1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Плановите за нова европска заедница стануваат поконкретни

ЕМФ | дпа
8 септември 2022

Плановите за нова европска политичка заедница, чиј мотор е Франција, добиваат поконкретен облик. Се планира средба на шефовите на држави или влади на 44 европски земји, меѓу кои и Северна Македонија.

Целта на новата европска политичка заедница е да се овозможи поблиска соработка и размена меѓу ЕУ-земјите и партнерите кои не се дел од Унијата
Целта на новата европска политичка заедница е да се овозможи поблиска соработка и размена меѓу ЕУ-земјите и партнерите кои не се дел од УнијатаФотографија: GERARD CERLES/AFP/Getty Images

Шефовите на држави или влади на 44 европски држави ќе добијат покана за средба која треба да се одржи на 6 октомври во Прага, јавува германската агенција ДПА, повикувајќи се на изјави од неименуван службеник во ЕУ. Покрај 27-те земји членки на ЕУ, на средбата треба да бидат присутни и претставници на шесте држави од Западен Балкан, меѓу кои и Северна Македонија. Освен тоа, на средбата треба да пристигнат и претставници на Украина, Турција, Велика Британија, Швајцарија, Норвешка, Исланд, Лихтенштајн, Молдавија, Грузија, Ерменија и Азарбејџан.

Целта на новата европска политичка заедница е да се овозможи поблиска соработка и размена меѓу ЕУ-земјите и партнерите кои не се дел од Унијата. На првата средба во главниот град на Чешка, меѓу другото, би требало да се разговара за руската инвазија на Украина и енергетската криза и економската состојба. Средбата, како што се вели, ќе биде организирана во предвечерјето на неформалниот самит на ЕУ, кој треба да се одржи на 7 октомври.

Француската иницијатива за новиот формат во меѓувреме има поддршка и од Германија. Германскиот канцелар Олаф Шолц на крајот на август изјави дека во моментов недостига форум на кој шефовите на држави или влади на ЕУ би разговарале со партнерите за централни теми еднаш или двапати годишно. Шолц истовремено потенцираше дека таквиот формат не би требало да е алтернатива за проширувањето на ЕУ.

Идејата за нова политичка заедница ја лансираше францускиот претседател Емануел Макрон во мај годинава. Макрон сака преку неа да се зајакне соработката со партнерите кои во догледно време нема да станат членки на ЕУ или државите кои не сакаат да станат членки на Унијата.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми