1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Анализи:Ќе има ли повисока старосна граница за пензионирање?

3 јули 2026

Во Северна Македонија моментално има повеќе од 348.000 пензионери, а растечкиот притисок врз системот повторно ги отвора дилемите за неговата долгорочна одржливост.

Илустрација на пензии, 20 мај 2020
Ќе има ли повисока старосна граница за пензионирање?Фотографија: Gelhot/Fotostand/picture alliance

Прашањето за евентуално поместување на старосната граница за пензионирање повторно станува актуелно во период кога сѐ почесто се предупредува дека државниот буџет е под силен притисок поради финансирањето на пензиите. Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светска банка ќе спроведат нови анализи на пензискиот систем, по што Владата ќе одлучи дали ќе бидат потребни реформи.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во четвртокот (2 јули) изјави дека официјално не е разговарано ниту е донесена конечна одлука за евентуални пензиски реформи, иако се разгледуваат различни можности.

„ММФ и Светска банка ќе направат анализи и ќе дадат препораки. Тие препораки не мора да бидат прифатени од Владата“, изјави министерката.

Таа нагласи дека во Буџетот за 2026 година се обезбедени 19,6 милијарди денари за трансфери во Вториот пензиски столб.

Дали ќе се зголеми старосната граница за пензионирање?

Според Димитриеска-Кочоска, една од очекуваните препораки од ММФ и Светска банка би можела да биде зголемување на старосната граница за пензионирање. Сепак, таа лично смета дека наместо задолжително продолжување на работниот век, треба да постои право на избор.

„Треба да се остави можност секој сам да одлучи дали ќе продолжи да работи и по исполнување на условите за пензионирање“, истакна министерката.

Во моментов, осигурениците во Северна Македонија имаат право на старосна пензија на 64 години за мажи и 62 години за жени, со најмалку 15 години пензиски стаж.

Премиерот Христијан Мицкоски во поткастот „Каде се парите? со Горан Теменугов“ деновиве порача дека вториот пензиски столб треба да биде една од клучните теми во најавите за реформи на пензискиот систем.

Дел од идеите што се разгледуваат се дали идните пензионери прво целосно би ја искористиле заштедата од вториот столб, а потоа, откако оваа сума ќе се исцрпи би преминале со пензиите во ПИОСМ, со што државниот фонд би добил простор за стабилизација.

Ревизијата откри продлабочување на проблемите во ПИОСМ

Пензиската реформа повторно дојде во фокусот откако Државниот завод за ревизија констатираше сериозни финансиски предизвици во ПИОСМ. Според ревизорскиот извештај, приходите од придонеси во 2024 година достигнале 71,4 милијарди денари, но расходите за пензии надминале 90,2 милијарди денари.

Поради овој јаз, учеството на државниот буџет во вкупните приходи на ПИОМ достигнува 36,71 проценти.

Ревизијата утврдила и доцнења во трансферите кон приватните пензиски фондови, како и ненавремени уплати на придонеси за здравствено осигурување на пензионерите. До февруари 2026 година, нераспределените придонеси кон приватните пензиски фондови достигнале 2,59 милијарди денари, додека неплатените обврски за здравствено осигурување изнесувале околу 136 милиони евра.

Директорот на ПИОСМ, Никола Мемов, уверува дека исплатата на пензии и здравственото осигурување на пензионерите не се доведени во прашање. Сепак, финансиските показатели покажуваат дека системот се соочува со зголемен притисок поради неповолните демографски движења и растот на бројот на пензионери.

Податоците покажуваат дека во април годинава во Северна Македонија биле евидентирани 348.512 корисници на пензијаФотографија: DW/ P. Stojanovski

Се бараат итни мерки за надминување на слабостите 

Загриженост од состојбите изразија и од Партијата на пензионери која бара итни мерки за надминување на утврдените слабости. Според нив, констатациите на ревизорите не претставуваат само административни пропусти, туку прашање што директно влијае врз егзистенцијата и достоинството на сегашните и идните пензионери.

„Состојбата во која се наоѓа државниот фонд, комбинирана со недоволната ефикасност и ризиците во функционирањето на Вториот пензиски столб, отвора сериозен сомнеж за тоа какви пензии ќе дочекаат денешните млади работници“, наведуваат од Партијата на пензионери.

Оттаму предупредуваат дека проблемите во ПИОМ не ги засегаат само сегашните пензионери, туку претставуваат ризик и за младите генерации кои денес плаќаат придонеси и очекуваат стабилен пензиски систем во иднина. Партијата на пензионери бара план за санација на состојбите во ПИОМ и гаранции од институциите за стабилноста и редовната исплата на пензиите.

Финансискиот совет претходно предложи пензионирање на 67 години

Финансискиот совет уште пред две години предложи постепено зголемување на старосната граница за пензионирање на 67 години за мажите и жените.

Ставот на советот беше дека ваквата мерка би помогнала за намалување на фискалните ризици, стабилизирање на ПИОМ и обезбедување поголема одржливост на пензискиот систем. Експертите предупредуваат дека бројот на нови пензионери секоја година расте за околу 1.500 до 1.700 лица, додека иселувањето на младите дополнително ја намалува основата на плаќачи на придонеси.

Колку пензионери има во Северна Македонија?

Податоците покажуваат дека во април годинава во Северна Македонија биле евидентирани 348.512 корисници на пензија.

Просечната пензија изнесува околу 28.000 денари месечно, додека осум пензионери примаат највисока пензија од околу 94.000 денари.

Во системот има:

  • Осигуреници: 556.294
  • Пензионери: 343.048
  • Сооднос: 1 пензионер на 1,63 осигуреници

Овој сооднос е полош во однос на 2023 година, кога изнесувал 1:1,70, што укажува на дополнително оптоварување на пензискиот систем.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми