1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

И Македонија ќе бара докази за корупција за Груби и Беџети

ДТЗ
11 декември 2024

МВР бара трпение, а судската фела разрешување на случајот со судијата Енвер Беџети заради зачувување на независноста и интегритетот на судската фела во земјата

Обвинителство
И македонските правосудни органи се вклучуваат во разветлување на наводите за корупција поради коишто поранешниот вицепремиер Артан Груби и судијата Енвер Беџети се најдоа на црната листа на САД. Фотографија: Petr Stojanovski/DW

И македонските правосудни органи се вклучуваат во расветлување на наводите за корупција поради коишто поранешниот вицепремиер Артан Груби и судијата Енвер Беџети се најдоа на црната листа на САД. Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски оформил предмет за обезбедување докази за евентуална кривична одговорност за лицата ставени на црната листа на САД. 

Предметот е доставен на постапување до надлежно обвинителство кое ќе издаде соодветни наредби до институциите во Северна Македонија за откривање на кривичните дела.

„Со оглед на сериозноста на наводите поради кои наведените лица беа назначени на листата, ги искористив своите овластувања и уште вчера оформив предмет со цел да се обидеме да обезбедиме докази со кои ќе ја провериме евентуалната кривична одговорност на лицата кои се доведуваат во врска со дејства на поткуп и трговија со влијание“, истакна Коцевски на брифинг со новинарите.

Тој нагласи дека е одлична соработката на Обвинителството со стратешките партнери од САД и особено со Амбасадата на САД. 

Mинистерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, бара трпение во однос на постапувањето за овие случаи и од страна на македонските истражни органиФотографија: Petr Stojanovski

САД бара акција, а МВР трпение

Американскиот Стејт департментот во понеделникот ги стави на „црна листа" поранешниот вицепремиер Артан Груби и судијата Енвер Беџети. Амбасадорката на САД, Анџела Агелер во вторникот (1.12) порача дека корупцијата во ниедна форма не треба да се толерира во земјата. „Оние кои го поткопуваат владеењето на правото заради лична добивка, а на сметка на народот во Северна Македонија, треба да разберат дека корупцијата има последици. САД ќе продолжи да повикува на одговорност за сите инволвирани во корупција, и се надевам дека судството и оние кои го спроведуваат законот во земјата ќе го направат истото. Граѓаните на оваа земја го заслужуваат тоа“, вели Агелер. 

Таа ги повика македонските правосудни органи соодветно да постапат. „Ако ние успеавме да ги составиме сите докази - можат и тие“, вели Агелер.  

Но, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски бара трпение во однос на постапувањето за овие случаи и од страна на македонските истражни органи. 

На прашањето дали ги имаат истите докази со коишто располага Вашингтон во однос на Груби и Беџети, министерот вели: „Добро е познато на јавноста дека никогаш не шпекулирам и никогаш не отворам информации за јавноста коишто се несоодветни во рамки на сето она постапување кое што е во надлежност на МВР. Би побарал трпение од македонската јавност засега“, рече Тошковски.

Министерот за правда, Игор Филков, смета дека надлежните институции во наредниов период до крај ќе треба да ја завршат својата работа. „Благодарен на нашите партнери што ни помагаат во процесите, но некои работи ќе мораме сами да ги истераме до крај. Во периодот што следи да видиме што ќе се случува, да не брзаме со заклучоци“, вели Филков.

„Црната листа“ - последен аларм за судството

„Црната листа“ на којашто се најде и судијата на Апелацискиот суд, Енвер Беџети, предизвика загриженост кај фелата.

„Ја нагласуваме својата посветеност за справување со секој облик на корупција во правосудниот систем во согласност со законите и етичките стандарди. Во таа насока Судскиот совет веќе презема мерки согласно со неговите надлежности“, порачаа од Судскиот совет. 

Фелата бара разрешување на случајот со судијата Енвер Беџети заради зачувување на независноста и интегритетот на судската фела во земјатаФотографија: Damien Meyer/AFP/Getty Images

Здружението на судии реагираше дека ставањето на „црната листа“ на САД на кој било судија е сериозен удар за честа и угледот на конкретниот функционер од судската власт. Тие повикаа на брзо разрешување на случајот, пред се заради зачувување на независноста и интегритетот на судската фела во земјата. 

Врховниот суд целосно ги поддржа и ги поздрави заложбите на Стејт департментот на САД кои се однесуваат на владеењето на правото и правната држава. „Неопходно е приоритетно да се постапува во согласност со законите и институционалните надлежности што е клучно за интегритетот на судството, остварувањето на целите на правдата и јакнење на јавната доверба. Недозволиво е да се поткопуваат темелите на судската власт преку политички влијанија, притисоци и коруптивни дејствија“, порачаа од судот. .

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми