1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

По Додик, два Додика

Драган Максимовиќ
24 ноември 2025

Сојузот на независни социјалдемократи прогласи победа на Синиша Каран на предвремените избори за претседател на РС. Во СДС не го признаваат резултатот. Излезноста е на историски минимум.

Синиша Каран и Милорад Додик
Синиша Каран од владејачката партија СНСД и близок соработник на Милорад Додик, победи на претседателските избори во Република СрпскаФотографија: Elvis Barukcic/AFP/Getty Images

Победата на Синиша Каран ја потврди и Централната изборна комисија на Босна и Херцеговина, која само четири часа по затворањето на гласачките места на јавноста ѝ ги претстави резултатите од наједноставниот процес за броење гласови на избори.  „Синиша Каран (СНСД)  освои 200.116 гласови или 50,89 проценти, додека Бранко Блануша (СДС) освои 188 илјади гласови или 47,8 проценти од гласовите“, изјави Јован Калаба, претседател на ЦИК. Прелиминарните резултати беа објавени врз основа на 92 проценти обработени гласачки места. Другите четири кандидати не надминаа ниту половина процент од гласовите.

Мир, стабилност, процут

Уште пред ЦИК победа прогласија од СНСД, чиј претседател  Милорад Додик рече дека „сега имаат двајца Додика“, откако сакаа да го отстранат во нефер процес.  Тој повторно го прозва високиот претставник. „Овие избори се одржаа под неповолни околности и интервенционизам на надворешен фактор“, наведе Додик и победата ја прогласи за голема. „Ова е победа за Република Српска и ја покажува нејзината стабилност. Му честитам на Синиша Каран“, рече Додик. Новоизбраниот претседател на РС, кој ќе биде трет за само три месеци, повика на мир и стабилност, но и на борба против странско влијание врз креирањето на животот на српскиот народ. „Српскиот народ сега даде конечен одговор велејќи не на било кој странец узурпатор кој може да ја менува неговата волја“, рече Синиша Каран и порача дека РС не е закана за никого и дека мирот и стабилноста се приоритет.

Милорад Додик: Ова е победа за Република Српска и ја покажува нејзината стабилност, му честитам на Синиша КаранФотографија: Dragan Maksimović/DW

Тој најави економски процут. „Ќе се впуштиме во инвестиции и работа, економски процут и закрепнување. Ви благодариме граѓани на РС за довербата што е нашиот пат, за заштитата на Уставот и она што ни го донесовте, нашите уставни слободи и на сите што живеат во РС“, порача Каран.

Малверзации

Историски ниската излезност ја отвори Пандорина кутија со обвинувања од страна на опозицијата за манипулација за време на изборниот процес, но и избегнување на овој факт од страна на властите, со оглед на тоа што првенствено се работи за нивна политичка загуба. Опозицијата бара повторување на изборите во Лакташи, Зворник и Добој поради сомневања за изборна измама. Тие не го прифаќаат изборниот резултат и победата на Синиша Каран. „Повторно обид за прекројување на изборната волја. Резултатите меѓу кандидатите се толку мали, станува збор за неколку стотици разлика, но во корист на професорот Блануша“, рече лидерот на Српската демократска партија, Јовица Радуловиќ. Тој порача дека треба да се сочекаат резултатите од мобилните тимови. „Ова е посебна вечер, вечер на политичкиот крај на Милорад Додик“, рече Радуловиќ, кој верува во победата на Блануша, иако и остатокот од опозицијата индиректно го призна тоа. „Овие избори не завршуваат вечерва, туку откако ќе се повторат изборите во Добој, Зворник и Лакташи. Има снимки од обиди за изборна измама и изборна кражба, особено во Лакташи“, предупредува Радуловиќ.

Посилно, побрзо, подобро

Остатокот од опозицијата отелотворен во движењето „Безбедна Српска“, чиј лидер е ПДП на Драшко Станивуковиќ, му ја честиташе победата на Блануша само во Бања Лука, односно тоа што од самиот почеток и им требаше. „Со ова покажавме дека нашиот град останува бастион на опозициската борба, најсилен двигател на промени и неосвоива тврдина за СНСД! Благодарам на моите сограѓани од Бања Лука, затоа што заедно одбранивме сè за што се боревме во изминатите години.

Историски ниска излезност со обвинувања од страна на опозицијата за манипулација за време на изборниот процесФотографија: Elvis Barukcic/AFP

Ова е исто така доказ дека политиките што ги спроведуваме уживаат голема поддршка од народот“, пиша Станивуковиќ со пораката „одиме напред, одиме посилно“. Посилно и подалеку оди само кандидатурата на Драшко Станивуковиќ од ПДП на претседателските избори следната година, чија поддршка за Блануша беше млака и неодлучна уште од самиот почеток токму поради одржување политичкиот фронт спрема СНСД уште една година до изборите. Во случај на победа на Блануша, фронтот би морал да ослабне по сила на околностите, бидејќи „уривањето“ на другиот опозиционен кандидат не би имало смисла. „Да не беа манипулациите, ќе можев уште вечерва да прогласам победа“, рече Блануша, најавувајќи барање за повторување на изборите во Лакташи, Зворник и Добој.

Биполарно растројство

Сценариото во кое сите победија, а никој не изгуби е редовна појава на  политичката сцена во Босна и Херцеговина.  Експертите причината за ова ја лоцираат во политичка незрелост и низок степен на политички развој не само кај политичарите, туку и кај граѓаните, од кои само една третина го искористиле своето право на глас, што е историски минимум. „Ми делува како некој да има биполарно растројство во ова општество. Овие луѓе велат црно, оние велат бело, овие велат украдени, другине нешто слават. И година за година го слушаме истиот наратив. Според мене, кога некој е политички созреан, мора да каже да, јас победив. Или ако изгубил, да, јас изгубив“, вели социологот Владимир Васиќ. „Се работи за историски ниска излезност. Никогаш не сме имале толку ниска излезност на избори за повисоки нивоа на власта“, посочува Дарио Јовановиќ од коалицијата Под Лупа, која што го надгледува  текот на изборниот процес во БиХ.  Излезноста на овие избори изнесува 35,78 проценти или на  гласачките места излегле 443.472 гласачи, што е за 17,2 проценти помалку во однос на претходните избори, објави ЦИК на  Босна и Херцеговина.  Кога станува збор за изборни неправилности, пријавени се три нарушувања од кои едно се однесува на обид за гласање од лице кое било информирано дека некој веќе гласал во негово име.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми