1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Пјонгјанг демантира дека испратил војници во Русија

СН/агенции
22 октомври 2024

Северна Кореја преку својот претставник во ОН ги негираше извештаите дека нејзини војници би можеле да се борат на руска страна во војната во Украина.

Дали севернокорејски војници се испратени во Русија?
Дали севернокорејски војници се испратени во Русија?Фотографија: Ahn Young-joon/AP/picture alliance

Официјален Пјонгјанг негираше дека и обезбедил војници на Русија кои би можеле да бидат мобилизирани во конфликтот во Украина, а претставникот на Пјонгјанг во Обединетите нации (ОН) рече дека таквите тврдења на Сеул се „неосновани гласини“.

„Во однос на таканаречената воена соработка со Русија, мојата делегација не чувствува потреба да ги коментира овие неосновани стереотипни гласини“, изјави претставникот на Северна Кореја на седницата на Генералното собрание на ОН во Њујорк.

Овие тврдења на Сеул се „со цел да го нарушат имиџот“ на Северна Кореја и да ги „поткопаат легитимните, пријателски и кооперативни односи меѓу двете суверени држави“, додаде функционерот.

Видео снимки кои наводно покажуваат севернокорески војници во РусијаФотографија: Ahn Young-joon/AP/picture alliance

Јужна Кореја во понеделникот (21 октомври, 2024) го повика рускиот амбасадор во Сеул на состанок со барање за „итно“ повлекување на војниците кои, според Јужна Кореја но и Украина, Пјонгјанг ги испратил да ја поддржи Москва во војната против Украина, соопшти јужнокорејското Министерство за надворешни работи.

Околу 1.500 припадници на севернокорејските специјални сили веќе се во Русија и се очекува наскоро да заминат на фронтот, јави во петокот агенцијата Јонхап повикувајќи се на информации од Јужнокорејската тајна служба НИС.

НИС очекува околу 12.000 севернокорејски војници да бидат испратени во Русија.

Со оглед на ваквите извештаи властите во Сеул ја преиспитува својата политика за поддршка на Украина, при што за првпат на маса е и одлука за испраќање оружје и воени инструктори во земјата, јавуваат новинските агенции Јонхап и Ројтерс повикувајќи се на јужнокорејски безбедносни извори. 

Засилена воена соработка: Лидерите на Русија и на Северна Кореја, Владимир Путин и Ким Јонг УнФотографија: Korean Central News Agency/Korea News Service/AP/picture alliance

Јужна Кореја досега и нема доставено оружје на Украина и главно на земјата и испорачуваше несмртоносен материјал, како што е опремата за чистење мини.

Инаку во последните месеци лидерите на Северна Кореја и на Русија, Ким Јонг Ун и Владимир Путин ја интензивираа воената соработка. Во јуни Москва и Пјонгјанг потпишаа договор за сеопфатна стратешка соработка, кој вклучува и взаемна помош во случај на напад од трета земја.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми