1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пленковиќ во Скопје: Средби со политичките и верски власти

5 април 2023

Хрватскиот премиер ќе се сретне со Ковачевски, Пендаровски и Џафери, со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, поглаварот на МПЦ-ОА, скопскиот бискуп и претставници на хрватската заедница

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ
Хрватскиот премиер Андреј ПленковиќФотографија: Markus Schreiber/AP/picture alliance

Со официјална церемонија и со највисоки државни и воени почести, македонскиот премиер Димитар Ковачевски денеска го пречекува хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, кој ќе престојува во еднодневна официјална посета на Северна Македонија. По тет-а-тет средбата на двајцата премиери, Пленковиќ ќе има средби со претседателот Стево Пендаровски и со претседателот на Собранието, Талат Џафери, при што ќе се обрати пред пратениците.

Пленковиќ ќе биде придружуван од министерот за економија и одржлив развој, Давор Филиповиќ, и oд парламентарниот претставник на албанското, бошњачкото, црногорското, македонското и словенечкото национално малцинство, Ермина Лекај Прљаскај, што навестува кои теми ќе бидат дел од разговорите.

Драгоцени хрватски искуства

Хрватска и Северна Македонија три децении негуваат пријателски односи, но тоа сѐ уште не е доволно искористено за да се подобри и зголеми економската соработка и трговската размена, потенцијалот за инвестиции и досегашните заложби за развој на туризмот меѓу двете држави, со можност за отворање директни авио-линии меѓу најпопуларните туристички дестинации во двете земји.

Хрватскиот министер за економија и одржлив развој, Давор Филиповиќ, веќе имаше средба со македонскиот колега Крешник Бектеши минатиот месец во Загреб, на која во фокусот беа актуелните економски предизвици. Бектеши истакна дека во процесот на трансформација на домашниот енергетскиот систем, Северна Македонија во Хрватска гледа земја од која може да користи искуства во делот на складирање на електрична енергија од обновливи извори на енергија, од Законот за инфраструктура за зелена енергија, како и искуства во делот на воспоставување на Фонд за енергетска ефикасност и одржлив развој. Според Бектеши, во реформскиот процес во Северна Македонија честопати се земени предвид позитивните примери и реформи во Хрватска, кои се покажале како успешни.

За односите меѓу двете земји важна е и соработката во културата, за што сведочи податокот дека минатата есен беше потпишана Програма за соработка помеѓу министерствата за култура на двете земји за периодот 2022-2025 година, а беше отворен и Културно-информативен центар на Северна Македонија во Загреб.

„Македонската и хрватската култура добро се познаваат, со децении успешно соработуваат и се надополнуваат. За уметниците и културните работници не постојат граници“, изјави министерката Костадиновска-Стојчевска.

Хрватска: Бегство од масовниот туризам

01:48

This browser does not support the video element.

Хрватскиот пример

Покрај економската и културната соработка, кои се сметаат за најсилна дипломатија меѓу две земји, врзното ткиво на пријателството и соработката го сочинуваат и малцинствата. Македонското малцинство е впишано во преамбулата на хрватскиот Устав, но не и хрватското малцинство во македонскиот. Согласно со билатералната Спогодба за заштита на правата на националните малцинства од Република Северна Македонија во Република Хрватска и хрватското малцинство во Северна Македонија, потпишана во ноември 2007 година, (за што е формирана и меѓувладина мешовита комисија), двете држави се должни да преземаат обврски за обезбедување на највисок степен на правна заштита, како и зачувување и развој на националните идентитети на малцинствата кои живеат во двете држави. Меѓувладина мешовита комисија за заштита на националните малцинства, во Хрватска е оценета како многу ефикасен механизам за унапредување на малцинските права. Во изминатиот период се правеа и дополнителни напори во таа насока. Кон крајот на минатата година, претставници на Заедницата на Хрватите во РСМ, од Агенцијата за остварување на правата на заедниците и од Центарот за правна аргументација и реторика при Правниот факултет на УКИМ, кој го носи името на Хрватот Иво Пухан, побараа поддршка од Европскиот Парламент за помалубројните заедници и нивните проектни активности во Северна Македонија и на Западен Балкан.

Со обврската на РСМ од преговарачката рамка со ЕУ- за впишување на Бугарите во Уставот, се отвора можноста за впишување и на другите малцинства, меѓу кои и хрватското. А токму преамбулата во хрватскиот Устав, во изминатите месеци честопати од владејачките партии во земјава беше спомнувана како позитивен пример, бидејќи во неа се споменуваат дури 22 малцинства. По ова, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, деновиве фрли ракавица, соопштувајќи дека е подготвен да разговара за хрватскиот пример.

„Нудиме консензус околу хрватскиот модел. Како е хрватската преамбула во хрватскиот устав, така да ја направиме преамбулата и во нашиот македонски устав“, порача Мицкоски.

Тој попладне ќе има средба со хрватскиот премиер и лидер на ХДЗ, сестринска партија на ВМРО-ДПМНЕ. Од ВМРО-ДПМНЕ во повеќе наврати досега истакнуваа дека на Балканот практично немаат поблизок партнер од ХДЗ, партија со која имаат цврста повеќедецениска релација.

Како што објави прес-службата на хрватската влада, Пленковиќ ќе се сретне и со поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан и со скопскиот бискуп д-р Киро Стојанов, а посетата ќе ја заврши со средба со претставници на хрватската заедница и на хрватски компании во Северна Македонија.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми