луѓе“, изјави тој. Шилегов додаде дека јавноста ќе биде вклучена во процесот и дека наскоро ќе биде претставена платформа која ќе бара сериозни реформи во СДСМ.
Критики за слабеењето на партијата
Шилегов посочи дека Македонија е „држава без опозиција“, што оди во полза на Левица, бидејќи „критички настроените граѓани сега ја бараат опозицијата токму таму“.
Тој предупреди дека СДСМ изгубил поддршка на локално ниво и дека станал петта партија во Скопје, трета во Битола, Прилеп, Велес и Штип. „Жално е тоа што му се случува на СДСМ. Кадровски сериозно е испразнет. Луѓето што можеа да помогнат не се пожелни“, рече тој.
Петре Шилегов беше градоначалник на Скопје, пратеник на СДСМ, како и потпретседател и член на Извршниот одбор на партијата.