Карневалот во Рајнската област во полн сјај
16 февруари 2023Точно во 11 часот и 11 минути во трите големи карневалски упоришта со поздравите „Алаф“ и „Хелау“ започна „жешката фаза“ на карневалската сезона во Рајнската област. Полицијата насекаде беше присутна со големи контингенти. Досега, меѓутоа, нема извештаи за инциденти.
Во Келн, каде годинава карневалот ја слави својата 200-та годишнина, плоштадите и улиците во центарот на градот, на облачно време, беа преполни со карневалисти. Според полицијата во Келн, во квартот Цилпихер, кој е особено познат по уличниот карневал, имало голем наплив на карневалисти. Поради тоа, уште утрината, биле блокирани повеќе приоди кон квартот.
Во Дизелдорф и на други места, согласно традицијата на денешниот карневалски ден наречен „Вајберфастнахт“ жените симбололично ја презедоа власта во градските и во општинските собранија. Во Мајнц, на малку магливо време, имаше бројни веселби по повод кулминацијата на карневалските прослави. Според полицијата, неколку илјади луѓе го прославиле плоштадот Шилерплац во главниот град на германската покраина Хесен.
Карневалската сезона, инаку, почнува на 11 ноември, кога прослави се одржуваат во карневалски сали.
Уличниот карневал за првпат по две години започна без ограничувања поради коронавирусот. Најважните моменти на таканареченото „Петто годишно време“ во Рајнската област се уличните поворки на таканаречениот „Розенмонтаг“, на кои, во понеделник, 20 февруари, само во Келн, Мајнц и во Дизелдорф се очекуваат стотици илјади посетители.
Сето ќе заврши во среда на 22 февруари на таканаречената „Среда пепелница“: тогаш вљубениците во карневалот треба да почекаат до 11 ноември наредната година, кога започнува новата карневалска сезона