Кој е Пит Хегсет - „министерот за војна“ на Трамп
24 март 2026
Американскиот министер за одбрана одамна е познат по острите изјави. Така беше и кога работеше како новинар на конзервативната телевизија Фокс Њуз, каде често ги фалеше политичките инстинкти и „решителноста“ на Доналд Трамп.Тоа особено му се допаѓа на Трамп и на поддржувачите на движењето МАГА („Make America Great Again“ – „Да ја направиме Америка повторно голема“).
Денес Хегсет стои на чело на најмоќната армија во светот и по директна наредба на Трамп, го носи неформалниот наслов „министер за војна“. Неговите изјави се следат внимателно на глобално ниво, особено кога се спротивни на меѓународното право. На прес-конференција за војната против Иран на почетокот на март, правилата за употреба на сила за американските војници ги нарече „глупави“. Со тоа ги доведе во прашање нормите што ги штитат цивилите и спречуваат воени злосторства.
Средината на март отиде чекор понатаму и најави „no quarter, no mercy for our enemies“ во Иран – порака што значи дека нема да има милост ниту за противници кои се предале. Според експертите за меѓународно право, таквите најави алудираат на практика што е изрично забранета со Женевските конвенции.
Дали Хегсет си поигрува со меѓународното право?
Ова не е првпат критичарите да го поврзат Хегсет со можни воени злосторства. За време на контроверзен напад врз наводни шверцерски бродови од Венецуела, двајца преживеани членови на екипажот биле убиени во последователен удар. Првичните медиумски извештаи тврдеа дека Хегсет наредил „никој да не остане жив“. Тој го негираше тоа, а адмирал Френк „Мич“ Бредли изјави дека одлуката ја донел сам.
Постојат и други индиции за негов проблематичен однос кон меѓународното воено право. Во подкастот на поранешниот специјалец Шон Рајан, Хегсет ги бранеше тројцата поранешни американски војници осудени за воени злосторства, кои Трамп ги помилува во 2019 година. Правилата за употреба на сила ги нарече „невозможни“ и дека се „направени за губитници“ и дека „им ставаат лисици на нашите момци“. Како пример го наведе правилото дека војниците смеат да пукаат кон вооружени сомнителни противници само ако тие први ги нишанат. Во Ирак им рекол на подредените: „Момци, ние нема да правиме така!“.
Ветеран, медиумска ѕвезда и симбол на конзервативниот отпор
Пит Хегсет е роден во 1980 година и израснал во предградието на Минеаполис/Сент Пол во Минесота. По средното образование студирал политика на Принстон, каде станал предводник на конзервативниот студентски печат.
Во 2003 година се приклучил на армијата. Служел во Гвантанамо, Ирак и Авганистан, добил повеќе признанија и се издигнал до чин мајор. Во 2014 година преминал во резервниот состав на Националната гарда.
Паралелно започнал и медиумска кариера во Фокс Њуз, што му донесе широка популарност. Се претставуваше како „искусен војник од фронтот“ со силен став за конзервативните вредности, нешто што го нагласуваше и преку појавувањето на социјалните мрежи и преку книги како „Modern Warriors“ („Современи воини“) и „American Crusade“ („Американски крстоносен поход“).
Обвинувања за екстремизам
До 2024 година Хегсет бил резервист, но сам побарал да биде отпуштен откако колегите го означиле како можен екстремист. Според неговите зборови во подкастот „Shawn Ryan Show“, причината биле објавите на социјалните мрежи и неговите тетоважи. На градите има таканаречен ерусалимски крст, симбол поврзан со крстоносците, а на бицепсот натпис „Deus Vult“ („Така сака Бог“) – мото на крстоносците и на десничарските екстремистички групи.
Неговата религиозност дополнително се гледа преку членството во Заедницата на реформираните евангелистички цркви (CREC), заедница чиј врв отворено се залага за создавање христијанска теократија во САД.
Контроверзи околу стручноста и личната подобност
Кога Трамп најави дека ќе го назначи за министер за одбрана, отпорот дојде не само од демократите, туку и од дел од Републиканската партија. Многумина посакуваа кандидат со класично искуство во одбранбена политика. Но, Трамп инсистираше дека „Пит е строг, паметен и уверен следбеник на „Америка на прво место’“.
Хегсет нема големо политичко искуство. Во 2012 се приклучил на републиканците во обид да се кандидира за Сенат, но брзо се повлекол. Подоцна создавал контакти како претседател на организацијата „Загрижени ветерани на Америка“. Во 2016 година беше во игра за министер за ветерани, но организациите на ветераните се спротивставија.
Трамп го именуваше за министер за одбрана во 2025 година. На сослушувањата во Сенатот мораше да одговори на прашања за ставовите кон жените во армијата и различноста. Иако делумно ги ублажи ставовите, истакна дека „воената ефикасност е поважна од политиката на еднаквост“.
Беа поставени и прашања за личниот интегритет. Една жена се откажа од тужбата за сексуално вознемирување по вонсудско порамнување. Хегсет тврдеше дека односот бил доброволен, но дека претставувал тежок личен морален пропуст. Исто така ги негираше обвинувањата за проблеми со алкохол.
„Обнова на борбениот дух“
Клучното гласање во Сенатот заврши нерешено – а Хегсет беше назначен благодарение на пресудниот глас на потпретседателот Џеј Ди Ванс.
Оттогаш, Хегсет активно работи на отстранување на различноста како критериум во американските вооружени сили.Некои коментатори го поврзаа ова со отпуштањето и деградирањето на долгогодишни генерали.
Во март 2025 година се најде под притисок поради истекување доверливи информации што наводно ги споделувал со новинари и неовластени лица. Во септември 2025 година предизвика големо внимание кога повика стотици генерали, меѓу кои и активни команданти во светски мисии, на состанок во базата Квантико. Таму, заедно со Трамп, сакал да ги усогласи со неговата визија за армијата. Како што изјави, целта била „обнова на борбениот дух“.