1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Мајк Волц ќе биде американски амбасадор во ОН

Тагесшау | ЕМФ
2 мај 2025

По аферата со протекување информации во чет-група, американскиот советник за национална безбедност Волц веќе не беше соодветен за таа функција, но претседателот Трамп смета дека е добар за да биде амбасадор на САД во ОН.

САД | Мајк Волц
Мајк Волц се извлекува со донекаде зачуван образФотографија: Win McNamee/Getty Images

Трамповиот советник за национална безбедност Мајк Волц ќе стане нов американски амбасадор во Обединетите нации. Претседателот на САД на својата платформа Truth Social напиша дека сегашната позиција на Волц во Белата куќа привремено ќе ја преземе министерот за надворешни работи Марко Рубио, кој дополнително ќе ја извршува таа функција.

Неколку часа претходно, повеќе американски медиуми објавија дека Волц, кој беше вмешан во скандалот околу разговор во чет-група на комерцијалната апликација Сигнал, ќе биде разрешен како советник за безбедност. Во март, Волц, веројатно ненамерно, во чет-групата со високи владини претставници во која се разговарало за претстојните напади врз милицијата Хути во Јемен, го додаде Џефри Голдберг, главен уредник на американското списание Атлантик.

Во интервју на крајот на март, Волц рече дека ја презема „целосната одговорност“ за нарушувањето на безбедноста. Тој инцидентот го објасни со тоа дека бројот на новинарот можеби бил зачуван во неговиот телефон бидејќи мислел дека е број од некој друг.

Сенатот мора да го потврди амбасадорот на ОН

Со својата номинација за функцијата во Обединетите нации, Волц ја губи својата позиција во центарот на моќта во Вашингтон, но се извлекува со донекаде зачуван образ.

Во својата објава за новата функција на Волц, Доналд Трамп напиша: „Од неговото време во униформа на бојното поле, во Конгресот и како мој советник за национална безбедност, Мајк Волц работеше напорно за да ги стави интересите на нашата нација на прво место“. Трамп оценува дека Волц ќе го продолжи тоа во својата нова улога.

Сепак, назначувањето за амбасадор во ОН допрва треба да биде потврдено од американскиот Сенат. За таа функција првично беше предвидена конгресменката Елис Стефаник. Но, поради многу тесно мнозинство во Претставничкиот дом на САД, Трамп ја повлече нејзината номинација пред неколку недели.

Остра критика од демократите

Откако разговорот во чет-групата со детали за планови за напад стана јавен, опозициските демократи побараа оставка на Валц и на министерот за одбрана Пит Хегсет. И двајцата ја загрозија безбедноста на припадниците на американската армија, критикуваа демократите.

Лидерот на малцинството во американскиот Сенат, Чак Шумер, вчера (2.05) за Фокс њуз изјави дека Трамп отпуштил погрешен човек и дека требало да го отпушти Хегсет.

Но, на настан во Белата куќа, Трамп уште еднаш експлицитно го пофали својот министер за одбрана за неговата „фантастична работа“. Хегсет беше под зголемен притисок затоа што, според извештаи на медиумите, тој во втор разговор во чет-група на Сигнал за нападот во Јемен ги информирал и сопругата и братот.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми