1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

По црната листа на САД, на потег се македонските институции

ДТЗ
15 декември 2023

Откако бизнисмени и политичари се најдоа на црната листа на САД, се подготвува терен за нивно санкционирање и во земјата. Се спремаат две законски решенија.

корупција
Откако бизнисмени и политичари се најдоа на црната листа на САД, се подготвува терен за нивно санкционирање и во земјатаФотографија: Fotolia/Carlson

Откако на црната листа на САД се најдоа неколкумина бизнисмени и поранешни политичари од Северна Македонија, расте притисокот за соодветни постапки и санкции и од страна на домашните институции. Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, најавува носење на две законски решенија, коишто ќе го отворат патот за рестриктивни мерки и во земјата, штом некое лице ќе се најде на листата за санкции на САД. 

Ваквите намери таа му ги соопшти и на координаторот на Стејт Департментот на САД за глобално спречување на корупцијата, Ричард Нефју, на средба во рамките на Конференцијата на земјите потписнички на Конвенцијата на Обединетите Нации против корупцијата.

Се подготвува терен за санкции во земјата

Грковска вели дека на нејзина иницијатива е започната постапка за промена на Законот за рестриктивни мерки, во кој ќе се вклучат и правните акти на САД, по што македонските институции ќе имаат можност да преземат ефикасни мерки по објавувањето на конкретни имиња на листата на санкции на САД. Веќе наредната недела треба да заседава работната група што таа ја предводи.

Во тек е и подготовка на друго законско решение, кое исто така ќе биде врзано со листата на санкции на САД, а кое ќе обезбеди друг вид на конкретни санкции.

Грковска вели дека на нејзина иницијатива е започната постапка за промена на Законот за рестриктивни мерки, во кој ќе се вклучат и правните акти на САДФотографија: Reg. Nordmazedonien

Поддршка

Координаторот Нефју е дециден дека САД ќе продолжат да ги поддржуваат напорите на Република Северна Македонија за превенција на корупцијата, вклучително и со мерки кои овозможуваат одговорност за оние кои им штетат на граѓаните и иднината на земјата.

Како еден од стратешките приоритети на земјата е и потребата од зајакнување на капацитетите на судскиот систем во делот на справувањето со корупцијата и организираниот криминал. Во завршна фаза е и подготовката на Законот за конфискација на имот во граѓанска постапка, за кој веќе се одржа јавна расправа и добиено е мислење од Европската Комисија, по што следи имплементирање на забелешките.

На потег се институциите

САД изминатите години имаат издвоено речиси 500 милиони долари за владеење на правото и добро владеење во Северна Македонија. Но, и покрај тоа, американската амбасадорка Анџела Агелер деновиве констатираше дека има епидемија на корупција во земјата. 

Агелер оцени дека во последните 10 години има значително зголемување на корупцијата во земјата и вели дека „црната листа“ на САД на која, само во последните 8 месеци, се најдоа повеќе познати имиња на политичари и бизнисмени, е обид да им се помогне на македонските власти да почнат да се справуваат со проблемите.

Но, она што најмногу ја збунува американската амбасадорка е фактот што по секое објавено ново име на т. н. „црна листа“, „никој во Северна Македонија не е изненаден, ниту меѓу граѓаните ниту меѓу официјалните претставници“.  На пример, од јуни годинава, кога САД го ставија струшкиот градоначалник Рамиз Мерко на црната листа, досега, ниту еден македонски правосуден орган или институција не се обратила до нивни колеги во САД да побараат споделување на доказите, со цел да се отвори постапка и во земјата за лицата кои се на листата.

Листата расте - санкции во земјата нема

Црната листа на САД, на поранешни и актуелни функционери и бизнисмени осомничени за корупција, непрекинато расте од април 2022 година, кога на неа, најпрво, се најдоа експремиерот Никола Груевски и поранешниот шеф на тајната служба Сашо Мијалков. Во јуни годинава следуваше и струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, а по него бизнисменот Јордан Камчев со неговата мајка Ратка, како и рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко и неговата сопруга Ирина. Паралелно и неколку нивни компании беа блокирани.

Имињата на Груевски и Мијалков на листата на Министерството за финансии на САДФотографија: US-Finanzministerium

На 5 декември, САД го ставија и поранешниот вицепремиер, Кочо Анѓушев на црна листа поради „значителна корупција“.

Премиерот Димитар Ковачевски денеска одговарајќи на новинарско прашање за можноста за ширење на црната листа на САД изјави: „Не би сакал да шпекулирам или да коментирам во процес кој што Владата не е вклучена. Тоа е прашање до оние кои што водат такви процеси, а тоа се САД. Владата не е контактирана во однос на ова прашање“.  

Министерката за одбрана, Славјанка Петровска во четвртокот (14.12) оцени дека корупцијата претставува безбедносно прашање, поради што борбата против неа не треба да биде само декларативна. И таа очекува во иднина институциите во земјата поагилно да реагираат.

„Се работи и на измена на законодавството со кое што во иднина против лицата кои ќе се најдат на црни листи или на каков било начин ќе претрпат санкции, дали тоа ќе биде од ЕУ или од нашите стратешки партнери, ќе можат веднаш да бидат преземени мерки и во РСМ. Ова е само еден мал сегмент, меѓутоа навистина е значаен ако сакаме навистина да се справиме со корупцијата“, рече Петровска.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми