1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ИсторијаЕвропа

По 100 години, Италијанците тешко се откажуваат од фашизмот

БГ /РТР
28 октомври 2022

Италија денеска ја одбележува 100 годишнина од денот кога црнокошулестите поддржувачи на Мусолини вмаршираа во Рим за да ја преземат власта. Спомениците во негова чест се уште се потсетник на тоа време.

Италија Мусолини Марш
Марш на црните кошули на Мусолини во Рим на 28 октомври 1922 годинаФотографија: akg-images/picture-alliance

Точно сто години откако Бенито Мусолини ја презема власта во Рим, неговата фотографија се уште виси на ѕидот во официјалната резиденција на премиерот, како симбол дека Италија се уште не се ослободила од своето фашистичко наследство. 

За разлика од Германија која систематски ги прочисти сите симболи на нацистичкиот режим на Адолф Хитлер по Втората светска војна, Италијанците се далеку помалку ригорозни во отстранувањето на трагите од 21-годишното владеење на диктаторот. 

Споменици кои ја глорификуваат ерата на Мусолини го красат Рим, амблемите на неговата фашистичка партија можат да се видат по улиците, а резби на неговата армија ги украсуваат јавните простори.

„Германија има минато кое никогаш не може да се оправда. Тие никогаш нема да го заборават Холокаустот или Хитлер“, вели британскиот историчар Пол Корнер, кој минатиот месец ја објави книгата „Мусолини во митот и сеќавањето“, која се занимава со италијанската носталгија за фашизмот. 

Портрет на Бенито Мусолини од 1938 годинаФотографија: Leemage/imago

„Италија има минато кое едноставно не претставува проблем. Никој не бара да бидат уништени тие споменици на фашизмот. Тие едноставно се вклопуваат“, вели Корнер. 

Годишнина од маршот 

Земјата неделава ја одбележува 100 годишнина од денот кога црнокошулестите поддржувачи на Мусолини вмаршираа во Рим за да ја преземат власта. За да се избегне крвопролевање, кралот едноставно им ја препушти владата. 

Годишнината се поклопи со доаѓањето на власт на најдесничарската администрација во Италија од Втората светска војна, предводена од Џорџа Мелони чија партија, Браќата на Италија, има про-фашистички корени. 

Мелони пред парламентот изјави дека „никогаш не негувала симпатии за фашизмот“Фотографија: Gregorio Borgia/AP/dpa/picture alliance

Мелони во младоста беше поддржувач на Мусолини, но оттогаш го смени ставот, а во вторникот пред парламентот изјави дека „никогаш не негувала симпатии за фашизмот“ и ги отфрли расистичките, анти-еврејски закони од 1938 година, како „најниска точка во италијанската историја“. 

Град кој простува 

За разлика од уништениот Берлин, Рим и неговите фашистички орнаменти излегоа релативно нечепнати од Втората светска војна. Кога сојузниците го освоија градот во 1944 година, многу фотографии и симболи на „Ил Дуче“ беа тргнати. Но поголемите споменици беа оставени недопрени. Меѓу нив се и обелискот пред Олимпискиот стадион во Рим кој го носи неговото име, како и барелјефот на Мусолини во модерниот кварт Еур кој фашистите го изградија на 20 годишнината од маршот во Рим.

Десетици илјади Римјани работеа во фашистичката администрација и немаа никаков или многу мал удел во отпорот. По војната, тие немаа причина да го кријат своето минато.

„Рим е град кој простува“, вели Алдо Кацуло, чија книга „Мусолини, водачот на банда“, објавена во август, ги вади на виделина злосторствата на фашизмот кои, според него, биле пречистени, минимизирани или едноставно заборавени со текот на времето. 

Искривена претстава 

„Ние Италијанците имаме погрешна, искривена претстава за Мусолини. Ние се ослободивме себеси од било каква вина за фашизмот. Си раскажавме себеси измислена приказна за тоа што се случи“, вели Кацуло. 

Ред пред гробот на Бенито Мусолини во ПредапиоФотографија: imago images/Italy Photo Press

Британскиот историчар Корнер проценува дека околу 500.000 Италијанци загинале како резултат на катастрофалната одлука на Мусолини да застане на страната на Хитлер во Втората светска војна, вклучително и околу 7.700 италијански Евреи кои биле убиени во нацистичките логори на смртта. 

„По војната, Италија се претстави како невина жртва на фашизмот, но диктаторство не може да преживее 20 години без консензус и поддршка на луѓето“, вели Корнер. 

Иако постојат мали меморијали околу Рим за дел од жртвите на фашизмот, за оние кои беа убиени поради катастрофалните обиди на Италија да изгради империја, вклучителни и за стотици илјади Етиопјани- нема никаков потсетник.

Загубена битка 
Имињата на некои улици се уште се потсетници на тие колонијални освојувања, вклучително и Виа Амба Арадам, која е именувана во спомен на битка од 1936 година кога фашистичките трупи илегално ги бомбардираа етиопските војници со хемиски гас, убивајќи илјадници. 

Отстранување на споменикот на генералот Роберт И. Ли во Ричмонд, САД. Фотографија: Alex Wong/Getty Images/AFP

Последниве години, демонстранти во Британија ги симнуваат симболите на колонијалното минато на нивната земја, додека во САД, многу општини ги отстранија конфедеративните споменици, отфрлајќи ги како изрази на белата супериорност. 

Никој не очекува таков историски ревизионизам во Италија. 

„Анти-фашистите ја загубија културолошката битка“, вели Кацуло, објаснувајќи дека поимањето на темата како ексклузивно левичарска, ја прави неатрактивна за многумина.

Обидувајќи се да се спротивстави на ваквиот развој, италијанскиот министер за индустрија овој месец ја отстрани фотографијата на Мусолини од една изложба, но се соочи со критики од новоизбраниот спикер на Сенатот Игнацио Ла Руса. Тој рече дека фотографијата на Мусолини исто така се наоѓа и во министерството за одбрана.

„И ние ли ќе и се придружиме на културата на откажување?“, праша Ла Руса, десничарски ветеран кој е колекционер на фашистички симболи. 

„Доколку некоја фотографија е поставена некаде со години, не разбирам зошто сега да се вади. Што се смени во тој поглед во однос на минатата година?“

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми