1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Каховка: Десетици илјади луѓе без вода за пиење

ЕМФ | агенции | Тагесшау
8 јуни 2023

По експлозијата на браната Каховка, десетици илјади луѓе во јужна Украина се без вода за пиење. Претседателот Зеленски предупредува од катастрофа за животната средина и земјоделството. НАТО закажа итен состанок.

Поплавен дел од Херсон
Поплавен дел од ХерсонФотографија: Roman Hrytsyna/AP/dpa/picture alliance

По оштетувањето на браната Каховка расте загриженоста од последиците за населението во јужна Украина. Украинските власти вчера (7.06) испратија спасувачи кои треба да им помогнат на стотици луѓе заглавени на покривите и треба да донесат вода за пиење во поплавените подрачја.

Претседателот Володимир Зеленски, кој одржа средба со надлежните власти за натамошните чекори, предупреди од еколошка катастрофа. Во видео објавено на Јутјуб, Зеленски вели дека е невозможно да се предвиди колку од хемикалиите и нафтените продукти складирани во поплавените области ќе завршат во реките и морето.

Експерти: Уништувањето ќе „избрише цели заедници“

Украинското Министерство за земјоделство е исто така во состојба на аларм: „Нивите во јужна Украина следната година може да се претворат во пустини“, се вели оттаму.

Браната и акумулацијата Каховка беа критични за снабдувањето со слатка вода и за наводнување на јужна Украина. Веќе сега е јасно дека десетици илјади луѓе се останати без вода за пиење, посевите се уништени и се наѕира долгорочен недостиг на електрична енергија. Уништувањето „ќе резултира со трајно оштетување на земјоделството и снабдувањето со вода за пиење“ и „ќе избрише цели заедници“, изјави за PBS NewsHour аналитичарот Мајкл Кофман од  американската истражувачка група Центар за поморски анализи.

Спасувачи евакуираат постара жена од поплавен дел од градот ХерсонФотографија: Evgeniy Maloletka/AP/dpa

Руските војници побегнале по пробивањето на браната

Во градот Олешки, контролиран од Москва, 19-годишната Лера за новинската агенција АП изјави дека првиот кат од нејзиниот дом е поплавен. „Сè околу нас плива. Луѓето стојат на покривите и бараат помош, но никој не ги евакуира“, раскажува Лера, која не сака да го каже своето презиме поради страв од репресалии.

Повеќето руски војници побегнале од Олешки веднаш по пробивот на браната, вели Лера. Сепак, како што додава таа, сѐ уште постои еден воен контролен пункт. Чамците со луѓе кои се обидуваа да го напуштат градот, тврди девојката, се нашле под оган на војниците. Нејзините изјави немаат потврда од независен извор.

Поплави во Нова Каховка по пробивањето на бранатаФотографија: Taisija Voroncova/SNA/IMAGO

Генералниот секретар на НАТО претседава со кризен состанок

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, за денеска најави итен состанок со Украина во врска со „срамното уништување“ на браната Каховка. Инцидентот „протера илјадници луѓе и предизвика еколошка катастрофа во Украина“, објави Столтенберг на Твитер.

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба ќе учествува на состанокот на Комисијата НАТО-Украина преку видео врска. НАТО не даде дополнителни информации за средбата. Кулеба на Твитер напиша дека средбата се одржува на негово барање. Столтенберг вети дека „механизмите на НАТО ќе се користат за давање хуманитарна помош“.

Шефот на украинската дипломатија повтори дека „кризата“ е предизвикана од „руското уништување на браната Каховка“. Украина и Русија меѓусебно се обвинуваат за експлозијата што делумно ја уништи браната на реката Дњепар пред два дена. Огромни количества вода поплавија големи области на јужна Украина. Илјадници луѓе се веќе евакуирани, а расте и загриженоста од еколошка катастрофа.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми