1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаРусија

Сака ли Кремљ да ја „присвои“ Белорусија?

Флоријан Фладе | Леа Фреј/ (ВДР) | Мануел Бевардер
21 февруари 2023

Интерен стратешки документ на Кремљ, до кој дошле ВДР, НДР и ЗЦ, детално ги објасува плановите на Москва за постепено преземање на соседната Белорусија. Западни безбедносни извори го сметаат документот за автентичен.

Белорускиот претседател Александар Лукашенко и рускиот, Владимир Путин
Белорускиот претседател Александар Лукашенко и рускиот, Владимир ПутинФотографија: Sergei Karpukhin/ITAR-TASS/IMAGO

Александар Лукашенко минатиот петок беше во посета на Москва, а на јавното заблагодарување пред камерите од страна на рускиот претседател, Владимир Путин, со насмевка одврати: „Како да можев да одбијам.“

Лукашенко постојано демонстрира бунтовност кон властодржецот во Кремљ, иако деспотот од Минск денес е позависен од Путинод кога било досега. Кога во 2020 година илјадници луѓе излегоа на протести против него, можеше да се одржи на власт само со помош на Москва. Но, Москва може да има многу подолгорочни планови со Белорусија, имено, од соседната држава да направи свој вазал.

Тоа произлегува од документ кој потекнува од руската претседателска администрација, кој е достапен на истражувачки тим во кој покрај германските јавни сервиси ВДР, НДР и весникот Зиддојче цајтунг, се и Јаху њус, Делфи Естонија, Киев индепендент, Експресен, Фронтстори, ВСКвер, Белорускиот истражувачки центар и Досие центар. Интерниот, досега јавно необјавен документ, потекнува од летото 2021 година и има 17 страници.

Постепено преземање контрола

Документот го скицира планот за постепена задкулисна анексија на досега независната европска држава Белорусија од страна на Русија, и тоа со политички, економски и воени средства. Детално е опишано како Русија чекор по чекор може да ја презема контролата над Белорусија, со крајна цел – создавање на т.н. унија на држави, најдоцна до 2030. година.

Намерата за државна унија егзистира уште од 1999 година, но до каде стигнуваат плановите на Русија во овој поглед, не беше познато. Досега темата „државна унија“ секогаш беше третирана во светлината на двостран инстерес, а од документот произлегува само приоритет на рускиот интерес.

По протестите проив него во Белорусија, Лукашенко власта ја задржа со помош на МоскваФотографија: TUT.BY/AFP/Getty Images

Марионета на Москва

Стратешкиот документ јасно ја кажува целта: „обезбедување на доминирачко влијание на Руската Федерација во областите општество, политика, трговија, економија, наука, образование, култура и информирање.“ Предвидено е истиснување на западното влијание и градење бедем против НАТО. И уставната реформа, договорена во 2022. година, треба да заврши под руски услови. Проруски елити треба да бидат инсталирани и во економијата, истражувањата и цивилното општество.

Од документот произлегува и желбата на Русија за доградување на нејзиното воено присуство во Белорусија, предвидено е воведување заеднички команден систем над војската.Освен тоа, белоруската нуклеарна централа треба да биде интегрирана во иднина во струјната мрежа на новата државна унија. Товарните бродови со стока од или за Белорусија не треба веќе да ги користат балтичките или полските, туку само руските пристаништа. Во Белорусија треба да бидат подигнати руски училишта и универзитети, а белоруските деца да бидат испраќани на школување во патриотски центри во Русија.

„Целта на Русија е да ја претвори Белорусија во марионета, тесно припојувајќи ја кон себе, за секоја белоруска влада или претседател, дури и по заминувањето на Лукашенко, да остане во сферата на геополитичка контрола на Русија“, вели белорускиот политиколог и историчар Валеј Карбалевич. Спојувањето на двете држави меѓутоа би довело до „крај на егзистенцијата на Белорусија како независна држава.“ 

Целта е „Голема Русија"

Интерниот стратешки документ потекнува од потсектор на руската претседателска администрација, дирекцијата за „Прекугранична соработа“, формирана пред пет години. Задача на овој ресор е развивање на стратегии како Русија да ги надгради својата контрола и влјание над соседните држави, како Балтикот, Украина и Белорусија.

Повеќе извори во западните тајни служби го сметаат документот за автентичен и логичен. Стратегијата мора да е дел од покрупен план - создавање на таканаречена Голема Русија.

Документот е поделен во два дела. Прво се наведени стратешките руски цели во Белорусија и тоа краткорочно до 2022. година, среднорочно до 2025. и долгорочно до 2030. година. Целите пак се сортирани во четири области: политички, воен и одбранбен сектор, општествен сектор и економија и трговија. На крајот документот ги опишува ризиците поврзани со целите. На Кремљ мора да му е јасно дека краткорочните намери, со оглед на текот на војната во Украина, моментално не се реалистични.

Но, целокупниот план, според проценката на западните тајни служби, не е „отпишан“. Во документот на Кремљ на пример се предлага поедоставена постапка за доделување руски пасоши на белоруски државјани. Стратегија која на други места, на пример во источна Украина или во отцепениот од Грузија регион Абхазија, веќе се применува заради зголемување на влијанието на Москва и минирање на националниот суверенитет на државите.

Руско-белоруски заеднички воени маневриФотографија: Russian Defence Ministry Press Office/TASS/IMAGO

Руската војска во Белорусија

Според документот, намерата е и проширување на руското воено присуство во Белорусија, а за време на војната во Украина, многу од тоа е веќе и реализирано. Властодржецот Лукашенко досега постојано се обидуваше да спречи трајно присуство наруските трупи на белоруска територија. Но, од октомври 2022 година во Белорусија се наоѓаат илјадници руски војници, делумно таму и се обучуваат. Војските на Белорусија и Русија вршатвежби за заеднички координирани воени дејства.

Фактички расте и економското влијание. Белорусија отсекогаш била упатена на Русија, но според проценките на експерите, наскоро две третини од извозот на Белорусија би одел во Русија. Поради меѓународната изолација и санкциите, Белорусија освен тоа загуби многу трговски партнери.

Посебно в очи паѓа развојот во областа на медиумите. Од руската инвазија врз Украина на 24. февруари 2022. година, белоруската пропаганда е целосно на линијата на руската. Државните медиуми шират омраза кон Украина и креираат слика на „Западот како поттикнувач на војни."

И борбата на Лукашенкопротив белорускиот јазик и култура им оди во прилог на плановите на Русија. Туристичките водичи низ градовите кои турите ги водат на белоруски јазик, ризикуваат најмалку апсење. Белорускиот јазик сѐ повеќе исчезнува од секојдневието, што се чини дека е сосема во интерес на Кремљ. Москва, според стратијата во интерниот документ, планира до 2030. година рускиот јазик да го истисне целосно белорускиот од службена употреба.

Белорускиот историчар Валеј Карбалевич смета дека брзо спојување на неговата земја со Русија засега е малку веројатно. „Не верувам дека Лукашенко ќе се одлучи на тоа, без оглед на целата негова зависност од Русија. И белоруското општество не е спремно за обединување. Сите институции се така конципирани што функционираат како независна држава“, вели Карбалевич.

И властодржецот во Минск веројатно има малку интерес за целосно реализирање на планот на Кремљ. Западните тајни служби сметаат дека двајцата политичари, Лукашенко и Путин, до денес немаат меѓусебна доверба, напротив, секој чека на смртта на другиот.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми