Поради ѓубрето во Скопје - апсења во „Комунална хигиена“
27 октомври 2025
По хаосот со ѓубрето во Скопје, кое со денови беше затрупано во отпад, Јавното обвинителство информираше дека се приведени две лица од раководството на „Комунална хигиена“, во врска со сомненија за кривично дело од член 230 од Кривичниот законик. Овој член се однесува на загрозување на животната средина и природата со отпадни материи.
„По наредба на Основното јавно обвинителство Скопје, полициски службеници преземаат дејствија за обезбедување докази. Приведени се и задржани две лица од раководството на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, во врска со сомненија за загрозување на животната средина и природата со отпад“, наведуваат од Обвинителството.
Според дел од медиумите, меѓу приведените е и директорот на „Комунална хигиена“, Сабахадин Рустеми. Од Јавното обвинителство засега не ја потврдуваат информацијата.
Рустеми, како кадар на ДУИ, беше поставен за директор на „Комунална хигиена“ во јануари годинава од страна на скопската градоначалничка Данела Арсовска, којашто по веста реагираше на социјалните мрежи. Таа вели дека „претседателката на Управен одбор на „Комунална хигиена“, по наредба на ВМРО-ДПМНЕ континуирано со години прави опструкции додека градот не се удави во смет“. „И сега директоров им е виновен кој не можел да набави 35 нови камиони бидејќи тоа Јулијана го одложила за да ги набави Орце“, реагира Арсовска.
Истрага и наредби
Истрагата за работата во „Комунална хигиена“ започна откако во Градот Скопје подолго време не се собираше сметот, што претставуваше ризик за здравјето на граѓаните. Поради појава на стаорци, надлежните институции издадоа мерки и препораки за заштита на жителите во главниот град.
Основното јавно обвинителство Скопје на 21 октомври издаде наредби до МВР и до други надлежни органи за итно постапување и проверки во однос на работењето на Јавното претпријатие (ЈП) „Комунална хигиена“.
Мицкоски најавува „интересна разврска“
Премиерот Христијан Мицкоски при посетата на Градската општа болницата „8 Септември“ најави дека скора разврска за несобирањето на ѓубрето во главниот град.
„Мислам дека таму ќе има разврска, која што ќе биде многу интересна да ја следите“, рече Мицкоски, додавајќи дека и во наредните денови контејнерите ќе се празнат со камиони од другите градови.
Мицкоски им се заблагодари на градоначалниците на Велес, Штип, Кавадарци и Куманово за поддршката што ја даваа изминативе денови со механизација за чистење на сметот во Скопје.
„Откако ќе победи Орце Ѓорѓиевски, кога ќе се примопредаде практично раководењето со градот Скопје, целата работа со сметот да се нормализира. Впрочем, имаме ветувања 72 часа откако ќе го преземе управувањето на Градот Скопје дека сметот треба да биде комплетно исчистен и тоа да биде еден тековен процес, не да биде вест, туку нормална работа на институциите на градот“, рече премиерот.