1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Вучиќ со Косово плаќа за толерирање на автократијата“

Ивица Петровиќ
14 септември 2024

Српскиот претседател Александар Вучиќ излезе со план од пет точки реагирајќи на настаните на северот на Косово. Политичкиот аналитичар Драгомир Анѓелковиќ за ДВ вели дека планот јалово ја прикрива одговорноста на Вучиќ.

Српскиот претседател Александар Вучиќ
Српскиот претседател Александар Вучиќ излезе со план од пет точкиФотографија: Darko Vojinovic/AP/picture alliance

Влошувањето на ситуацијата во Косово и цела низа активности на властите во Приштина кои предизвикаа нови тензии, беа причина за ново „специјално обраќање“ на претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

Со ова Вучиќ се обиде некако да ги запре критиките на опозицијата која цело лето предупредуваше дека српските власти не преземаат ништо за да го спречат  прогонот на Србите  и српските институции во Косово.

Дури се шпекулираше дека на режимските медиуми им било наложено што помалку да пишуваат за темата Косово, а наместо тоа се форсира темата за ископ на литиум.

Критиките кулминираа во изминатите неколку недели затоа што, наместо официјален став на властите,  Александар Вучиќ организираше медиумско-политички караван по Подриње и печеше палачинки за војниците, додека Приштина ги демонтираше последните знаци за присуство на српските институции на Косово.

Пет точки на Белград

Претседателот на Србија излезе во јавноста со план од пет точки. Тој повторно проговори за  наводното лицемерие на Западот  и изјави дека Србија ќе му се спротивстави секаде на меѓународната сцена.

Како прва точка го наведе враќањето на претходната ситуација - одржување на локални избори на северот на Косово, враќање на српските судии и обвинители, повлекување на специјалните сили на косовската полиција од северот, итно формирање на Заедницата на српските општини, ослободување на сите „политички затвореници“ и олеснување на  платежните трансакции.

Политичкиот аналитичар Драгомир Анѓелковиќ забележува дека на овој начин Вучиќ се обидува да ја пренасочи вината кон Западот.

„Западните земји кои го признаа Косово секако го помагаат процесот на независност на Косово, но проблемот е кога во тоа им помага претседателот на Србија. Секој пат кога наводно бил измамен, тој продолжувал да прави отстапки. Значи, Вучиќ го плаќа со Косово толерирањето на неговото автократско владеење“, вели Анѓелковиќ за ДВ.

Ако под враќање на претходната ситуација Вучиќ мисли на ситуацијата пред да се повлечат Србите од косовските институции, нашиот соговорник потсетува: „Вучиќ ги повика Србите да се повлечат од косовските институции и да ја изгубат локалната власт што ја имаа."

„Директно ги турна Србите во бездна, а сега очекува тој да биде жртвата и целиот народ да сочувствува со него. Сега од Вашингтон и од Брисел зависи дали ќе го притиснат Косово да го направи тоа, но кога ќе направите таква геополитичка грешка, другите нема да ја поправаат за вас“, смета Анѓелковиќ.

Тензии на северот на КосовоФотографија: Valdrin Xhemaj/REUTERS

Парите не купуваат сигурност

Следната точка од  планот на Вучиќ  е прогласување на Косово за област на специјална социјална заштита, која ќе гарантира право на финансиска поддршка за невработените, бесплатни учебници, пари за ужина и слично.

Драгомир Анѓелковиќ овој потег го гледа „како обид на Вучиќ да ги купи Србите на Косово со пари, да им понуди пари да преживеат и да останат, но со пари не може да се купи безбедност. Значи, ако не се исполни првата точка, тешко ќе биде на ваков начин да се задржат Србите на Косово“.

Отпорноста на српските институции е следната точка, според која, како што вели Вучиќ, „српските институции нема да се дислоцираат“, туку ќе добијат модерни канцеларии кои ќе бидат оддалечени еден километар од Зубин поток и Рудница.

„Тоа се сега институции во егзил“, забележува Анѓелковиќ. „Секако Србија нема да ги затвори институциите, но Курти главно ги затвори и тоа не е никаква компензација за претходната ситуација, тоа е целосен пораз."

Како да се уапсат Клинтон и Блер?

Белград има намера да формира специјално обвинителство, кое ќе ги гони сите оние кои ги „протеруваат“ Србите од Косово и ги загрозуваат нивните човекови права. Тука спаѓаат и Србите кои учествуваат во тоа.

Како последна точка беше донесена одлука сите одлуки на Приштина, кои се спротивни на Бриселскиот договор, да бидат прогласени за незаконски.

Драгомир Анѓелковиќ забележува дека станува збор за „стари социјалистичко-радикални флоскули“.

„Се сеќаваме дека едно време Милошевиќ ги процесуираше Клинтон, Блер и којзнае кој друг. Се разбира, ништо не излезе од тоа. Единствените кои сега можат да настрадаат се Србите, противниците на владата на Вучиќ, кои ќе бидат обвинети за соработка со Приштина“.

Бриселскиот договор наместо Уставот

Кога станува збор за непризнавањето на одлуките кои се во спротивност со  Бриселскиот договор,  Анѓелковиќ го привлекува вниманието на фактот дека и тука се деградира државата Србија:

„Централната точка мора да биде почитувањето на Уставот на Србија. Тоа е многу поважен документ од Бриселскиот договор. Затоа Вучиќ зборува за него, а не за српскиот Устав, според кој со прифаќањето на француско-германскиот план го поткопува интегритетот на Србија и ја прифаќа фактичката независност на Косово“.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми